
Продажбата на нови патнички возила во Кина во минатата година порасна за 5 проценти, на 22,9 милиони возила, соопшти кинеското здружение за патнички автомобили.
Пазарот се засили кон завршетокот на годината, а посебно во декември, како четврти месец во низа со раст во продажбата на автомобили, благодарение на владината програма за откуп на старите возила.
Во декември, производителите испорачаа повеќе од 2,6 милиони нови лимузини, кросовери, СУВ и повеќенаменски возила, што претставува раст од 11 проценти во споредба со една година пред тоа.
Продолжи и забрзаниот раст во продажбата на возила со електрифициран погон, каде што спаѓаат батериски електрични возила, приклучни хибриди и електрични возила со продолжен досег, односно со помошен генератор.
Во декември во Кина се продадоа 1,3 милион возила со електрифициран погон. Тоа се 46 проценти повеќе возила во споредба со преклани. Електрифицираните возила сочинуваат 53 проценти од целиот пазар.
Шест месеци без прекин, електрифицираните возила се продаваа во поголем број примероци во споредба со возилата со бензински мотор.
На годишно ниво, продажбата на електрифицирани возила во Кина порасна за 42 проценти во споредба со преклани и достигна 11 милиони возила.
Кина на 25-ти јули отпочна со програмата за старите автомобили да се откупат по повисока цена од пазарната вредност и да се заменат со електрифицирани возила или модели со пониска потрошувачка на гориво. Државната помош изнесуваше 20.000 јуани, односно 2.729 долари по возило.
Кинеското министерство за финансии на 8-ми јануари соопшти дека програмата за откуп на стари возила ќе продолжи и во 2025 година.















