
Продажбата на Тесла на светскиот пазар опадна во минатата година, со што се прекина низата од 12 години со последувателен раст во бројот на испорачани возила. Тој континуитет траеше уште откако производителот од САД го пушти својот прв модел наменет за поширок пазар, лимузината Модел С.
Производителот на електрични возила остана во кусок во 2024 година, поради тоа што понудата од модели е застарена и се соочува со сé посилна конкуренција во светски рамки. Единствената причина поради којашто порасна бројот на испорачани возила во последното тромесечје лани беа масивните попусти и разните поволности.
Во четвртиот квартал беа продадени 495.570 возила или за 2,3 проценти повеќе од истиот период една година претходно, соопшти Тесла. Но, на годишно ниво, продажбата сепак остана во минус од 1,1 процент, со 1,79 милион продадени возила. Преклани компанијата постигна рекордна продажба од 1,81 милион возила.
„Беше очекувано дека Тесла ќе претрпи удар од конкуренцијата и токму тоа се случи,“ објаснува Сем Фиорани, директор за прогнози за автомобилскиот пазар во АутоФоркаст Солушнс. „На пазарот на ЕВ доаѓаат толку голем број нови играчи, со толку широк избор, што не може да се очекува дека Тесла ќе продолжи да расте со некогашното темпо.“
Во попладневното тргување на берзата на 2-ри јануари, вредноста на акциите на Тесла падна за 7 проценти, на 377 долари. Во календарската 2024 година, вредноста на акциите на Тесла порасна за 63 проценти, главно поради тоа што Доналд Трамп победи на изборите за претсеател на 5-ти ноември. Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, беше главен трошач за кампањата на Трамп и како заслуга доби улога на советник за раководење со парите на идниот претседател.
Аналитичарите на Вол Стрит не ги засега тоа што продажбата на Тесла имаше пад во минатата година, затоа што очекуваат дека компанијата годинава ќе настапува поагресивно во поисплатливи бизниси, вклучувајќи роботско такси.
„Очекуваме 2025 да биде година на позитивен развој, благодарение на државната поддршка на автономното возење, за коешто очекуваме дека ќе постигне повеќекратно зголемување и со тоа ќе исчезне загриженоста околу забавената продажба,“ вели Герет Нелсон, аналитичар во ЦФРА, кој препорачува да се купуваат акции во Тесла.
Маск во октомври кажа дека продажбата на Тесла во 2025 година веројатно ќе се зголеми за повеќе од 20 проценти во споредба со лани. Тесла планира да понуди подостапен модел во првата половина од годинава, којшто ќе се базира врз постоечката платформа за компактни модели на компанијата. Се очекува и освежена моделска верзија на кросоверот Модел Ипсилон, најпродаван модел на Тесла.
Автомобилските аналитичари ја гледаат причината за падот во продажбата лани во застарената понуда од модели. Единствен исклучок е Сајбертрак, којшто е една година на пазарот и лани беше најпродаван електричен пикап во САД, меѓутоа се работи за мал пазар. Сајбертрак почнува од 81.985 долари, вклучувајќи трошоци за транспорт.
„Очигледно е дека Сајбертрак е ниш производ,“ вели Фиорани, и покрај тврдењето на Маск дека моделот ќе им го одзема пазарот на пикапите на Форд и Шевролет со традиционални бензински мотори. „Тој никогаш нема да стане Ф-150 или Силверадо.“
Тесла не ја објавува продажбата по модели. Во извештајот од 2-ри јануари, Модел 3 и Модел Ипсилон заедно се продале во 1,7 милион примероци, додека „останатите модели“, вклучувајќи ги Сајбертрак и Модел Икс, постигнале 85.133 продажби.
Аналитичарите кажуваат и дека имиџот на марката Тесла е под притисок поради вклучувањето на Маск во политиката во САД, но и поддршката на десно-екстремистичката АфД во Германија, покрај тоа што конкуренцијата на пазарот на ЕВ станува сé пожестока.

Тесла планира автономни возила и хуманоидни роботи
Додека продажбата на возила останува најголем извор на приход на Тесла, Маск кажа дека компанијата се насочува кон поисплатливи бизниси, коишто се темелат на софтвер, како што се автономните возила и човековидните роботи.
Тесла планира годинава да пушти роботско такси во Калифорнија и Тексас, при што ќе се користат постоечките модели. За в година се планира наменско роботакси, односно Сајберкаб, што ќе се произведува во фабриката во Тексас.
Компанијата уште не продава автономни возила, но се надева дека ќе се вмеша во бизнисот на лидерот со роботакси, Вајмо, којшто нуди таква услуга во неколку сојузни држави во САД.
Засилената конкуренција во САД, Кина и Европа притиска врз компанијата. Тесла се ориентира на масивни попусти, договори за лизинг и разни поволности, меѓу другото и бесплатно користење на полначите Суперчарџер, за да се поттикне продажбата.















