
Волво ќе го постигне тоа кај својот лимузински знаменосец преку користењето 800-волтна електрична мрежа. Со тоа, Швеѓаните им се придружуваат на Порше, Ауди, Киа, Лотус и уште неколку други производители на возила што го користат системот. Високонапонската мрежа го скусува времетраењето на полнењето, батериите се помали и се подобрува ефикасноста на погонот.
Како резултат од тоа, Волво ЕС90 ќе постигнува досег до 700 километри, а воедно и времетраењето на полнењето ќе биде покусо.
„Првпат можеме да полниме автомобил од 10 до 80 проценти за само 20 минути, при користење 350-волтна станица за брзо полнење,“ изјави Симоне Вицини, менаџер во Волво за батериски системи и ќелии.
Тоа е подобрување од 30 проценти во споредба со СУВ-знаменосецот на Волво, моделот Е Икс 90, којшто почна со продажба лани и ја користи истата платформа СПА2.
Подобрувањето се темели главно на примената на софтвер за приспособливо полнење од Брид Батери Технолоџис. Волво е првиот производител на автомобили што добива пристап до софтверот Брид Чарџ, што е патентиран од британскиот стартап и се базира врз алгоритам.
„Можеме да дополниме енергија за 300 километри досег за само 10 минути,“ додаде Вицини.
Тоа е голем напредок во споредба со 180 километри за 10 минути со 400-волтниот систем што Волво го користи кај останатите електрични модели во својата понуда.
За споредба, соперникот Порше Тајкан, може да наполни енергија за 315 километри за 10 минути, со користење станица за брзо полнење со моќност од најмалку 320 киловати.
Меѓу соперниците на ЕС90 се целосно електричните БМВ и5 и Мерцедес-Бенц Е Ку Е, што не располагаат со 800-волтно полнење. Меѓу возилата што располагаат со можност за полнење под 800 волти се Тесла Сајбертрак, Лотус Елетре и Емеја, Ауди Е-трон ГР и Киа ЕВ6.
Волво ЕС90 ќе нуди повисока силина и пониска тежина
Вицини наведе и други предности од преоѓањето на новиот електричен систем.
„Можеме да испорачаме максимална моќност од 500 киловати до тркалата, во споредба со 380 киловати кај 400-волтниот систем,“ објаснува менаџерот.
Преку зголемување на напонот и смалување на силината, Волво постигна и пониска тежина на возилото, кажува Вицини.
Големината на батерија, на пример, намалена е од 17 модули кај 400-волтниот систем, на 16 модули. „Можеме да користиме помала батерија, поради подобрената ефикасност,“ наведува Вицини.
Бидејќи силината е помала, Волво можеше да ја намали и количината на бакар што се користи во батерискиот систем за 40 проценти, што исто така влијае врз намалувањето на тежината. Покрај тоа, електромоторот во ЕС90 е за 5 проценти полесен во споредба со Е Икс 90.
Волво внесува подобрувања и во одржливоста
Волво соопшти и дека ЕС90 постигнува чекор понапред во планот на компанијата да постигне нулта емисија на ЦО2 до 2040 година. Во таа насока, Волво го зголемува обемот на примена на рециклирани природни материјали во своите возила.
Како пример, 29 проценти од алуминиумот што е вграден во ЕС90 е рециклиран, во споредба со 25 проценти кај СУВ-моделите Е Икс 30 и Е Икс 90. Покрај тоа, 18 проценти од челикот во електричната лимузина е рециклиран, наспроти 17 проценти кај Е Икс 30 и 15 проценти кај Е Икс 90.
„ЕС90 ќе се произведува во една од нашите фабрики што работат неутрално во поглед на климата, со користење енергија што 100 проценти е неутрална од карбон,“ соопштува Ванеса Бутани, директорката на Волво за глобална одржливост, не наведувајќи за која точно фабрика станува збор.
Директор на Волво изјави во септември дека е можно ЕС90 да се произведува во фабриката во Торсланда, во близина на Гетеборг. Фабриката постигна целосна климатска неутралност во 2021 година.
Претставник на Волво, на 26-ти февруари напомена дека Торсланда сепак нема да биде фабриката во којашто ќе се произведува ЕС90, но пак не откри која фабрика ќе биде задолжена за тоа.
Волво издава пасош за батерија 2 години пред рокот на ЕУ
ЕС90 е втор модел на Волво, по Е Икс 90, што доаѓа со пасош за батерија, што ќе биде услов во ЕУ почнувајќи од 2027 година.
„Тоа ни овозможува да користиме технологија блокчејн за да го следиме патот на критичните суровини, од рудник до автомобил,“ кажува Бутани.
Тоа се однесува на литиум, кобалт, никел, графит и мика. Покрај тоа, со скенирање на Кју-Ар кодот во вратата на возилото, сопственикот може да ја провери состојбата на батеријата, како и начинот на којшто е користена истата.
ЕС90 ќе го доживее своето светско деби на 5-ти март и доаѓа како шести целосно електричен модел во понудата на Волво, по Е Икс 30, Е Икс 40, Е Ц 40, Е М 90 и Е Икс 90. Дилерите го очекуваат новиот модел кон завршетокот на годината.















