
Компанијата за истражување на автомобилскиот пазар Датафорс, што ги следи 27-те држави на ЕУ, Велика Британија, Исланд, Норвешка и Швајцарија, предвидува дека годинава ќе продолжи растот на продажбата на патнички автомобили во Европа.
Наспроти тоа, аналитичарите на С енд П Аутомотив, проценија дека во 2025 година ќе мирува пазарот на патнички автомобили и доставни возила во 18-те западноевропски држави што тие ги покриваат, со околу 15 милиони возила.
Нивното предвидување вклучува ризици од рецесија, повисоки цени на возилата, смалени субвенции за електрични автомобили и нови царини за електрични автомобилите од Кина, како и политичка неизвесност во Германија и Франција.
Трет аналитичарски извор, Глобал Дата, излезе со предвидување за раст од 2,4 проценти во продажбата во Западна Европа. Во извештајот што беше објавен во ноември, нивните аналитичари наведоа дека „олеснувањето на монетарната политика и воведувањето нови модели се очекува да донесат извесно релаксирање на пазарот во 2025, меѓутоа постоечките пречки веројатно ќе продолжат да вршат притисок врз продажбата на возила.“
Според европското здружение на производители на автомобили АЦЕА, со последните официјални податоци што беа достапни за ноември, се очекува за продажбата во Европа во 2024 година да се потврди раст од 0,6 процент.
Висока инфлација и високи камати притискаа врз продажбата во 2024 година
Бенџамин Кибис, виш автомобилски аналитичар во Датафорс, кажа дека побарувачката во 2024 била намалена, поради тоа што инфлацијата ги смали парите што на граѓаните им стоеја на располагање за трошење, исто како и високите камати, така што купувачите решија да ги одложат големите издатоци. Тој наведува и дека најавеното завршување со субвенциите на неколку големи пазари во 2023 година ја забрзало продажбата, односно купувачите побрзале да купат автомобил пред планираното, за да ги искористат субвенциите.
Кибис очекува дека и покрај тоа што општите услови на пазарот и натаму се помалку поволни отколку во 2019 година, пред пандемијата, пазарот ќе продолжи да расте.
„Очекуваме по петте години со намалена продажба, да почне да се зголемува и интересот за замена на постојните возила,“ кажува експертот.
Отворањето на новиот центар на Киа
Се претпоставува и дека производителите на автомобили намерно ја забавија продажбата на електрични автомобили во 2024 година, за да си ги зголемат шансите за излегување во пресрет на новите и построги лимити за емисија на ЦО2 што важат од годинава.
Таков пример наведува Салваторе Саладино од Датафорс, кој го следи италијанскиот пазар и вели дека кон завршетокот на 2024 година, околу 25.000 батериски електрични автомобили чекале да бидат испорачани во Италија и да бидат регистрирани како возила продадени во 2025 година.
Продажбата на петте најголеми пазари во Европа (Германија, Обединетото Кралство, Францја, Италија и Шпанија), порасна незначително во 2024 година, на 9,08 милиони возила. Во Германија, Франција и Италија се продадоа помалку возила, но затоа продажбата порасна во ОК и Шпанија.
За 2025 година се очекува раст на 5-те најголеми пазари во Европа
Датафорс предвидуваат дека сите овие пазари ќе забележат раст годинава. За Германија се очекува раст од 1,6 процент и 2,86 милиони возила, францускиот пазар ќе порасне за 6,2 проценти, на 1,83 милион, ОК за 5,5 проценти и 2,06 милиони, додека Шпанија ќе продаде 1,05 милион нови автомобили или за 3,6 проценти повеќе.
За Италија, Датафорс објави какво сценарио очекува и какво најлошо сценарио би можело да се случи. Очекуваното сценарио е дека Италија ќе порасне незначително, согласно останатите главни автомобилски пазари, со раст во продажбата од 2,9 проценти и 1,62 милион возила. Најлошо сценарио би било продажбата во Италија да падне близу 30 проценти, на 1,11 милион, доколку производителите мораат нагло да ја смалат продажбата на своите возила со мотор со внатрешно согорување, за на тој начин да можат да ги исполнат лимитите што им ги поставува ЕУ за емисијата на ЦО2.
Здружението на увозници во Германија има слични предвидувања со Датафорс, за околу 2,85 милиони нови автомобили на најголемиот пазар во Европа. Во нивните очекувања е вклучен силен раст во продажбата на електрични автомобили, меѓутоа напоменуваат дека услов за тоа е да се подобри инфрастуктурата и да се воведат субвенции.
Новиот Ситроен Ц3 е важно освежување на домашниот пазар · Видеото од тестот
ААА Дата, аналитичари специјализирани за францускиот пазар, ценат дека политичката неизвесност ќе влијае врз продажбата во првите неколку месеци од 2025 година. Покрај тоа, значително се смалени субвенциите за електрични автомобили. Постои и голема неизвесност дали ќе се задржи „социјалниот лизинг“, односно успешната програма со којашто на семејствата со помали приходи им беше овозможено да користат електричен автомобил на лизинг, по поволни услови.
Отсуството на субвенции го попречуваше и растот во продажбата на ЕВ во Италија, каде што е најмал уделот на ЕВ во продажбата од сите пет главни пазари во Европа, со 4,2 проценти. Италијанската влада го скуси и фондот за субвенции, за да остави повеќе пари за помош на домашната автомобилска индустрија.
Домашниот автомобилски пазар ќе ја заврши 2024 со рекордна продажба на нови автомобили















