Уште една рунда дотерувања на изгледот во понудата од модели на Шкода. Откако помалиот Елрок прв го покажа новиот изглед на чешката марка, не требаше да мине долго за стратешки најважниот модел на Млада Болеслав да се избори за новиот лик. Нарачките за новата Шкода Ениак почнаа брзо, веќе на 9-ти јануари.
На Шкода веројатно ѝ оди најдобро од сите марки во групацијата Фолксваген деновиве. Нема никој против и за електричниот погон во Шкода, затоа што во ноември лани, според последните службени податоци, Ениак беше втор најпродаван електричен модел во Европа, по Тесла Ипсилон.
Шкода Ениак и задолжителната купе-изведба, во новото моделско годиште доаѓаат со изгледот што Млада Болескав го води како Модерно Солиден. Има зафати и во техниката, меѓу другото и во аеродинамичноста, така што и досегот се продолжи за уште малку. Материјалите се уште поодржливи, опремата е збогатена. Услугите што се добиваат онлајн исто така се проширени, има и нови системи за асистенција. Ценовникот почнува од околу 44.000 евра.
Од почетокот во 2020 година, досега се продадени преку 250.000 возила, бројка што многумина скептици ќе изненади, ако не и разочара. Продажбата лани дури и се забрза, со 75.000 примероци. Најголем пазар е Германија, со преку 25.000 примероци од класичната и купе-СУВ изведбата.
Како што е ред за секој успешен модел, новото моделско годиште доаѓа со збогатена сериска опрема, меѓу другото со грејачи во предните седишта и грејач во воланот, пристап без клуч, тризонска клима, предупредување за возило во мртов агол, приспособлив темпомат што предвидува ситуации, како и самостојно движење во тргни-застани колона. Нова дигитална играчка е далечинско паркирање.

Како и досега, понудени се две големини на батерија, во моделите Ениак 60 и Ениак 85, со по еден електромотор и погон назад. Третата изведба е 85икс, со втор електромотор напред и погон на сите тркала.
За внатрешноста може да се избира меѓу шест дизајнерски правци. Нов е Дизајн Селекшн Лоџ, како најодржливо уредување на кабината, со портокалови детали. Уште една новина е Дизајн Селекшн Лаунџ, во сива боја, со светлозелени контрасти. Највпечатлива е Еко Суит Дизајн Селекшн, со кожени седишта во боја на коњак, со еко-предзак затоа што за штавење е користен екстракт од маслинови лисја. Посебно се доплаќа за пакет Макс, со електрично местење на предни седишта и меморија, масажа и електрика за слабинскиот дел.
Тоа што прво допира до срцето, секако е изгледот. Групата од светла и маската се нови, исто е новина и замената на „индијанецот“, со испис на името на марката над маската. Чешките дизајнери се горди на ексклузивната боја Олибо Грин, што посебно прилега со дизајнот што е Модерно Солиден. Сите радари, сензори, сокриени се во маската, нема ништо да штрчи како да е заборавено.

Претходничките имаа мошне интересно осветлување на решетката во маската, што сега е изведено на друг начин, повеќе отмен. Сега претставата им е препуштена на „веѓите“ односно на тенките исправени елементи што се осветлени со диоди. Тие прават една линија со горниот дел од матричните диодни светла. Долу се издвоени два светлечки елементи, што го создаваат изгледот на 4 очи, препознатлив за СУВ-моделите на Шкода. Двата реда матрични светла содржат вкупно 36 светлечки елементи.
Матричните диодни светла доаѓаат во пакет, меѓутоа Шкода уште одамна го има тргнато стравот кога ќе се спомне пакет или доплата, затоа што цените за секаква ставка над стандардната опрема повеќе се подарок, отколку наплата. Тие се во пакет со проекциски дисплеј со унапредена реалност, камери во 360 степени и аудио систем Кантон.

Изведбата Спортлајн внесува спортска нота, со црни детали секаде каде што може. Разликите се во финишот на предниот спојлер, во рамките на страничните прозорци, кровните шини и капите на ретровизорите, што се лакирани во црна металик боја. Сите погонски изведби се достапни во Спортлајн.
Со поголемата батерија, Ениак 85 минува до 590 километри до првото полнење. Кога стои на располагање брз полнач, Ениак активира моќност од 175 кВ, што значи дека батеријата ќе се наполни од 10 до 80% за 28 минути.
Во Ениак 60 се вградува батерија од 63 кВч, што испорачува енергија за електромотор со 150 кВ, односно 204 КС. Крајната брзина е 160 км/ч. Посилниот Ениак добива електромотор со 210 кВ (286 КС) и вртежен момент од 545 Нм. Кај верзијата со погон на сите тркала Ениак 85икс, моќноста е иста, меѓутоа тука помага втор електромотор напред.
















