Дачиа Сандеро ја почна годинава исто како што ја заврши минатата, со наслов на најпродаван автомобил на европскиот пазар. Малечката комбилимузина, којашто беше и најпродаван модел воопшто во 2024 година, победи и во јануарската трка, со предност од преку 4.700 возила пред најблискиот соперник, Фолксваген Голф.
Голф е во предност од само 34 примероци пред Пежо 208. Тоа се состојбите на пазарот според 98 проценти од пристигнатите податоци до агенцијата Датафорс, којашто ја следи продажбата во ЕУ, ЕФТА и во Обединетото Кралство.
Иако Дачиа е на врвот со продадени 22.078 возила, таквиот резултат е за 12 проценти под продажбата во јануари лани.
Голф со продадени 17.354 примероци во јануари е 6,2 проценти под резулатот од истиот месец лани. Наспроти тоа, Пежо 208 напредуваше за 6,3 проценти и постигна 17.320 продажби.
Кои модели постигнаа најголем раст во продажбата во јануари
Најголем добитник меѓу 10-те најпродавани модели во минатиот месец беше Фолксваген Тигуан.
Продажбата на компактниот СУВ се зголеми за 29 проценти, на 17.142 возила, во споредба со јануари лани, со што моделот ја заокружи водечката петорка.

Друг модел што имаше одличен старт во 2025 година е Пежо 3008, со раст од 36 проценти и продадени 11.488 возила. Тоа на францускиот СУВ му донесе скок од 31-то место во јануари лани, на 17-то место.
Други големи добитници во Топ 50 се Фолксваген Т-Крос (+42 проценти), Шкода Кодиак (+39 проценти) и Мерцедес-Бенц ГЛЦ (+33 проценти).

Најпродаваниот модел на Тесла имаше тежок почеток на годината. Побарувачката за Модел Ипсилон, најпродаван автомобил во Европа во 2023 и 4-ти најпродаван модел во 2024 година, во првиот месец годинава падна за 49 проценти, со 6.065 возила.
Поради силниот пад, Модел Ипсилон се најде на завршетокот на списокот на 50-те најпродавани места, на 45-то место, наспроти 20-то место во јануари лани.
















