Приклучниот хибриден погон добива вистински смисол во новата генерација, откако досегот се зголеми двојно, со напредокот во батериската техника и во ефикасноста. Ауди А6 врз новата платформа ППЦ стартуваше како класичен бензинец и како благ хибрид, вклучувајќи дизел, а сега се заокружува гамата со е-хибрид, со верзија со приклучен хибриден погон и досег до 106 километри на струја.
Ауди има две нови шестки. Едната е целосно електрична и се води како А6 Е-Трон, конструирана врз истата платформа ППЕ со Ауди Ку-6 Е-трон и Порше Макан, другата користи мотори со внатрешно согорување и трпи електрификација, означена како ППЦ, што ја имаше својата премиера во Ауди А5.
Планот на Ауди пред да почне со бранот нови модели беше, А6 со мотори со внатрешно согорување да се преименува во А7 – и по тој пример сите останати моделски серии со класичен погон да добијат непарен број – додека електричните ќе се распознаваа по парниот број. Тој план се откажа, електричниот А6 во ознаката се разликува од класичниот А6 по веќе вообичаената додавка Е-трон.
Два степени на моќност стојат на располагање: Системска моќност од 220 киловати/299 КС и 270 киловати/367 КС. Главната „сила“ на новите изведби на Ауди А6 со приклучен хибриден погон е во батеријата. Таа е од нова генерација и располага со капацитет што е зголемен за 45% во споредба со претходничката. За возење на струја стојат на располагање 20,7 киловатчасови енергија.
Ауди во новата генерација модели се навраќа на традиционалните обележја на марката, а меѓу нив секако е и динамиката. Тоа се прикажува и во формата на каросеријата, со долга хауба и со широка трага на тркалата, што во комбинација со продолженото меѓуоскино растојание прави лимузината и Авант да оддаваат и отменост.
Лимузината го почитува традиционалниот стил на Ауди и на А6, со заоблениот лак над страничните прозорци, додека кај Авант се нагласува должината на опашот, вклучувајќи го долгиот кровен спојлер. Јасно се забележуваат и високо поставените кругови на Ауди.
Во двете изведби работи 2.0 ТФСИ со 252 КС, во комбинација со елеткромотор, што во посилната изведба испорачува 105 кВ, односно 143 КС. Во тој случај, А6 е-хибрид со системски 367 КС и 500 њутнметри, спринтува за 5,3 секунди до темпо сто. Кај послабата изведба се 6,0 секунди. Брзината во двата случаи е ограничена на 250 км/ч.
Клучниот дел во новиот хибриден погон е батеријата, којашто е со зголемен капацитет и испорачува енергија за преку 100 киломтри да се извозат на струја.
Највисоката моќност на полнење изнесува 11 кВ. Времетраењето на полнењето трае 2,5 часови до 100 проценти, односно значително покусо до 80 проценти.
Подобрување има и во моќта на рекуперација, а тоа значи дека при спуштање или сопирање, повеќе енергија од залетот се претвора во електрична и се акумулира во батеријата. Преку рачки на воланот може да се избира меѓу три степени на рекуперација.
Уште една посебност е поврзаноста на рекуперацијата со навигацијата. Кога е поставена цел, хибридот автоматски вклучува рекуперација, раководејќи се според навигациските карти, со цел до одредиштето да се мине колку е можно подолг пат со користење на преостанатата енергија во батеријата.
Во возењето може да се избере чисто електричен режим или хибриден режим, во којшто по желба се одредува минимална наполнетост на батеријата.

Во погонската спрега се користи електрифициран менувач со двојна спојка и погон кватро-ултра. Стандард во е-хибрид е управувањето и на задната оска. Во споредба со претходничката, изолацијата во кабината е подобрена за 30 проценти.
Цената на лимузинската изведба со 299 КС во Германија е 65.800 евра, за Авант треба да се смета на најмалку 68.300 евра. Посилната изведба чини 75.050 евра како лимузина, односно 77.550 евра како Авант.
Стандард е пакет С-Лајн за надворешност и за кабината, спортско подвозје, поголеми тркала и црвени сопирачки клешти. Испораките на германскиот пазар очекува да стартуваат веќе налето.
















