Дополнителната царина во висина од 10 проценти за возила со големи мотори увезени во Кина од САД, стапи на сила на 10-ти февруари.
Кина во понеделникот ги стави на сила дополнителните царини, меѓу другото и за возила со мотори со зафатнина од преку 2,5 литри, објави кинеската државна телевизија ЦЦТВ. Вкупната царина за нив сега изнесува 25 проценти.
Извозот на тие возила од САД е релативно мал во споредба со бројот на возила што компаниите, вклучувајќи го Генерал Моторс, ги произведуваат во Кина, во соработка со домашните компании.
Според податоците од царината, производителите од САД лани извезле во Кина возила со големи мотори во вкупна вредност од 3,1 милијарди долари.
Дополнителната царина важи за производителите на автомобили Џенерал Моторс и Форд, коишто веќе се соочуваат со потешкотии на кинескиот пазар. Купувачите во Кина масовно се префрлуваат на електрични автомобили што се произведуваат од домашните компании, главно БИД. Џенерал Моторс лани изгуби преку 5 милијарди на трошоци и попусти, заради надминување на својот проблематичен настап на пазарот во Кина.
Мерцедес-Бенц, а во помала мера и БМВ, исто така се изложени на дополнителни трошоци поради зголемувањето на царинската тарифа за 10 проценти, за СУВ и пикапи што се увезуваат во Кина од САД.
Двете германски марки ги развија своите фабрики во САД како глобални центри за производство на СУВ, но од 2022 година наваму, БМВ го произведува Икс 5, којшто носи голема добивка, во Кина.
Кај Мерцедес, дополнителната царина може да влијае на тој начон што ќе се смали добивката во 2025 година за 1,5 процент, доколку не се земе предвид можноста германскиот производител да ги зголеми цените (што е помалку веројатно, затоа што просечниот попуст кај СУВ-моделите веќе изнесува околу 15 проценти од редовната цена).
Со намера да ги привлече богатите купувачи во Кина, Џенерал Моторс во 2022 година почна да увезува премиум модели од САД, како Џи Ем Си Јукон и Шевроле Тахо, двата задвижувани од мотори со зафатнина од преку 3 литри.
Исто како што беше случај со заканите на Трамп дека САД ќе воведат царини за стока од Канада и Мексико, по што следеа преговори со лидерите на двете земји, за на крајот да се одложи стапувањето на царините во сила, постои веројатност дека и со Кина ќе биде слично. Трамп планира наскоро да одржи средба со кинескиот претседател Кси Џинпинг, додека кинескиот министер за надворешни работи исто така повика на дијалог и консултации, со цел да се спречи целосна трговска војна.
















