Трамп се закани со царини за нови групи на производи доколку ЕУ и Канада работат против САД

Во објава на мрежата Трут Соушл доцна синоќа, Трамп порача дека во такво сценарио, ќе им возврати со царини што „ќе бидат многу повисоки отколку што е планирано“. Еврото во еден кус период забележа мал раст, додека канадскиот долар ослабна.

„Доколку Европската Унија соработува со Канада, со цел да ѝ предизвика економска штета на САД, за нив ќе бидат воведени високи царини, многу повисоки од планираните, во насока на заштита на најдобриот пријател што секоја од тие две земји ја имале досега!“ стои во објавата на Трамп.

Трамп во средата потпиша извршен налог за воведување царина од 25 проценти за увоз на автомобили и делови, предизвикувајќи ескапација на трговската војна што се води со намера да се зголеми вработувањето во производството во САД.

Со овој чекор се подготвува теренот за царини за следната група производи што ќе бидат воведени во следната седмица, вклучувајќи ги ветените реципрочни царини за 2-ри април, што понатаму може да доведе до продлабочување на тензиите со најголемите трговски партнери. Се работи на царини и за други индустриски гранки, како шумарство, полупроводници и лекарства.

ЕУ подготвува противмерки. Франција побара од Европската Комисија, којашто е задолжена за трговската политика на Унијата, да се подготвува за воведување на своето најсилно оружје за одбрана на трговијата, анти-коерцијата, односно заштита од делување под принуда. Тоа би било првпат ЕУ да ја примени оваа мерка.

Во подготовките за трговските мерки на Трамп, ЕУ разменила ставови со некои од своите сојузници со коишто има заеднички интереси, кажуваат претставници од ЕУ што бараат да останат анонимни. Сепак не постојат навестувања дека Унијата ќе возврати со противмерки.

„Сега е најважно ЕУ да даде решителен одговор на царините – мора да биде јасно дека нема да потклекнеме пред САД,“ напиша во соопштението германскиот министер за економија Роберт Хабек. „Потребни се сила и самодоверба.“

Трамп коментираше откако канадскиот премиер Марк Карни во минатата седмица ги посети Франција и ОК, во својата прва странска посета, со цел да воспостави поблиска соработка со европските сојузници.

„Сакам да уверам дека Франција и цела Европа со ентузијазам соработува со Канада, најевропската земја што не е во Европа,“ кажа Карни во Париз.

[the_ad id=”85764″]

ЕУ очекува дека реципрочните царини на Трамп за следната недела ќе бидат двоцифрена вредност што ќе важи за целата Унија, кажуваат лица што се упатени во состојбите во Брисел. Претставниците ценат дека САД ќе воведе единствена царина што ќе важи за цела ЕУ, место за секоја држава да се одредува посебна царинска стапка.

Шефот за трговија на ЕУ, Марош Шефчович, и шефот на кабинетот на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, неделава одржале средба со секретарот за трговија на САД, Хауард Лутник и со други претставници, за да разговараат околу ситуацијата.

Преговорите со САД постигнале само мал напредок и ЕУ не може да преземе мерки против воведување на царините, кажуваат лица што бараат да останат анонимни. ЕУ веројатно нема веднаш да одговори на царините на САД, бидејќи Унијата ќе треба прво да ги разгледа поединостите.

Трамп кажа дека реципрочните царини ќе ги отстранат пречките што тој цени дека не се фер, како што се домашните закони и начинот на којшто државите ги собираат даноците, меѓу другото и данокот за додадена вредност во ЕУ. Унијата цени дека ДДВ-то е фер и не е дискриминациска давачка, што еднакво важи и за домашни и за увезени производи.

Од земјите на ЕУ, Германија е најмногу изложена на царините за автомобили. САД во 2024 година увезоа од Германија автомобили во вредност од 24,8 милијарди долари, што е близу половина од вкупната вредност на сите возила што биле истоварени во земјата.

Порше АГ и Мерцедес-Бенц Група АГ ќе бидат погодени најсилно од царините на претседателот Доналд Трамп, соочувајќи се со можна штета во вредност од 3,4 милијарди евра од новите царини за автомобили во САД.

Иако групациите Фолксваген и БМВ, се заштитени на одреден начин, исто како и Мерцедес, затоа што произведуваат во САД, компаниите секоја година извезуваат стотици илјади скапи возила.

Меѓу останатите прозиводители што би можеле да бидат погодени од повисоките царини се Стелантис, производител на возила од марките Џип, Алфа Ромео и Фиат, исто како Џагјуар Ланд Ровер и Волво.

Претходна објаваТрамп најави 25% царина за увоз на автомобили и делови
Следна објаваНисан најави нови Микра, Лиф, Џук – сите до еден електрични

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here