Новиот шеф на Пежо се залага за перформанси

Моделите 3008 и 5008 ќе добијат посилни погонски изведби. Алан Фави, новиот шеф на Пежо, ќе продолжи и со електрификацијата, за да се избегнат казни од ЕУ.

Новиот шеф на марката Пежо, Алан Фави, за време на „Денот на е-лавот 2025“ ја претстави целата поннуда од модели со електричен погон, а најави и големи новитети.

Одвај мина една седмица откако е во служба, а новиот шеф на марката Пежо, Алан Фави, веќе ја претстави стратегијата на марката за 2025 година. „Пежо ќе направи перформансите да бидат еден од главните приоритети во 2025“, најави поранешниот менаџер на Фолксваген, за време на „Денот на е-лавот“ на француската марка.

Шефот конкретно мисли на новите изведби со погон на сите тркала во гамата на 3008 и 5008, со втор електромотор на задната оска и со системска моќност 325 КС.

Двете нови погонски изведби ќе бидат понудени на светскиот пазар „во следните седмици“, но главната испорака во почетокот ќе биде наменета за францускиот пазар, напомена Фави. Тој упати дека продукцијата на моделите со високи перформанси во почетокот ќе биде ограничена и на некои пазари нема да бидат достапни сите можни конфигурации на тие модели.

Најава за 5008 во изведба со пет седишта

Меѓу новините за 2025 година, Фави ја издвои и изведбата на големиот СУВ-модел 5008 со пет седишта, којашто ќе се ѝ придружи на постоечката изведба со седум седишта. Намерата е да се понуди модел со врвна зафатнина на багажникот, од дури 994 литри, што е 78 литри повеќе од изведбата со седум седишта, кога третиот ред е впуштен во подот. Со соборена клупа, зафатнината расте на преку 2,3 метри кубни.

Пежо Е-3008 и Е-5008 ќе добијат изведба со високи пеформанси, со електромотор со 213 КС напред и втор електромотор со 112 КС назад, со системска моќност од 325 КС, во комбинација со батерија од 73 кВч. Слика: Пежо 3008 на тестот во Аутомедиа во јули

Пежо веќе располага со „најбогата понуда од електрични модели меѓу сите докажани производители во Европа,“ кажа новиот шеф на марката.

Пежо под негово раководство ќе биде посветена на целта да се стекне предводична улога на европскиот пазар на електрични автомобили. Марката ги има сите предуслови да ја исполни таа цел, со помош на своите платформи што се наменети за сите видови погон, под стратегијата што се води како „мулти-енергија“.

Ветувања ќе ги охрабрат купувачите што се двоумат околу електричниот погон

Пежо во 2025 година вложува големи надежи во пакетот мерки, што ќе ги охрабрат купувачите да се решат за електричен автомобил. Тоа годинава е од клучна важност за сите производители на автомобили, за да се избегнат казни во висина од десетици милијарди евра за целата бранша, доколку не се исполнат новите и построги барања за ограничување на емисијата на ЦО2.

Пежо ќе ги охрабри купувачите што се двоумат околу електричните автомобили со т.н. електрично ветување. Таа се состои од постоечкиот услов за право на гаранција, за период до 8 години или 160.00 километри за целото возило, како и гаранција под истите услови за батеријата.

Покрај тоа, Пежо своите купувачи на електрични автомобили бесплатно ќе ги обезбеди со полнач за батеријата да ја полнат во кругот на домот, како и со картичка за полнење од посестринската компанија Фри То Мув, со којашто се добива пристап до близу еден милион станици за полнење електрични автомобили во Европа.

Забрзување на декарбонизацијата

Фави зборуваше и за законите за ЦО2 и за целите што ги има поставено автомобилската бранша за постигнување одржливост. Пежо останува на целта, компанијата до 2050 година да постигне целосна неутралност во поглед на емисијата на ЦО2. „Ние ќе направиме и дополнителни чекори за да го забрзаме тоа“, најави Фави.

Концернот во моментов покрива 60 проценти од потрошувачката на енергија во своите фабрики од одржливи извори, вклучувајќи и струја од атомски централни. До 2030 година, целата потрошувачка на струја ќе биде од одржливи извори.

Пежо лани лансираше три нови модели со целосно електричен погон, што се произведуваат во Франција, важно заради стретшката одбрана од навалата од електрични модели од Кина. Тоа се Пежо Е-3008 и Е-5008, како и Е-408. Покрај тоа, во секое од 12-те моделски семејства на Пежо, постои најмалку по еден модел со целосно електричен погон.

Во минатата година, Пежо продаде 1,1 милион возила на светскиот пазар, со двојно зголемување во продажбата на електричните модели. Француската марка, втора година во низа е прва во конкуренција на електрични автомобили во Б-сегментот и прва на пазарот на електрични доставни возила во Европа. Во Франција, Пежо Е-208 беше најпродаван електричен автомобил лани, додека Е-2008 беше прв во сегментот на Б-СУВ модели.

Од 120.000 досега продадени примероци од Пежо 3008, повеќе од една петина, односно 22%, се автомобили со електричен погон.

Алан Фави, до скоро прв човек на гигантот за изнајмување автомобили Еуропкар и поранешен директор во Бентли е новиот извршен директор на Пежо.

Алан Фави има 35-годишно искуство во автомобилската бранша и во претходните 15 години има работено на менаџерски позиции во концернот Фолксваген, за марките Порше, Бентли и Шкода, по претходно 20-годишно искуство во Ситроен.

Моето водечко начело секогаш е одговорноста. Одговорност за 13 милиони клиенти на Пежо во светот денес

Алан Фави, новиот извршен директор на Пежо

Пежо Е-3008 во врвната изведба постигнува досег од преку 700 километри, што е рекорд во сегментот на СУВ-возила од докажаните марки во светски размери.

Претходна објаваКанадските возачи на Тесла се срамат од марката што ја возат, поради Илон Маск
Следна објаваКинески БАИК надмина триесет нарачки од почетокот на продажбата на македонскиот пазар

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here