Доколку уште постоеше избор на автомобил на годината во Македонија, се чинат мали изгледите дека некој друг модел што се очекува да стартува годинава ќе ги побие аргументите на Ситроен Ц3 Еркрос и ќе освои повеќе публика и купувачи. Кај овој автомобил се гледа противвредноста за парите, но и се чувствува.
Во јануари, на презентацијата и тест-возењата на новата генерација на Ц3 Еркрос во Сиџес, Шпанија, беше сосем јасно дека Ситроен направи уште еден голем автомобил. Тогаш и првиот во моделската серија 3 на Ситроен, новиот Ц3, веќе имаше фатено залет во продажбата и се потврди дека тој ќе го продолжи успешното поглавје од претходната генерација на Ц3 на македонскиот пазар.
Тогаш единствено остана прашањето, колку ќе чини новиот Ц3 Еркрос, СУВ-изведбата со истата платформа Смарт Кар како Ц3, но поголема и со простор за седум патници? Со цената од 15.990 евра за основниот модел, Ц3 ја врати надежта на купувачите, дека сé уште може да се купи пристојно парче нов автомобил по разумна цена, далеку од звучната (и не само звучна) граница од 20 илјади евра. Уште една вистина е дека главнината од досега продадените примероци се во нивото Плус, а тоа е средното ниво, што почнува од 17.290 евра.
И, ете го новиот Ц3 Еркрос во македонскиот салон на Ситроен, со цената: 18.490 евра, вклучувајќи го промотивниот попуст од 1.000 евра. Тоа не е ништо помалку од сензација. Во денешниот свет што половина се живее со гледање во смартфон, навикнати сме дека секој претерува по малку или уште малку повеќе, меѓутоа ова е кола што мора да се доживее во живо и да се погледне масивноста на Еркрос во споредба со стандардниот Ц3, со којшто ја дели техниката.
Еркрос е навистина самостоен модел, и со дизајнот, и со просторноста. Разликата меѓу Ц3 и Ц3 Еркрос во ова поколение е многу поголема и поопиплива отколку претходно
Поглавјето што сега го отвора Ц3 Еркрос потсетува на времето во средината на 1990-те, кога Ситроен имаше слично голема моделска револуција – на времето на Берлинго. Долго време се немаше случено толку големо и корисно парче автомобил да се добие по цена на обичен модел. Тогаш се стекнуваше впечаток дека цела Македонија вози Берлинго.
Ако се земе примерот од Ц3, и се претпостави дека купувачите ќе го избираат и Ц3 Еркрос во средното ниво Плус, тоа пак е цена под звучната граница од 20.000 евра. Тоа што Ситроен го постигна со Еркрос е понуда на СУВ по цена на обична градска комбилимузина. Голем нов „Берлинго“.
View this post on Instagram
Покрај изведбата со 1,2-литарски турбо-бензинец со 100 КС, Еркрос се нуди и во изведба со благ хибриден погон, со електромотор со 28 КС што е вграден во самиот менувач со двојна спојка и што прави возењето во голем дел да личи како возење класичен хибрид. Стартот таму чини 23.990 евра, со ниво Плус.
Тоашто нивото Плус го нуди „плус“ во споредба со појдовното ниво Ју е задна камера, вештачка кожа на воланот, седишта со нагласено комфорно седење, автоматика за клима уредот, автоматика и за долго светло, електрично собирање на ретровизорите, носачи за багаж и уште дузина ставки за комфор и стил.
Објавата за првото возење на Ц3 Еркрос во Шпанија
Ситроен Ц3 Еркрос на прво возење во Шпанија · Со место за многу обожуватели
















