
Во претходниот дел од серијата се објавени СУВ-моделите од повеќе класи од премиум производители, во ова продолжение следат класичните каросериски форми од премиум сегментите, главно комбилимузини и лимузини, во четири класи, почнувајќи од Мини Купер и Алфа Ромео Јуниор, преку Ауди А3 и БМВ од серијата 1, до Е-Класата на Мерцедес-Бенц и серијата 5 на БМВ.
Во првите три месеци од 2025 година, според првичните податоци што покриваат 93 проценти од пазарите во ЕУ, ЕФТА (Швајцарија, Исланд, Норвешка, Лихтенштајн) и Обединетото Кралство, најпродавани се следните премиум-модели по одделни сегменти:
Во сегментот на премиум модели од градска класа во првото тромесечје се продадени 74.875 возила или за 22,9 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Единствени модели со скок во продажбата се Лексус ЛБИкс (+493,9%) и Ауди А1/С1 (+50,9%). Најголемиот раст сепак доаѓа од новодојденката Алфа Ромео Јуниор, со продадени 9.160 примероци, како и од Мини Ејсмен. Солиден старт за електричниот Алпин А290, на база на Рено 5.
Во сегментот на премиум модели од компакт класа во првото тромесечје се продадени 94.216 возила или за 23,4 проценти помалку во споредба со истиот период лани. Сите модели во Топ 10 имаат намалена продажба, со најголем пад кај Мини Клабмен, којшто сепак доби замена со Мини Ејсмен, сега модел во градската класа.
Во клучниот сегмент на премиум модели од средна класа во првото тромесечје се продадени 57.872 возила или за 36,7 проценти помалку во споредба со истиот период лани. Сите модели во Топ 10 имаат намалена продажба, единствен новитет е ДС Но.8. Впечатлив е успехот на електричниот БМВ и3 на третото место, како и на уште еден електричен модел, Полстар 2, на петтото место.
Освен градските премиум автомобили, раст во првите три месеци има само уште кај премиум моделите од вишата класа, носители на имиџот и на профитот. Во овој сегмент во првите три месеци се продадоа 52.037 возила или за 33,4 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Расте пазарот на БМВ Серија 5, Е-Класата на Мерцедес-Бенц и Ауди А6.
Во петтото продолжение ќе ја заокружиме серијата со ванови од компакт и средна класа, луксузни лимузини, со купеа/кабриолети од големоволуменски марки и егзотични модели.
Претходните извештаи
Топ 10 најпродавани модели во Европа по сегменти (Дел 1): Градски, компакти, мини, средна класа
Топ 10 најпродавани модели во Европа по сегменти (Дел 3): Премиум модели, СУВ, купеа, кабриолети















