Најпродавани нови автомобили во МК пред завршетокот на минатата година

Тојота Корола е најпродаван модел во ноември; класичарот посебно привлече внимание пред пет години, кога постигна просек од 3,4 литри на цел круг низ Македонија

Предводничка во ноемвриската продажба на нови автомобили во Македонија е Тојота Корола, еден од моделите што ја одбележаа домашната автомобилска сцена во изминатата половина деценија. Уште еден доказ дека македонските возачки и возачи си ја задржуваат љубовта кон моделите што ќе ги одберат: Најпродаван модел за 11 месеци лани пак е Киа Спортаж.

Македонскиот автомобилски пазар навистина се најде во своевидна непогода во изминатите деценија и пол, откако беа симнати сите заштитни механизми, што се основа за возниот парк во една држава да се развива по нормален тек, и се дозволи масовен увоз главно на луксузни користени автомобили, под тешки облаци од сомнежи околу нив. Како и во сé друго во оваа наша најубава земја, требаше да се случи феномен и продажбата на нови автомобили во сега веќе минатата година забележа раст од околу 40 проценти.

Непостоењето официјална статистика за продажбата на возила и натаму ѝ наштетува на автомобилската сцена. Од една страна, возачките и возачите не можат да добијат вистински увид и помош од пошироката средина, кога се работи за тоа кои модели се продаваат подобро, а кон кои модели пазарот има помала доверба.

Од друга страна, увозниците на нови автомобили, чијшто бизнис се темели врз стратегија и планирање, без да постои точна, најцелосна и брза статистика, не можат да се потпираат на скалестиот ефект во продажбата и на факторот на извесност, за да можат да постигнат уште пониски цени од фабрика, а со тоа и да понудат пониски цени за своите модели.

Непостоењето статистика со државен печат ја разводнува конкурентноста, од којашто пак најмногу ќе профитираат купувачите

Тоа е уште еден феномен во оваа наша прекрасна средина, во којашто треба да минат 500 години за нештата да се променат. Државни инстутиции располагаат со најподробни податоци за новите автомобили што се увезуваат и се продаваат, вклучувајќи боја на каросерија, вид на погон и менувач, електрификација, цена, меѓутоа отсуствува одговорност, и секако знаење, за сите тие податоци да се обработат и да им се послужат – не само на увозниците, туку пред сé на купувачите.

И по вообичаениот долг вовед за сите нешта што треба да функционираат и во наша Најибава Македонија, меѓутоа нешто ги спречува, конечно бројките од продажбата за ноември лани.

На македонскиот пазар во ноември лани се продадени 531 патнички автомобили и доставни возила. Тоа е само за 8,4 проценти подобро во споредба со истиот месец лани, меѓутоа вистинската динамика се покажува на подолг рок, а тоа е раст од 36,9 проценти во првите единаесет месеци лани, во споредба со истиот период во 2023. До ноември биле продадени вкупно 6.623 лесни возила, од кои 5.692 патнички автомобили и 931 лесни товарни возила, односно главно фургони за достава.

Во претходниот извештај од македонскиот пазар на Аутомедиа беа објавени најпродаваните марки во ноември лани:

  • Шкода: 66 возила
  • Тојота: 56 возила
  • Фолксваген: 38 возила
  • Ситроен: 37 возила
  • Хјундаи: 32 возила
  • Киа: 28 возила
  • Пежо: 20 возила
  • Мерцедес: 15 возила

Во овој извештај се појавуваат и продажбите по модели, а тоа покажува дека најпродаван модел во ноември е Тојота Корола, со продадени 38 возила, односно вкупно 208 примероци до ноември. Корола беше воедно и втор најпродаван модел во 2023, по Киа Спортаж. Втора по продажба е Шкода Октавиа со 31 возило, каде што веројатно се вклучени и тендерски испораки. Според неофицијалната статистика, за 11 месеци се продадени 238 возила.

Уште едно познато име во Топ 3 е Киа Спортаж, веројатно најпродаван автомобил и во ’24, со продадени 22 возила во ноември и 256 возила од јануари до ноември. Фиат Панда пак изненадува на 4-то место, со 20 возила. Традиционалната љубов на македонскиот пазар за лимузини ја покажува Ситроен Ц-Елизе со 18 примероци.

Марка и модел

Ное ’24

2024

1 Toyota Corolla 38 205
2 Skoda Octavia 31 238
3 Kia Sportage 22 256
4 Fiat Panda 20 n/a
5 Hyundai Tucson 19 193
6 Citroen C-Elysée 18 n/a
7 Skoda Kamiq 15 226
8 VW Golf 13 n/a
9 VW Taigo 12 n/a
10 Chery Tiggo 11 n/a
10 Citroen C4 11 n/a
Dacia Duster 9 217
Opel Corsa 8 212
Citroen C3 5 180
Renault Clio 3 185
Skoda Scala 3 195

За расположението на нашите возачки и возачи за Шкода Камик сведочат 226-те примероци за 11 месеци. Таа беше трет најпродаван модел во ’23. Сосем ново име е Фолксваген Таиго, на 9-то место, со само едно возило помалку од Голф. Од останатите имиња меѓу најпродаваните, Ситроен Ц3 со 5 возила во ноември и 180 возила за цела година без декември, сосем е извесно дека мошне скоро ќе се врати на највисоките места, откако е направена генерациската смена. Тестот на новиот Ц3 веќе е на Аутомедиа и меѓу најгледаните содржини е на нашиот канал на јутјуб во декември, со повеќе од три илјади прегледи досега.

Претходна објаваА, зошто Скопје не би било најзагаден град во Европа?
Следна објаваДонгфенг на македонскиот пазар избоксува место за електричен автомобил од 22.000 евра

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here