Сите пазари на Тојота се соочуваат со мала залиха од модели со хибриден погон, од Европа и Јапонија, преку Кина, до САД, изјавија две лица за Ројтерс.
Огромниот раст во побарувачката ја стави Тојота пред голем предизвик, како водечки производител на хибриди. Јапонскиот производител испадна во право што продолжи да работи на својата хибридна понуда, наспроти предвидувањата на некои од соперниците, дека батериските електрични возила набрзо ќе ја престигнат продажбата на хибриди.
Во последните пет години, светската продажба на хибриди, вклучувајќи приклучни хибриди, се зголеми речиси тројно, од 5,7 на 16,1 милиони возила.
Европските клиенти на Тојота во просек чекаат по 60 до 70 денови на испорака на хибрид, што е двапати подолго отколку во 2020 година, кажуваат извори.
Меѓу моделите за коишто е најголема побарувачката, а слаби се залихите од возила, се Јарис Крос и РАВ4 со хибриден погон, соопштува Тојота.
Во Јапонија, купувачите чекаат меѓу два и пет месеци за повеќето модели, покажува вебсајтот на Тојота.
Во Индија, уште еден важен пазар на Тојота, којшто е во раст, испораките се скусени во споредба со лани, но пак мора да се чека меѓу два и девет месеци, зависно од моделот.
Тојота објави соопштение, дека побарувачката за хибридите се зголемила „значително во последната година, во сите региони“ и дека се презема сé со цел да се зголеми продукцијата.
„Во моментов, производствениот капацитет за компоненти за хибриди кај нашите добавувачи и во нашето домашно производство се во согласност со годишните планови за производство и со капацитетот на монтажата на возила,“ стои во соопштението.

Кусокот од компоненти ја погодува испораката на хибридите на Тојота
Долгите испораки се должат на малите залихи од компоненти што се користат во хибридниот погон. Тие делови се прoизведуваат главно во Јапонија и се транспортираат ширум светот, до фабриките каде што се врши монтажа на возилата, кажуваат два од изворите.
Еден од главните проблеми е предизвикан од кусокот од магнети за деловите што се доставуваат до Аисин. Поради тоа, Аисин, како еден од најголемите добавувачи на компоненти за Тојота, не добива ротори и статори од своите добавувачи, а тоа значи и дека фабриките на Тојота остануваат без снабдување со електромототри што се клучни за хибридниот погон.
Магнетите потекнуваат од Јапонија и Кина, но проблемот што тие го предизвикуваат во производството е од глобални размери.
[the_ad id=”85764″]
Со сличен проблем се соочува и Денсо, главниот добавувач на компоненти за Тојота, поради тесното грло што се појавува кај неговите поддобавувачи. Овој проблем го погодува снабдувањето со инвертори, во коишто се врши претворање на електричната струја, за напојување на електромоторот.
За да ги надмине овие потешкотии, Тојота ќе бара решение кај други добавувачи, покрај Денсо во Индија.
Тојота ги проширува капацитетите
Тојота вложи 14 милијарди долари во фабриката за батерии во Северна Каролина, за да се покрие побарувачката. Овие батерии во април ќе почнат да се вградуваат во возилата на Тојота произведени во САД. Близу половината од возилата што Тојота лани ги произведе во земјата се хибриди.
Хибридите на Тојота минуваа одлично во Кина, каде што владее остра конкуренција, меѓу другото и од БИД. Вкупната продажба на Тојота во Кина лани опадна за 7 проценти, но затоа продажбата на електрифицирани возила, главно хибриди, порасна за 27 проценти.
















