Не Мерцедес-АМГ, туку Мајбах: СЛ Монограм Серија

Новата стратегија на Мерцедес-Бенц Карс, со своите марки Мерцедес-Бенц Карс, Мерцедес-Бенц Ванс, Мерцедес-АМГ, Мерцедес-Мајбах, е постојано да се пуштаат ексклузивни модели во најмали можни серии, наменети главно за колекционери, што одвреме навреме ќе се појавуваат на отмени собири покрај езерото Комо или на Пебл Бич. Најнов таков модел е Мерцедес-Мајбах СЛ Монограм Серија.

Сопствениците на Монограм Серијата на СЛ единствено треба да решат дали нивниот двосед да биде црвен или бел. Сé друго е изведено врвно и нема што да се додаде.

СЛ е четвртиот модел во понудата на Мајбах, покрај С-Класа, ГЛС и електричниот ЕКуС СУВ. Родстерот СЛ 680 Монограм Серија е најспортскиот модел во историјата на марката.

Секако дека е посебно чувството да се вози најлуксузен автомобил без покрив. Тоа што исто така се подразбира е уживање и во возните својства и во перформансите на СЛ 680 Монограм Серија, што доаѓа од гените на АМГ на самиот СЛ.

Мерцедес-Мајбах на сето тоа додава врвна рачна изработка, избрани материјали и детали доработени до ситница. Мајсторијата е во тоа што овој луксуз се доживува со сите сетила. Продажбата во Европа веќе започна, наскоро следат и останатите пазари ширум светот.

Даниел Лесков, раководител на Мерцедес-Мајбах: „Сакаме да ги изненадиме нашите клиентки и клиенти, да ги инспирираме и да ги одушевиме. Со Мерцедес-Мајбах СЛ Монограм им го нудиме најспортскиот и најелегантен модел што го имаме изработено досега. Вистински Мајбах за врвно уживање на воздух.“

Луксуз со мера и два стила

Мерцедес-Мајбах СЛ е спој на убавина и спорт. Во белата варијанта на Монограм Серија, каросеријата е во комбинација од мат опалит бела боја со црна металик боја за горната половина на каросеријата. Кај црвената варијанта, контрастот е меѓу калинка црвена металик и црна металик боја. Калинка црвената е боја на Мерцедес-Мајбах што посебно е дизајнирана за СЛ и се одликува со посебна длабочина.

Внатрешноста е во знак на леснота и слобода. Сé е под кристално бела напа кожа, вклучувајќи ги вратите, средишната конзола и просторот зад седиштата. Мајбах вели дека тука се поседува чувство како во кожурец.

Контраст со белата кожа прават хромираните украси во кабината и на задниот дел на седиштата. Уште една посебност на мануфактурата е дебелото исполнување на седиштата. Образите на седиштата се спуштени за да се олесни седнувањето и излегување.

Кој не сака бело и црвено, има уште 50 бои од Мануфактур

Преку 50 бои што Мануфактур ги нуди покрај препорачаните комбинации на бела или црвена каросерија, се инспирирани од скапоцени камења, минерали и природни феномени, како сината боја на Азурниот Брег. Има и бои што се избрани според модата, како и бои што се нова интерпретација на историските модели на Мерцедес и Мајбах.

СЛ е прв модел на Мајбах со „превртена“ маска, односно со хромирана маска во форма на А. Тоа го спушта оптичкото тежиште на родстерот. Работ на маската е осветлен, заедно со името. Рамката на ветробранот е хромирана. Хаубата е различна од АМГ СЛ.

Посебно скапо лакирање на хаубата на СЛ Монограм. Цената: 7.735 евра

По желба, хаубата може да биде доработена во мат графитна боја, со ситно лого Мајбах во неа. Изработката е мошне сложена и во најголем дел е рачна. Хаубата прво се лакира во основниот лак, па следи првиот проѕирен лак, што потоа се бруси рачно. Следно е постапка Пиксел Пејнт, со нанесување на ситно лого на Мајбах. Понатаму, хаубата добива уште два проѕирни слоеви и се бруси, па следи сјаен лак.

За постапката Пиксел Пејнт се користи печатарска глава со преку 1.000 отвори, со тоа што секој отвор се контролира посебно. На тој начин се добиваат микроскопски капки со големина од 20 до 50 микрометри. Во секоја секунда летаат преку 1.000 капки. Не се создава магла, нема потреба да се облепува остатокот од каросеријата.

[the_ad id=”85764″]

Во споредба со АМГ, верзијата на Мајбах вклучува најтемелна изолација. Звукот на издувот е различен, со препознатливата нота на Мајбах. Во придушувачкиот лонец се користи колку можело повеќе звучна изолација.

Полуактивното подвозје работи со хидраулични елементи, место со обични попречни стабилизатори, за спречување на страничното наведнување на каросеријата. Мајбах СЛ вози како брод.

Моторот е 4,0-литарски Ве-8 со 585 КС и 9-степен автоматски менувач. На тоа доаѓа погон на сите тркала 4Матик+ и електронски регулирана блокада на задниот диференцијал. И задната оска е управувана.

Цената без посебни желби, според германскиот вебсајт: 255.850 евра.

Претходна објаваТест-возења на салонот ИАА во Минхен ќе нудат 20 марки
Следна објаваДонгфенг надмина извоз од 10.000 возила месечно, се шири пазарот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here