Уште една оставка на врвен менаџер, Вејн Грифитс си замина од Сеат и Купра

Вејн Грифитс, извршен директор на Сеат и Купра, на 31-ви март по сопствена желба ја напушти компанијата, „за да се посвети на нови предизвици“, соопштија од сестринската марка на Фолксваген.

Функцијата на Грифитс привремено ќе ја преземе Маркус Хаупт, во моментов претседател за производство и логистика во Сеат. Наследникот ќе биде именуван понатаму.

Англичанецот во 2016 година беше назначен за директор за продажба и маркетинг во Сеат, за во 2020 година да го преземе шефовското место од Лука де Мео. Тој ги носи заслугите за успехот на подмарката Купра, што денес се вбројува меѓу марките што бележат најголем раст во продажбата на европскиот пазар.

Повлекувањето е ненадејно

Според гласините, Вејн Грифитс набрзина ја соопштил својата желба да си замине од компанијата, педизвикувајќи големо изненадување во седиштето на концернот во Волфсбург. Успешниот менаџер важи како екстровертна личност, меѓутоа ужива висок углед, со што се исклучува можноста дека тој добил отказ од страна на концернот.

Томас Шефер, претседател на марката Фолксваген и раководител на групата марки Кор (јадро), каде што спаѓа и Сеат, кажа дека Вејн Грифитс постигнал „голем успех за развојот на марката Купра и за новата насока на компанијата. Тој има исклучително темелни познавања на марката и тој е автомобилски менаџер во вистинска смисла. Му благодариме за неговата одлична работа и му посакуваме сé најдобро во иднина.“

Дали Грифитс преоѓа во Рено?

Уште не е разјаснето зошто Грифитс си замина од Сеат. Но, сосем е извесно дека тој ќе премине кај друг производител на автомобили. Тие што го познаваат харизматичниот шеф, исклучуваат секаква можност дека Грифитс ќе почне да работи за кинески производител.

Последните гласини велат дека неговиот претходник во Сеат, Лука де Мео, има намера да го замени шефовското место во Рено со Стелантис. Постои веројатност дека Грифитс повторно ќе биде наследник на италијанскиот менаџер и ќе го преземе раководењето со францускиот производител на автомобили. Преоѓањето на местото на извршен директор на концернот на Рено би било уште еден голем напредок во кариерата на сегашниот шеф на марка.

Рено сака Алпин да ја претвори во втора Купра

Искуството на Грифитс во создавањето на младата марка Купра може да биде клучно за марките во групацијата Рено. Французите работат на тоа, некогашната спортска марка Алпин да ја претворат во спортска лајфстајл марка.

[the_ad id=”85764″]

По 20 години отсуство од пазарот, Рено во 2017 година се врати со нов модел на Алпин, меѓутоа успехот изостана. Годишно се произведуваат по 4.500 примероци. Нов модел на Алпин врз основа на култниот Рено 5 треба да донесе поттик во продажбата. За споредба, Купра во 2024 година продаде близу 250.000 возила.

Хаупт привремено го презема местото на извршен директор

Исто така е неизвесно кој ќе го има главниот збор во Сеат во иднина. Привремениот шеф Маркус Хаупт помалку е познат во јавноста, меѓутоа има долга кариера во Фолксваген, којашто почна во 2001 година во Сеат.

Тој раководеше со различни проекти во Волфсбург и учествуваше во префрлувањето на производството на електрични возила на ниво на цел концерн. Тој од 2022 година е шеф за производство и логистика во Сеат и Купра.

Хаупт ги познава Сеат и Шпанија

Хаупт има големи шанси да преземе трајна шефовска функција во Сеат, благодарение на своето богато искуство во Шпанија. Пред да го преземе директорското место, тој беше претседател на Фолксваген Навара С.А и директор на фабриката во Памплона.

Тој е вистинскиот човек за врвот на Сеат. Концернот Фолксваген се подготвува за почеток на производство на електричниот градски автомобил ИД.2 и неговата верзија Купра Равал. Двата модели ќе се произведуваат во фабриката на Сеат во Марторел. Искуството на Хаупт во воведувањето на електрични возила во производство ќе биде од голема корист.

Хаупт нема биде прв случај во концернот Фолскваген, што од привремен ќе стане постојан шеф на марка. Во 2018 година, Брам Шот по само неколку месеци беше унапреден во извршен директор на Ауди.

Претходна објаваПобарувачката за хибридите на Тојота е огромна, цел свет чека на испорака
Следна објаваМилијардерот Лоренс Строл сака Астон Мартин да го претвори во приватна марка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here