
Одамна се нема случено нов модел на Мерцедес да се исчекува со толкава напнатост, како што е случај со новиот ЦЛА. Марката од Штутгарт во 2023 година прикажа концептен автомобил на салонот ИАА во Минхен, како најава за новиот модел. Премиерата на серискиот модел се одржа во Рим, во присуство на стотици новинари и инфлуенсери, што од цел свет долетаа во италијанската престолнина.
ЦЛА сепак е спортска лимузина и не е моделската изведба што ќе постигне најголема продажба. Но, тоа е првиот модел, што е конструиран врз новата платформа ММА, наменета за моделите од основата на понудата на Мерцедес-Бенц. Иновации секако не отсуствуваат.
„Како технолошки предводник, тој ќе игра на сосем друго рамниште,“ ветува шефот на Мерцедес-Бенц, Ола Калениус.
Ѕвездата свети
Дизајнерите и инженерите вложија сé, за ЦЛА да биде колку може поблиску до студијата што беше прикажана пред две години. Тоа воопшто не беше лесно. Во Европа постојат строги правила околу максималната големина што е пропишана за логото на одредена марка да може да биде осветлено.

Инженерите долго се мачеа, за да внесат ѕвезда со три краци што ќе може јасно да се распознава во задните светла, без да се прекршат законите.
Светлечка лента меѓу предните светла
Во серискиот модел е преземена и целосно осветлената предна маска со 142 ЛЕД-ѕвезди и голема ѕвезда во средина, што го поздравува возачот во најразлични сценарија и го испраќа на заминување од возилото. За разлика од Ауди А6 е-трон, светлечката игра во маската сепак не може да се менува преку мобилна апликација.
Предните светла се споени со тенка светлечка лента. Истото важи и за задните светла, што исто така го поздравуваат и испраќаат возачот со најразлични светлечки сценарија. Главниот дизајнер Горден Вагенер го спореди тоа со стилот на баухаус, опишувајќи ја суштината на дизајнот на Мерцедес. На крајот, кај автомобилите сé се сведува на емоции, додава Вагенер.

Со спортски дух
Исто како Е-Класа, новиот ЦЛА е скроен да поседува посилен спортски карактер. Силуетата со линија на покривот што се спушта назад, потсеќа уште повеќе на купе отколку претходникот и слична е со ЦЛЕ. Меѓуоскиното растојание исто така е подолго во споредба со претходниот ЦЛА и каросериските превиси се покуси.
Големите тркала додаваат во моќната појава. Идните модели на Мерцедес-Бенц ќе ги вратат традиционалните обележја на дизајнот, како маската кај моделите од 70-те и 80-те години. Кај ЦЛА и останатите модели врз платформата ММА, тоа сепак не е случај.
Зен градина како пример
Внатре е сменето уште повеќе отколку во надворешноста. Кога првпат ќе се седне во ЦЛА, се стекнува впечаток како тоа да е Ц-Класа. Назад исто така има изобилство простор. Шефот за развој на Мерцедес, Маркус Шефер, потврдува дека чувството за просторност во кабината навистина плени, на што се надоврзува и панорамскиот стаклен покрив – како дел од стандардната опременост.
Сосредоточувањето на стакло, кожа и метал, како материјали во кабината, му дава на ЦЛА ненаметлива и вонвременска елеганција. Во тој поглед, ЦЛА следи дизајнерска филозофија на зен-градина.

Досег од близу 800 километри
ЦЛА ќе поставува стандарди во својата класа и во поглед на електричниот погон. Батеријата од 85 кВч не е драстично поголема од конкурентите, но Мерцедес-Бенц пак ветува досег од 792 километри. Заслугата за тоа е во ефикасниот електричен погон што штеди енергија, исто како и посебната хемија во батериските ќелии, во коишто се користи поголема количина на силициум во анодата.
Мрежата под напон од 800 волти дозволува мошне брзо полнење. За десетина минути може да се наполни енергија за 300 километри. Доколку по пат стојат на располагање станици со брзи полначи, со ЦЛА ќе може да се патува и далеку, на одмор или на бизнис состанок. Во изведбата со моќност од 260 киловати (354 КС), ЦЛА забрзува под пет секунди до темпо сто.
Автоматизирано возење од Ниво 2++
Во системите за асистенција, Мерцедес-Бенц досгигна ниво 2++, што значи дека новиот модел може целосно автоматски да се движи од едно до друго место во град. Автомобилот ги презема сите контроли, чита семафори и запира на пешаци на пешачки премин. Единствена задача на возачот е на неколку секунди да потврдува дека го следи сообраќајот.
За разлика од Ниво 3 кај Драјв Пилотот на Мерцедес, тука возачот сноси целосна одговорност. Системот ќе биде на располагање во Кина и САД уште од почетокот на продажбата на моделот, но во Европа ќе потрае уште извесно време, додека не се реши околу правните ограничувања.

Суперскрин со доплата
ЦЛА е прв модел на Мерцедес што поседува оперативен систем МБ.ОС, којшто е развиен самостојно во Штутгарт. Со тоа се овозможи значително смалување на бројот на контролни уреди. Главната улога ја има суперкомпјутер со висока процесорска моќ.
Софтверот може да се надгради во секое време, преку интернет. Инфо-забавниот систем МБУКС напредуваше во говорната комуникација со возачот. Тоа се постигнува со низа КИ-асистенти од Мајкрософт и Гугл. Навигацијата личи како тридимензионална компјутерска игра.
ЦЛА може со доплата да се опреми со суперскрин, што се протега по цената ширина на кокпитот и овозможува на совозачкото седиште да се гледа филм или да се пушти Енгри Брдс. Вклучени се најразлични апликации, од спортски настани до Дизни Плус.
Дизел повеќе не постои во понудата
По електричниот ЦЛА, Мерцедес-Бенц кон завршетокот на годината ќе пушти и изведба со 1,5-литарски хибриден погон, којшто се одликува со мошне компактни димензии. Моторите се производ од соработката со Џили и се произведуваат во Кина, од каде што ќе се испорачуваат по цел свет.
На тој начин, Мерцедес-Бенц успеа да ја задржи цената на компактниот модел во граници. Значително е скусен и бројот на варијанти на погон и опрема. Дизел повеќе не се нуди, а не е предвиден и приклучен хибрид. Нема ниту рачки за држење над вратите, а нема ниту копчиња за спуштање на задните прозорци.

Мерило за луксузната стратегија
По ЦЛА следат ЦЛА Шутинг Брејк, ГЛА и ГЛБ, три модели што ќе ја делат платформата ММА со лимузината. Се планира и малечка г-класа, којашто сепак во помал дел ќе ги користи компонентите од платформата ММА. Со тоа почнува една голема офанзива од модели.
Од понудата си заминуваат А- и Б-класата, коишто наидувааа на интерес првенствено на европскиот пазар, како основни модели на Мерцедес-Бенц. Тоа се модели од времето на поранешниот шеф Дитер Цече, со коишто требаше да се привлечат помлади купувачи во премиум марката, со идеја тие подоцна да преминат на Ц- или Е-класа.
Конкурент на Ное Класе на БМВ
Калениус во рамките на својата луксузна стратегија го жртвува овој круг купувачи, со цел да ги подигне цените и да постигне повисока маржа. Шефот тврди дека купувачите сепак ќе добијат уште поквалитетен производ. Покрај тоа, стратетијата на Калениус предвидува повеќе да се продаваат моделите од врвот на понудата, како С-Класа, Г-Класа и модели на АМГ, а помалку модели од компакт класата.
ЦЛА ќе покаже колку е делотворна стратегијата на шефот на Мерцедес. Новиот модел ќе мора да се соочи и со конкурентите на важниот кинески пазар, исто и со Ное Класе на БМВ, којшто исто така почнува со продажба годинава.

Решавачки фактор е цената
Решавачки критериум за успехот на ЦЛА и идните модели врз истата платформа, секлако дека е цената. Доколку таа е над 50.000 евра, Мерцедес не може да очекува голем раст во вкупната продажба на возила во следните неколку години. За споредба, А-Класа досега стартуваше од околу 38.000 евра според германскиот ценовник, додека ЦЛА почнуваше од околу 43.000 евра. Понатаму, исто така според германските ценовници, ЦЛЕ Купе почнува од 53.000 евра, а Е-Класа чини најмалку 59.000 евра.















