
Липмотор, што е во делумна сопственост на концернот на Фиат и Пежо, во март ги престигна останатите кинески стартапи со електрични возила. Испораките пораснаа за 154 проценти, на 37.095 возила, стои во соопштението што компанијата го објави на 1-ви април.
Првпат Липмотор ја предводи продажбата на кинеските стартапи со електрични возила.
Липмотор е основан во 2015 година во градот Хангџоу на истокот на Кина. Стелантис во ноември 2023 година стекна удел од 20 проценти во акциите на компанијата, по цена од 1,5 милијарда евра.
Стелантис и Липмотор во мај 2024 година основаа заедничка компанија во сопственички однос 51:49. Компанијата е именувана Лимпотор Интернационал, со седиште во Амстердам, со цел да продава возила на Липмотор на извозните пазари, преку дилерската мрежа на Стелантис.
Првиот контингент од возила во рамките на партнерството, составен од два модели на електрични автомобили, компакниот кросовер Ц10 и градското мини Т03, исплови од Кина за Европа во јули 2024 година. Во јуни 2024 година, Липмотор започна со монтажа на Т03 во фабриката на Стелантис во Полска, од полуготови модули што пристигаат од Кина.
Липмотор не соопшти колкав удел од продадените возила во март е за извозните пазари.
На европскиот пазар, Липмотор во февруари продаде 1.730 возила, што е фрапантен скок од 1.532 проценти во споредба со лани. Најголемиот дел од продажбата, 1.480 возила, се од малечкиот Т03.
На второто место по продажбата на кинеските стартапи со електрични возила е Ли Ауто, со раст од 27 проценти и продадени 36.674 возила.
Трет е Шаопенг, чијашто мартовска продажба порасна 238 проценти, на 33.205 возила.
Со продадени 29.000 возила, Шаоми Ауто, огранокот за електрични возила на водечкиот производител на телефони од Кина, корпорацијата Шаоми, го престигна Нио и во март се најде на 4-то место.
Шаоми Ауто во април 2024 година започна со продажбата на својот прв модел, електричната лимузина СУ7. Кон завршетокот на февруари беше додадена и верзија со високи перформанси СУ7 Ултра.
Нио е петти, со мартовска продажба од 15.039 возила, за 27 проценти повеќе од лани, вклучувајќи 4.820 возила продадени под втората марка на Нио, Онво.
Шфот на Онво, Аи Тиеченг, на 2-ри април поднесе оставка поради слабата продажба.
Вкупно во првото тромесечје, петте најголеми ЕВ-стартапи од Кина се: Шаопенг со 94.008 возила, Ли Ауто (92.864), Липмотор (87.552), Шаоми Ауто (70.000) и Нио со 42.094 продадени возила.















