Трамп најави 25% царина за увоз на автомобили и делови

Претседателот Доналд Трамп воведе 25% царина за возила што се произведени надвор од САД, почнувајќи од 3-ти април, стои во директивата што Белата Куќа ја издаде на 26-ти март.

Царините претставуваат голема ескалација во трговската агенда на Трамп и можат да предизвикаат масивни нарушувања во ланецот на добавувачи во глобални рамки, којшто веќе е под силен притисок од други давачки, од репресивни мерки и од отсуство на јасни насоки во коишто трговската политика ќе се одвива во подолг рок.

На царината во висина од 25 проценти ќе подлежат и одредени компоненти, како мотори, менувачи и делови за погонската спрега и за електричната мрежа. Царините за компоненти ќе почнат да важат најдоцна до 3-ти мај.

Деловите што се во согласност со правилата на спогодбата за слободна трговија меѓу САД, Мексико и Канада, нема да подлежат на новите царини, сé додека Министерството за трговија не воспостави постапка за тие да важат за сите делови со потекло надвор од САД, превидува директивата. Царините ќе се применуваат само на вредноста со потекло надвор од САД, што е вградена во возилата увезени од Канада и Мексико, коишто се во согласност со правилата на Договорот меѓу САД, Мексико и Канада.

„Тоа што ќе го правиме е царина од 25 проценти за сите автомобили што не се произведени во САД,“ кажа Трамп на конференцијата за медиуми во Белата Куќа. „Почнуваме од 2,5 проценти како постоечка основа и одиме кон 25 проценти.“

Царините имаат за цел да го поттикнат домашното производство и да им помогнат на производителите на автомобили да го преселат производството на возила во САД. Менаџерите и аналитичарите од браншата предупредија дека царините на широка основа можат да доведат до нагло скусување на продукцијата на возила во Северна Америка, а воедно и до поскапување на возилата за ијладници долари.

„Тоа ќе продолжи да стимулира раст каков што не е виден досега,“ вели Трамп.

Ценовен шок за потрошувачите

Аналитичарите на Андерсон Економик Груп ценат дека оваа политика веројатно ќе предизвика големи поскапувања на новите автомобили.

„Денешните излагања на претседателот укажуваат дека купувачите на автомобили, исто како и автомобилските работници, ќе доживеат шок за помалку од еден месец,“ порачува во соопштението Патрик Л. Андерсон, извршниот директор на фирмата. „Царините во оваа висина значат дека трошоците ќе се зголемат меѓу 4.000 и 10.000 долари, вклучувајќи ги повеќето ‘американски’ автомобили“.

Тој цени дека предвиденото поскапување ќе има „драматично негативно влијание врз продажбата на автомобили во САД и ќе предизвика отпуштања во Мичиген, Охајо, Индијана, Илиноис, Мисури, Тексас, Јужна Каролина и Алабама, исто како и во Онтарио и Канада.“

Андерсон цени дека производителите ќе се обидат да ги заменат деловите и да го преселат производството со цел да ги избегнат царините, но тие пак ќе мораат зголемените трошоци од царините во почетниот период да ги префрлат на грбот на купувачите и на дилерите.

Потрошувачите мора да бидат загрижени од царините, ценат аналитичарите во Ведбуш Секјуритис, според чијшто процени, купувачите треба да се соочат со поскапување од 10.000 долари.

Аутос Драјв Америка, организација што ги обединува бизнисите на светските производители на автомобили во САД, исто така искажа загрижност дека високите царини може да доведат до поскапувања на автомобилите.

„Во време кога трошоците се најголема грижа за купувачите на автомобили во САД, производителите во земјата работат да обезбедат низа достапни возила за потрошувачите,“ вели Џенивер Сафавијан, извршна директорка на групацијата. „Царините што беа воведени денес ќе ги поскапат производството и продажбата на автомобили во САД, што на крајот ќе доведе до повисоки цени, помал избор за купувачите и помалку вработувања во производството во САД.“

Синдикатот на автомобилски работници го поддржува чекорот на Трамп

Синдикатот на автомобилски работници УАВ цени дека новата трговска политика на Трамп е „победа за автомобилските работници,“ со којашто ќе заврши „штетната економска рамка.“

„Ја поздравуваме администрацијата на Трамп што презеде чекор да се стави крај на слободната трговска катастрофа што со децении ја уништуваше работничката класа,“ порача во соопштението претседателот на УАВ, Шон Фејн. „Ставањето крај на трката до дното на автомобилската индустрија почнува со отстранување на нашите трговски договори што се прекршени, и администрацијата на Трамп со денешните чекори испиша историја.“

Работничниот синдикат им порачува на производителите на автомобили да ги прифатат трошоците, место да ги префрлуваат на купувачите, додавајќи дека на тој начин ја поддршуваат легислативата што го бара тоа од нив.

„Работниците мора да се заштитат од какви било последици што ќе го придружуваат процесот на враќање на производството, доколку треба и со финансиска поддршка од државата,“ стои во соопштението од УАВ.

Комплексните ланци на добавувачи се „смешни“, вели Трамп

Трамп цени дека комплексните ланци на добавувачи во автомобилската бранша, во коишто деловите постојано се испраќаат од една до друга фабрика, со повеќе преминувања преку граница, пред да заврши монтажата на возилото, се „смешни“.

„Мислам дека се оди кон тоа автомобилите да се произведуваат на едно место,“ вели тој, додавајќи дека царините ќе бидат постојани „100 проценти“ и ќе донесат годишен приход од 100 милијарди долари во државниот буџет.

[the_ad id=”85764″]

Близу половината од сите нови возила што се продадоа во САД во 2024 година се увезени. САД лани увезе автомобилски производи во вредност од 474 милијарди долари, во коишто патничките автомобили учествуват со 220 милијарди долари.

Мексико, Јапонија, Јужна Кореја, Канада и Германија беа најголеми извозници на возила во САД.

Трамп долго критикуваше за тоа што го оценува како нефер однос кон извозот на автомобили од САД на странските пазари, при што главно ја посочуваше Европската Унија, којашто наплаќа 10 проценти царина за увоз на возила, што е четирипати повеќе од царината од 2,5 проценти што ја наплаќаат САД. Земјата сепак наплаќа царина од 25 проценти за пикапи што не се произведени во Мексико и Канада. Тоа прави овие возила да им бидат крајно профитабилни на производителите од Детроит.

Шевроле Силверадо е меѓу моделите што се увезуваат во САД од фабриките во Канада и Мексико

Трамп зборува за кредити, акции, Илон Маск

Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, близок соработник на Трамп, кој предводи со Агенцијата за владина ефикасност, немал влијание врз царинската политика, вели Трамп.

„Тој досега нема побарано каква било услуга за бизнисот,“ кажува Трамп.

Акциите на производителите на автомобили, меѓу кои Џенерал Моторс, Форд и Стелантис, изгубија од вредноста по објавувањето на веста. Трамп цени дека нема потреба од загриженост околу вредноста на акциите.

„Тоа само ќе се среди,“ цени претседателот.

Трамп искажа желба за каматата на автомобиските кредити да се одбива од данокот, но тоа да важи само за возила произведени во САД. Оваа намера првпат беше објавена за време на изборната кампања во ноември.

Претходна објаваКиа ЕВ3 во три категории во трката за Светски Автомобил на Годината
Следна објаваТрамп се закани со царини за нови групи на производи доколку ЕУ и Канада работат против САД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here