Тоа им се има случено на многумина, во последна минута да успеат да повикаат такси што ќе ги превезе до аеродром. Наспроти тоа, извесен Мајк Џонс е веројатно единствен патник досега, што лесно можел да го пропушти летот, затоа што повикал роботско такси. Проблемот настанал кога таксито на специјализираната фирма Вајмо одеднаш почнал да врти кругови по паркингот пред аеродромот. Џонс за сето тоа време бил немоќен да преземе нешто. Намерникот сакал од Скотсдејл, во сојузната држава Аризона/САД, да лета за својот град Лос Анџелес.
Џонс пред три недели на платформата Линкд Ин објави видео од своето несреќно патување. „Понеделникот ми мина добро, сé додека не се качив во ‘безвозачки’ автомобил на Вајмо. Седнав, се врзав и сагата почна“, пишува тој во објавата.
На видеото се гледа како Џонс седи на задната клупа на возилото, коешто врти кругови по паркиралиштето. „Зошто ова чудо врти кругови? Ми се врти“, кажува Џонс. Следи разговор со службеничка на Вајмо. „Дали е хакиран?“, прашува Џонс. „Се чувствувам како во филм. Некој се шегува со мене? Морам да фатам лет.“ Службеничката се извинува повеќепати и ветува дека ќе помогне. Џонс коментира:„Ова е лудило.“
ТВ-каналот СиБиЕс јави дека службата успеала да го запре возилото по неколку минути. Џонс успеа да го фати летот за Лос Анџелес.
Според прилогот на СиБиЕс, Џонс самиот работи во техно-браншата. Тој оценува дека роботскиот автомобил очигледно не е созреан производ. Џонс се жали и за тоа што во службата за помош за клиенти не работат луѓе, туку се користи вештачка интелигенција. Оваа техно-жртва уште чека извинување од компанијата. Џонс вели дека не отсуствува човек само во автомобилите на Вајмо, туку и во самата фирма.
Возењето не му било наплатено на патникот, а доцнењето било само пет минути, коментираат од Вајмо за СиБиЕс. Проблемот бил надминат со вчитување нов софтвер. Од компанијата се обиделе да контактираат со Џонс, но без успех.
Тој во меѓувреме напиша на Линкд Ин, дека следниот пат пак ќе си повика такси со возач.















