Компактните СУВ станаа најпродаван сегмент во Европа, се бараат електрични и хибридни модели

Фолксваген во првите два месеци од годинава ја зголеми за 30 проценти продажбата на лидерот во сегментот на компактни СУВ-модели, Тигуан.

Побарувачката за електрични и хибридни СУВ-модели од компакт класата во првите два месеци, помогна овој сегмент да ги престигне малечките СУВ модели и да стане најпродаван вид на автомобил во Европа, покажуваат најновите податоци.

Малечките СУВ владееја со европскиот пазар уште откако го престигнаа сегментот на градските автомобили во 2021 година.

Неодамнешниот почеток на продажбата на целосно електричните СУВ од компакт класата, како Киа ЕВ3, Рено Сеник Е-Тек и Форд Експлорер, заедно со враќањето на популарноста на моделите од концернот Фолксваген – вклучувајќи го најпродаваниот модел во сегментот, Фолксваген Тигуан – донесоа раст од 12 проценти во продажбата во првите два месеци, според податоците на Датафорс.

Хјундаи Тусон беше втор најпродаван модел по Фолксваген Тигуан, заокружувајќи ја водечката тројка со Пежо 3008 и искачувајќи се девет места, со продажба зголемена за 38 проценти.

Четврти најпродаван модел е Нисан Кашкај, веднаш до него е Киа Спортаж.

Од друга страна, доцнењето на испораката на важни модели на концернот Стелантис беше причина за продажбата во сегментот на малечките СУВ да се намали за 7,1 проценти, на 333.555 возила. Тоа им даде ретка можност на компактните СУВ-модели да станат најпродаван сегмент, на пазарот каде што купувачите повеќе избираат помали автомобили.

Киа ЕВ3 учествуваше со 11.365 возила во вкупната продажба во сегментот во првите два месеци. Тоа придонесе за вкупната продажба на електрични СУВ-модели од компакт класата да се зголеми за 290 проценти во јануари и февруари, во споредба со истиот период лани.

Уште еден победоносен модел во сегментот е Фолксваген ИД.4. Неговата продажба порасна за 172 проценти, што му донесе прво место меѓу електричните модели во сегментот, пред Киа ЕВ3. Германскиот СУВ беше 8-ми најпродаван модел во целиот сегмент.

Третото место во сегментот му припаѓа на Рено Сеник Е-Тек, пред Форд Експлорер и Пежо е-3008.

Растот во продажбата на електричните модели го зголеми уделот на електричниот погон во вкпната продажба во сегментот на СУВ-компактите на 15 проценти. Тоа е значително зголемување во споредба со 4,3 проценти во истиот период лани.

Производителите на автомобили се под притисок од ЕУ да ја смалат емисијата на ЦО2 на своите возила, за да ги исполнат построгите барања на Унијата, што стапија на важност годинава. За да ги исполнат овие барања, производителите ценат дека треба да постигнат најмалку 20 проценти од нивната вкупна продажба да отпаѓа на целосно електрични модели.

Во текот на годинава во сегментот ќе се појават уште цела низа нови електрични модели. Нисан неодамна објави дека годинава почнува со продажба на долго очекуваниот заменик за компактната комбилимузина Лиф. Третата генерација на моделот под ова име, преоѓа на каросериски концепт на СУВ и ќе му се придружи на поголемиот модел Арија.

Тојота исто така влегува во сегментот со Ц-ХР+, со досег до 600 километри според фабричките мерења.

Новиот Ситроен Ц5 Еркрос, којшто ја дели платформата со Пежо 3008 и е-3008, како и со Опел Грандленд, исто така ќе се нуди во изведби со благ и со приклучен хибриден погон, како и во целосно електрична варијанта е-Ц5 Еркрос.

Шкода веќе го продава Елрок, којшто на германскиот пазар почнува од 33.000 евра и им се спротивставува на кинеските соперници, како Чери Омода Е5 и неодамна лансираниот МГ С5, којшто го заменува електричниот СУВ-модел ЗС и поголем е од него.

Падот во продажбата на БИД Ато 3 покажува дека кинеските производители на автомобили сепак наидуваат на потешотии на европскиот пазар, откако Унијата воведе дополнителни царини за електрични автомобили што се увезуваат од Кина.

Царините не важат за приклучните хибриди што се произведуваат во Кина. Тоа им помогна на МГ ХС и на Чери Џејку 7 да ги освојат осмото и деветтото место во продажбата на модели со овој вид погон.

Вкупната продажба на приклучни хибриди во јануари и февруари порасна за 39 проценти, на 41.065 возила. Предводник е Тигуан со овој вид погон, чијашто продажба се зголеми за 317 проценти, со 8.469 возила.

Зголемената побарувачка за приклучни хибриди, заедно со постојано високата побарувачка за хибриди и новите модели со електричен погон, доведе до тоа вкупната продажба на модели со електрифициран погон да учествува со повеќе од половина во продажбата на СУВ-модели во компакт сегментот.

Бензинците и натаму се прв избор, со удел од 40,1 проценти, додека дизелите паднаа за 33 проценти и во првите два месеци учествуваат само со 7,7 проценти во продажбата во сегментот.

Хибридите остануваат најпродаван вид на електрифициран погон, со удел од 22,8 проценти.

Побарувачката за новиот Рено Симбиоз го надомести падот во продажбата на хибридната Тојота Ц-ХР, што го предизвика нејзината изведба со приклуичен хибриден погон. Според Датафорс, Ц-ХР е втор најпродаван СУВ со приклучен хибриден погон, по Тигуан.

Дачиа Бигстер се очекува да го преземе водството во сегментот, со цената што е под просекот во класата.

Групацијата Рено веројатно ќе привлече голем интерес во овој сегмент, со доаѓањето на Дачиа Бигстер.

Буџет-моделот се очекува да го потресе секторот, исто како што тоа му успеа на Дастер кога Дачиа го понуди овој модел од сегментот на малечки СУВ. Денес, Дастер е бестселер во тој сегмент.

Бигстер со благ хибриден погон штотуку почна да се продава во Европа со цена на основната изведба од 24.990 евра, во сегментот во којшто Дачиа вели дека просечната цена изнесува 38.000 евра.

[the_ad id=”85764″]

Изведбата на Бигстер со целосно хибриден погон ќе чини 29.700 евра, што ќе ја загрози Тојота Ц-ХР, што во Франција почнува од 35.250 евра. Тојота неодамна започна со продажна кампања во земјата, во којашто го нуди основниот Ц-ХР по цена од 31.750 евра. На тој начин, јапонската марка одговара на притисокот од групацијата Рено, со хибридните верзии на Бигстер и Симбиоз.

Заедно со Бигстер, наскоро пристигаат Фолксваген Тајрон и Сеат Терамар, што ќе придонесе сегментот на компактни СУВ да ја задржи високата продажба и во текот на годината.

Дали тоа ќе биде доволно, сегментот да ја освои круната од малечките СУВ и да стане најпродаван сегмент на европскиот пазар годинава, зависи од тоа колку брзо концернот Стелантис ќе успее да ги пушти во продажба своите СУВ-модели врз платформата Смарт Кар, коишто веќе заостануваат зад планот.

Претходна објаваЛипмотор прв по продажба меѓу кинеските стартапи со електрични возила
Следна објаваМерцедес-Бенц ЦЛЕ го враќа времето на налепниците, уште една ексклузивна серија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here