Земјата со најлош возен парк во Европа уште не дозна од каде ѝ доаѓа загадувањето

Зошто руските градови во зима не се соочуваат со загадување со честички ПМ? Затоа што дизел не се вози. Тука уште не се има сознаено дека целото загадување доаѓа од дизелите, од масивниот увоз на користени автомобили, луксузни, силни и тешки автомобили што се купуваат евтино

Автомобили стари најмалку 20 години, сите со дизел мотор, сите без активен филтер за честички ПМ, што согоруваат по 700.000 тони дизел секоја година – и најблаго кажано, уште се бара идиотски каде е изворот на загадувањето во некогаш најубава Македонија.

Кога народот за нешто ќе каже дека е срамота, тоа е дното. Во поглед на заштитата од загадување, во земјава со најбожествена природа, срамота е тоа што ниту по повеќе од една деценија од првото јавно осознавање на проблемот со загадениот воздух, не е постигнато апсолутно ништо, за овој напатен народ да се заштити, ништо помалку од изумирање, од непостапувањето да се врати квалитетот на воздухот.

Кога една лага ќе се повтори илјадапати, таа станува вистина. Тоа е едно правило од коешто многупати имаме трпено во оваа инаку прекрасна држава. Првата лага е дека загадувањето на воздухот доаѓало од загревањето на домовите, а таа лага понатаму низ години се развива во друга лага, дека само Скопје било загадено. Дури сега јавноста вистински осознава дека е далеку од тоа само Скопје да е загадено, затоа што веќе е сосем јасно дека националната срамота се повторува насекаде, во Тетово и Гостивар, во Кичево, Струмица, Куманово, Битола, Прилеп, Велес.

Македонија била најзагадена земја во Европа поради загревањето на домовите, во време кога дневните температури се движат околу десетина степени Целсиузови, а ноќе не се ни приближуваат до нулата? Струмица била најзагаден град во Македонија, покрај пролетниве температури деновиве? Исто така од загревањето на домовите. Срамота!

Загадувањето почна со нерегулираниот и масовен увоз на користени луксузни автомобили со висока емисија на ПМ, што Европа не ги сака по своите улици и покрај своите жители

Колку е далеку земјава од тоа да ја признае националната катастрофа од упорното увезување на користени и искористени луксузни автомобили од богатите европски држави, сосем јасно говори една порака на загриженост од ЕУ, којашто воопшто и не допре до нашата прекрасна држава во време на Заеб-режимот и грубијан-павијан циркузот.

Тоа е уште во 2021 година, кога ЕУ има намера да воведе нова регулатива, со којашто користените автомобили со пониска норма од Еуро 5, ќе ги третира како отпад, со што ќе се оневозможи тие да се извезуваат. Намерата беше на тој начин да се спречи, старите возила што ЕУ не ги сака по своите улици и покрај своите жители, затоа што испуштаат голема количина на честички ПМ – и азотни оксиди, патем, за коишто срединава нема уште чуено – да заминуваат во земјите со понизок стандард, а тоа по правило се и земји што уште немаат свест за животната средина.

Така растеше потрошувачката на дизел во патниот сообраќај 2005-2022 година, според официјални податоци од државната статистика

ЕУ чувствуваше одговорност за тоа што увиде дека користените автомобили што ѝ заминуваат од Унијата, прават неволји со загадувањето на воздухот, но штом веќе никој не слушна за тоа…

Секако дека ЕУ вешто спречи и таа вест да допре до овие средини. Зошто да им го расипеш бизнисот на препродавачите на користени автомобили (што си плаќаат даноци таму, и заработуваат од препродажбата), што инаку би продолжиле да гнијат по автоплацевите, затоа што законите во Унијата ги оптоваруваат старите возила со висока емисија на штетни материи со соодветно високи даноци.

Кусо, тоа што на македонските возачки и возачи им е евтино да го донесат од автоплацевите во земјите во ЕУ – каде што спаѓа и нашиот источен сосед – на жителите во Унијата им е скапо, затоа што за евтино купениот автомобил ќе треба секоја година да плаќаат високи давачки кон државата. Затоа, впрочем, и бидна целата таа фама околу мерцедесите, аудијата и бемвињата што станаа толку евтини по „германиите“. Во Македонија не постои строга регулатива што ќе спречи автомобили со енормна емисија на ПМ да доспеваат во државата.

Во претходната објава на Аутомедиа на оваа тема, беше објаснета директната врска меѓу масовниот увоз на користени луксузни автомобили со дизел мотор и почетокот на националната катастрофа со загадувањето од честички ПМ – што излегуваат директно од издувните цевки на тие евтини луксузни крстосувачи, што не послужија за друго, освен за глумење по улица. Постарите генерации ќе разберат: Како мали Џокица си замислува дека изгледа животот и возењето, кога имаш Мерцедес, Ауди или БМВ – купени за евтино по бугарските плацеви.

А, зошто Скопје не би било најзагаден град во Европа?

Зарем не е најголема срамота, тоа што земјава уште нема осознаено дека загадувањето не ѝ доаѓа од друго, туку во најголема мера од променетиот состав на возниот парк. Додека порано, во времето на „Пунто и Поло“, возниот парк главно се состоеше од нормални возила со бензински мотор, со далеку пониска просечна старост – и без емисија на ПМ – денес улиците се преплавени со евтино купени користени луксузни лимузини и теренци, со силни дизел мотори и тешки каросерии, што испуштаат и по дваесетпати повисока емисија на честички ПМ.

Додека ни се случува катаклизмична загаденост на воздухот, со температури што се блиску до пролетни, уште се верува во заблудата дека загадувањето доаѓало од загревањето?

Најголемото загадување е незнаењето, а потоа и наивноста дека секој се разбира во темата. За воопшто да се почне со пристап во надминувањето на оваа срамота, што секако е кобна, прво треба т.н. параван медиуми (што единствено постојат за да перат пари на избори), да запрат со ширењето на лагата, оти загадувањето доаѓало од загревањето на домовите. Кога и државата соодветно ќе си го дотера разгласот, секаква објава од таква природа, ќе треба да се толкува како манипулирање со јавното мислење преку лаги, и соодветно да се третира.

Вистинското место каде што треба да се работи на оваа проблематика, и каде што ѝ е местото, тоа е МАНУ, Македонската Академија на Науките и Уметностите. Своевремено, пред да се случи срамниот Заеб-режим, македонските научници разработија стратегија, за возниот парк во земјава да се развива во насока на смалување на загадувањето на воздухот од патниот сообраќај, односно од дизелите. Таму беше предвидена и електрификацијата, даночењето во корист на зачувување на квалитетот на воздухот, со план најмалку за дваесет години. Не од Трајче или Прпарим, туку од ценетите македонскии научници.

Дебатата за иднината на автомобилизмот започнува од МАНУ

Досега ќе се напредуваше далеку во насоката на националниот план за развој на возниот парк што го донесе МАНУ. Отстапувањето од тој маестрален план, прво се случи кога еден национален тв-медиум, познат по „најдобрите турски серии во светот“ ја толкуваше изјавата на тогашниот министер за животна средина, поврзана со воведувањето на планот на Академијата, со наивно толкување на тоа достигнување, ставајќи наслов дека „сега народот ќе се казнува со 500 евра за своите стари авотмобили“. Така почнуваат големите срамоти.

Ако тогаш разберевме дека тие 500 евра ќе нé заштитат од увозот на користени луксузни автомобили со висока емисија на честички ПМ, оваа национална катастрофа немаше да се оддолжува до четвртина од 21-от век.

Претходна објаваКиа ЕВ3 ги освои гласовите на дамите за најдобар компактен СУВ
Следна објаваВолво и Тесла ќе наплаќаат дебело од производителите со висока емисија на ЦО2

2 КОМЕНТАРИ

  1. Македонија треба да прекине со субвенционирање на што поголема емисија на дизелски издувни гасови.

    Според WHO- Светската здравствена организација на ООН; “издувните гасови од согорување на дизел гориво во двотактни и четиритактни дизел мотори е КАНЦЕРОГЕН од А категорија” !!!
    (Примети! , не од гориво за загревање на : : домаќинствата, згради, индустрија и слично, нити од керозин во авиосообраќајот !)

    Системски се субвенционира преку акцизата на дериватите која е помала на дизел одколку на бензин, апсурдно дури и придонесот за заштита на околината за бензинот е трипати повисока од дизелот ???!!! Рафинериските цени на дизелот се често повисоки од бензинот а малопродажните секогаш пониски – по литар, а дизелот е потежок по маса, затоа е енергетски поиздашен ( околу 14%) и треба да биде поскап дури и да не е канцероген !
    Во САД дизелот е просечно 7% поскап во малопродажба, пола за потрошувачот пола за производителот.

    Поздрав,
    Симон

    • Следниот наслов е готов: Поевтино ќе беше лошиот увоз на стари дизели да е виновен за загадувањето. Веројатно сега ќе сфати доволно голема критична маса дека „загадувањето е пари“ и зошто не се посега по амнестијата за дизелот. Во делот што се однесува на повластената стапка на акцизата за дизелот во претходната објава се повикувам на Вашето укажување уште пред десет години. Со почит, господин Станковски.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here