
Киа ЕВ3 е светски автомобил на 2025 година. Жири составено од 96 автомобилски новинари од 30 држави, од коишто повеќето објавуваат во медиуми од светски глас, со своите гласови прво избраа по три најдобри новитети што продолжија во финалето на изборот.
Ова е втора поселдувателна победа на Киа во Изборот на Светски Автомобил на Годината и вкупно трета победа за марката во овој избор. Најважната автомобилска титула во светот лани ја освои Киа ЕВ9, а четири години пред тоа, триумфираше Киа Телјурајд. Во 21-годишната историја на овој избор, Киа има победено вкупно шестпати, вклучувајќи ги победите во одделните категории на изборот, покрај врвната титула на Светски Автомобил на Годината.
„Наградата на Светски Автомобил на 2025 година за ЕВ3 ни претставува неизмерна чест на сите нас во Киа. Оваа награда го потврдува лидерството на Киа во светот, да обезбеди решенија за мобилност што се издвојуваат со дизајнот, технолошкиот напредок и одржливоста, како и начинот на којшто атрибутите на ЕВ3 што се врв во класата, го редефинираат корисничкото искуство на купувачите во целиот свет“, кажа Хо Сунг Сонг, претседател и извршен директор на Киа.
Киа ЕВ3 ја достигна главната награда, поаѓајќи од почетниот список со 52 кандидати од целиот свет. Следниот чекор на 18-ти март беше избор на трите финалисти во шесте категории на изборот, според бројот на гласовите на жирито.

Во трка за главната награда на Светски Автомобил на 2025 Година останаа Киа ЕВ3, БМВ Икс 3 и Хјундаи Инстер. Во триото, единствено БМВ е модел со конвенционален погон, со мотор со внатрешно согорување.
За еден модел да биде прифатен во изборот, потребно е тој да се произведува во најмалку 10.000 примероци, мора да е под нивото на цените на луксузните автомобили на своите главни пазари и мора да е пуштен во продажба на најмалку два големи пазари (Кина, Европа, Индија, Јапонија, Кореја, Латинска Америка, САД), или барем на два континенти, меѓу 1-ви јануари 2024 и 30-ти март 2025 година.
Победниците во шесте категории на Изборот на Светски Автомобил на 2025 година
Главна титула на Светски Автомобил на 2025 година
- Киа ЕВ3 (780 бодови)
- Хјундаи Инстер (764)
- БМВ Икс 3 (754)
Светски луксузен автомобил на 2025 година
- Волво Е Икс 90 (759)
- Порше Макан (758)
- Порше Панамера (751)
Светски автомобил со високи перформанси на 2025 година
- Порше 911 Карера ГТС (819)
- Порше Тајкан Турбо (792)
- БМВ М5 (774)
Светски електричен автомобил на 2025 година
- Хјундаи Инстер (788)
- Киа ЕВ3 (785)
- Порше Макан (752)
Светски градски автомобил на 2025 година
- БИД Сигал (776)
- Хјундаи Инстер (773)
- Мини Купер Електрик (756)
Најдобар автомобилски дизајн во светот за 2025 година
- Фолксваген ИД Баз (328)
- Тојота Ланд Крузер (302)
- Киа ЕВ3 (292)
Изборот за Светски Автомобил на Годината се одржа првпат во 2004 година.















