
Абарт

Спортската марка на Фиат во почетокот на 2025 година го пушта во продажба Абарт 600е, како свој најсилен електричен модел досега. Во ограничената серија Скорпионисима, тој располага со 280 КС. Малечкиот кросовер со своите 4,12 метри е воедно и најсилниот сериски модел во историјата на марката Абарт. Ќе се понуди и основна изведба со 240 КС. Нејзината цена на европските пазари е околу 45.000 евра, врвниот модел доаѓа до 49.000 евра.
Алфа Ромео
Откако Италијанците со двата кросовери Тонале и Јуниор ја проширија својата понуда, што претходно беше ограничена на два модели, следи обнова на една познајничка. Втората генерација на големиот СУВ-модел Стелвио ќе ја користи новата платформа СТЛА Ларџ на концернот Стелантис. Тоа значи дека Стелвио во иднина ќе вози со електричен погон, што во врвните моделски изведби ќе постигнува четирицифрена моќност. Подоцна ќе бидат додадени и моделски изведби со мотор со внатрешно согорување.
Алпин

Алпин, сестринската марка на Рено, го пушта во продажба А290, електричен спортски модел врз основа на Р5 Е-Тек.
Спортската сестра на Рено го почнува новото историско поглавје како марка што ќе нуди само електрични автомобили. Почетокот му припаѓа на Алпин А290, којшто како основа го користи неодамна стартуваниот Р5. Кај Алпин се големи разликите во изгледот, дотерувањето и во погонот. Малечкиот автомобил ќе постигнува до 218 КС, а досегот ќе биде под 400 километри. Цените почнуваат малку под 40.000 евра.
Ауди

Инголштат има нова генерација на А4, којашто отсега се води А5, затоа што парните бројки се резервирани за чисто електричните модели, непарните се за моделите со мотор со внатрешно согорување, вклучувајќи хибриди. Новата А5 во лимузинска и комби изведба Авант нема да се произведува во електрична изведба. Цените на германскиот пазар почнуваат од 45.200 евра, моќноста досега до 367 КС за С5. Каросеријата е подолга и поелегантна. Внатрешноста оддава благородност, секако со дисплеи распослани по цел кокпит, се користи и сосем нов систем за инфозабава.

Со големо доцнење доаѓа и електричната А6 Е-Трон, како модел од вишата класа. Лимузината и комбито користат нова платформа со 800 волти и во најдобар случај возат до 756 километри до следното полнење. Цените во Германија почнуваат од 62.800 евра.
Во својот електричен огранок, Ауди во иднина ќе ја има и новата каросериска изведба Ку6 Е-Трон Спортбек, од својот сестрински модел на Порше Макан. Со покрив како на купе, кросоверот постигнува досег од преку 600 километри и ги привлекува купувачите што имаат око за дизајн.
БМВ

Мали бубрези во маската, чиста и едноставна каросерија и задолжителниот хофмајстеркник зафат во задните прозорци: БМВ преоѓа на нов дизајнерски пристап кај својата нова генерација електрични автомобили, со благо повикување на историските модели. Почетокот на тоа што Минхен го води како Ное Класе, нова класа, ќе го одбележи СУВ на местото што досега му припаѓаше на и Икс 3, електричната изведба од претходната генерација на Икс 3. Меѓу посебностите се вбројува 800-волтен систем со нова батерија со тркалезни ќелии. Досегот на тој начин се зголемува за една третина, а воедно се забрзува и полнењето. Моделите од Ное Класе ќе располагаат и со систем за автопилотирано возење од Ниво 3.
БИД

Кинескиот производител, меѓу другото, цели точно на Тесла Ипсилон со својот СУВ од средната класа, долг 4,83 метри и именуван Силајон 7, во превод морски лав. Големиот брат на моделите Долфин и Сил, делфин и фока, што исто така се именувани според морски животни, освен во чисто електрична изведба ќе се нуди и како приклучен хибрид.
Е-изведбата ќе поседува батерија ЛФП што речиси целосно е опфатена во каросериската школка и со тоа се одзема помалку простор од подот. Цените почнуваат од 50.000 евра, досегот е околу 500 километри.
Кадилак

Премиум марката од САД ќе го продава својот почетен електричен модел и во Европа. Кросоверот од средна класа Оптик е помал од петметарскиот Лирик и ја користи новата платформа за електрични модели на Џенерал Моторс. Досегот се движи меѓу 400 и 500 километри. Може да се избере изведба со заден или со погон на сите тркала. Ценовникот почнува од 70.000 евра.
Ситроен

Новата генерација на Ц5 Еркрос преоѓа на нова платформа СТЛА Медиум на концернот Стелантис. СУВ-моделот од средна класа го покажува новиот и поостар дизајн на марката, и со 4,75 метри е зналително подолг од претходничката. Се претпоставува дека моделот ќе биде понуден како благ хибрид и приклучен хибрид, како и во целосно електрична изведба. Големиот Ситроен е сестринскимодел на Пежо 3008 и Опел Грандленд, со коишто ја дели техниката.
Купра

Спортската и отмена марка на Сеат е очигледно прва во целиот концерн Фолксваген што ќе понуди навистина достапен модел со електричен погон. Кросоверот во класата на Ибица ќе го носи името Равал и ќе стартува од околу 25.000 евра. Техничките близначки Фолксваген ИД.2 и Шкода Епик ќе се појават во салон дури во 2026 година.
Дачиа

Романската марка сака да го освојува и пазарот над Дастер. Таа задача ја има кросоверот Бигстер, долг 4,60 метри. Хибридниот модел чини околу 30.000 евра, додека чисто бензинскиот модел стартува под 25.000 евра. Постои и изведба со погон на ситер тркала, исто како кај Дастер. Нема дизел, нема струја, но затоа има изведба со погон на автогас.
Донгфенг

Градскиот модел Бокс со чисто електричен погон, долг околу четири метри, стартува со продажба напролет, со свеж изглед и досег до 310 километри. Очекувањата на кинескиот концерн (Еолус, Фортинг) за овој модел се големи, како еден од клучните модели за Донгфенг да фати чекор пошироко на европскиот пазар. Цената би требало да се движи околу 22.500 евра.
ФИАТ

Фиат додава уште една Панда во своето моделско семејство. Новиот модел го носи името Гранде Панда, меѓутоа пак останува под границата од четири метри. Техниката е заедничка со Ситроен Ц3 и Опел Фронтера, сестрински модели од концернот Стелантис. Изгледот се раководи според култниот модел од 1980-те години. Цената на Големата Панда ќе биде блиску до Ситроен Ц3, а тоа значи дека ќе биде еден од најдостапните модели на пазарот. Постои и целосно електрична изведба, што ќе чини под 25.000 евра. Се размислува и за уште подолга изведба, којашто веројатно ќе располага со трет ред седишта. Досегашната Панда останува и натаму во понуда, како Пандисима, најмалку до 2027 година.
Форд
Форд го враќа Капри. Новото издание е сосем различно од купето од доцните 1960-ти години, што беше осмислен како европски масл-кар. Место тоа, доаѓа кросовер со покрив како купе, со целосно електричен погон. Најскапите изведби ќе постигнуваат досег од преку 600 километри, а моќноста ќе досега до 300 КС. Исто како кај Експлорер, техниката доаѓа од Волфсбург, односно од Фолксваген ИД.4 и ИД.5. Ценовникот ќе почнува од најмалку 52.000 евра.
Класа подолу е електричната изведба на кросоверот Пума, којшто воедно доби и моделско освежување. Со цена од 37.000 евра, електричната Пума ќе вози до 376 километри до следното полнење.
ГАЦ
Компактниот СУВ-модел Ајон В ќе пристигне во продажба на европскиот пазар кој завршетокот на годината. ГАЦ е кусо од Гуанжу Аутомотив Груп Компани, уште еден производител од Кина. Моделот се нуди само со електричен погон, многу ветува досегот од 750 километри. За цената се спомнува вредност од 40.000 евра.
Џенезис
Премиум марката на Хјундаи сака да ги копира Мерцедес со АМГ и БМВ со М ГмбХ, најавувајќи спортска подмарка. Првиот модел од семејството Магна ќе биде електричниот кросовер ГВ60 со моќност од 490 КС.
Хјундаи
Корејците ја прошируваат својата понуда од електрични модели надолу. Инстер чини помалку од 25.000 евра, има некој посебен изглед и со цената им парира на електричниот Ситроен е-Ц3 и на Дачиа Спринг. Батеријата се нуди во неколку различни големини, досегот е најмалку 300 километри. Моделот користи поевтина 400-волтна мрежа и полни побавно од моделите Јоник.
Џип

Култната марка теренци од САД доаѓа со ново издание на Компас. Компактниот СУВ долг околу 4,5 метри ја користи истата платформа СТЛА Медиум на концернот Стелантис како новиот Ситроен Ц5 Еркрос. Тоа значи дека и Џипот ќе се нуди со благ и со приклучен хибриден погон, како и во целосно електрична изведба. Производството ќе се одвива во Мелфи, Италија. Во 2026 година, новиот компас ќе почне да се произведува и во Северна Америка.
Киа

Киа се вбројува меѓу пионерите на новиот бран електрични модели и уште го забрзува темпото. Во втората половина од годинава се очекува ЕВ4, помал брат на спортскиот кросовер ЕВ6. Со каросерија што е спој меѓу СУВ и лимузина, новиот модел користи 400-волтна мрежа, место 800 волти, што овозможува и неговата цена да биде пониска. Се очекува цена од околу 40.000 евра. Покрај кросоверот, ќе се нуди и лимузинска изведба. Уште една премиера што се очекува е ПВ5, електричен минибус, што е прв од идната серија од т.н. наменски и професионални возила. Киа ќе нуди и неколку иновативни услуги за превоз.
Ланчиа

Марката со долга традиција близу една деценија беше отсутна од поширокиот европски пазар и сега се враќа со новиот Ипсилон. Техниката е заедничка со Пежо 208 и Опел Корса, што значи дека новиот модел созреа една класа погоре. Покрај изведбата со 48-волтен благ хибриден погон и 100 КС, гамата ја сочинува целосно електричен модел со 156 КС и батерија од 51 кВч, односно негова спортска варијанта ХФ со 280 КС.
Ланд Ровер

Рејнџ Ровер Електрик е првиот електричен автомобил на луксузната британска марка. Според производителот, тоа ќе биде „најсилниот електричен луксузен СУВ“. Меѓу моментно најсилните СУВ со погон само на струја спаѓаат Лотус Елетре Р со 918 КС и Тесла Модел Икс Плејд со 1.020 КС.
Липмотор

Заедничката компанија на концернот Стелантис и кинескиот производител Липмотор поаѓа во освојување на светскиот пазар со компактниот СУВ-модел Б10. Техничките податоци на електричниот кросовер уште не се објавени. Изгледот е сличен со поголемиот модел Ц10. Новакот ја користи платффромата Лип 3.5, додека во поголемиот модел работи постарата верзија 3.0. Кинескиот електричен СУВ со големина слична на Фолксваген ИД.4 и Шкода Ениак, ќе чини околу 30.000 евра.
Мазда

Јапонците досега беа позаспани во поглед на електромобилноста. Тоа ќе се смени со лимузината што светот ја познава под ознаката ЕЗ-6. Таа е заеднички проект со кинескиот партнер Чанган. Техниката ветува моќност до 272 КС, батерија до 80 кВч и досег од околу 550 километри.
Мерцедес-Бенц

Моделот е најавен како електрична револуција, но ќе биде достапен и во изведба со мотор со внатрешно согоруивање. Мерцедес ЦЛА е првиот модел врз новата архитектура за електрични автомобили на Штугарт, со голем напредок во штедливоста. Купе-лимузината во иднина ќе биде основен модел на марката, откако Мерцедес-Бенц почна да преоѓа од премиум во луксузна марка. За технолошката зрелост говорат 800-волтната мрежа за брзо полнење, нов систем за двонасочно полнење на батеријата и технологија за автопилотирано возење.
Мини

Сестринската марка на БМВ почнува со продажба на малечок автомобил со целосно електричен погон Ејсмен. Дизајнот го следи примерот на новиот Купер, а исто и техниката на кросоверот долг 4,08 метри потекнува од него. Досегот се движи меѓу 300 и 400 километри, основниот модел ќе чини околу 30.000 евра.
Мицубиши

Пред цела една деценија, Аутлендер беше еден од првите СУВ-модели со приклучен хибриден погон. Во март почнува европската продажба на големиот универзалец од 4-та генерација. Моќноста е 306 КС, а при користењен пого на струја може да се смета на досег до 83 километри. Ценовникот почнува од 50.000 евра.
Нисан
Јапонците сакаат да се вратат во првата лига на електричниот погон. Таа намера може и да им успее со новата Микра, којашто се базира на Рено 5 и ќе има впечатлив дизајн. Цената би требало да биде далеку под 30.000 евра. Стартува и третата генерација на Лиф, којшто од класична комбилимузина прерасна во кросвоер. Техниката и изгледот се раководат според СУВ-моделот од средна класа Арија.
Опел

Риселсхајм има нова генерација на знаменосецот Грандленд. Исто како и претходникот, новиот модел се потпира на платформа од Стелантис. Компактниот СУВ повеќе се издвојува со изгледот и прв Опел е со осветлено лого во маската. Продажбата почнува со електричната варијанта со 582 километри досег, а подоцна пристига и топ изведбата со досег до 700 километри. Кој цени дека 52.000 евра за електричната изведба му се многу, ќе има на располагање модел со благ хибриден погон и цена од околу 36.000 евра на германскиот пазар.

Две класи подолу доаѓа новата Фронтера, којашто исто така ќе се произведува во електрична и бензинска изведба. Малиот кросовер што може да се нарача и со 7 седишта, почнува од 24.000 евра во Германија, додека електричниот модел чини 29.000 евра. За разлика од истоимениот модел од 1990-те, новата Фронтера нема да вози со погон на сите тркала.
Порше
Налето престанува производството на спортските модели со средишен мотор 718 Бокстер и Кајман. Наследниците ќе бидат електрични и веројатно ќе стартуваат со продажба уште годинава.
Рено

Французите продолжуваат да се повикуваат на традицијата при проширувањето на понудата од електрични модели. По новото издание на Р5, во почетокот на 2025 доаѓа и нова генерација на Р4. За разлика од култниот модел од 1960-те, новакот не е осмислен како комби со висок покрив, туку е модерен и приспособлив кросовер. Гамата се состои само од електрични модели, досегот изнесува до 400 километри. Меѓу бројните посебности спаѓаат платнениот покрив што се собира и технологијата што овозможува батеријата меѓу другото да се користи за полнење електричен велосипед или тротинет.
Иако Р4 по ознаката би требало да е помал од Р5, тој е поголем и соодветно е поскап, односно од следната пролет ќе се нуди по цени од 30.000 евра нагоре.
Шкода

Електричната офанзива на чешката марка годинава продолжува со Елрок. СУВ-моделот долг 4,50 метри го донесува новиот дизајн на Шкода и прв модел е што го има напишано името на марката по хаубата. Техниката доаѓа главно од поголемиот Ениак. Основната изведба користи батерија од 55 кВч, во топ-моделот работи батерија од 82 кВч, што дозволува досег од преку 560 километри. Цените на електирчниот брат на Карок почнуваат од 34.000 евра.
Смарт

Смарт расте. Напролет е ред за #5, досега најголем модел на некогашната марка микро-автомобили на Мерцедес-Бенц. Електричниот кросовер е долг 4,70 метри и со 800-волтна мрежа нуди досег до 600 километри. Со погон на сите тркала, по потреба може да се совлада и малку посериозен терен. Денес заедничката марка на Мерцедес и кинески Џили напредува и со цената. Се очекува почетокот да биде околу 40.000 евра.
Субару

Кон завршетокот на јануари почнува продажбата на 6-та генерација на СУВ-моделот Форестер, со унапреден погон на сите тркала, богата опременост и со нов стил. Цените ќе почнуваат од околу 40.000 евра. Наспроти претходникот со 150 КС, новиот модел ќе има на располагање 136 КС. Задржан е благиот хибриден погон.
Сузуки

Сузуки досега беше воздржан со електричниот погон. Марката што е специјализирана за градски и компактни модели, како и за погон на сите тркала, настапува мошне силно во овие кризни времиња, затоа што ја црпи моќта од домашниот пазар и од индискиот пазар, што големите концерни допрво го откриваат. Тоа е воедно и причината зошто Сузуки досега не понуди електричен модел. Ново поглавје отвора е-Витара, како прв целосно електричен модел на марката. Димензиите пораснаа во сите насоки во споредба со класичната Витара, меѓутоа со должината од 4,28 метри останува во компактниот сегмент. Цените се очекува да почнуваат од околу 30.000 евра.
Тојота

Светскиот лидер досега не играше на голема карта во поглед на електромобилноста. Годинава се проширува понудата со новиот Урбан Крузер, којшто е речиси целосно ист со Сузуки е-Витара.
Фолксваген

Продолжената изведба на Тигуан со опција за 7 седишта отсега ќе се води под името Тајрон, како независна моделска серија. Кросоверот со своите 4,77 метри е подолг 23 сантиметри од Тигуан. Половина од порастот оди во корист на багажникот, половина во просторот на задната клупа. Освен во бензинска и дизел изведба, Тајрон ќе се произведува и како приклучен хибрид, со досег до 100 километри и можност за брзо полнење. Постои и изведба со погон на сите тркала. Ценовникот почнува од 45.000 евра.
Волво
Електричниот кросовер Е Икс 90 ќе добие придружба од лимузински модел. Швеѓаните напролет ќе ја прикажат лимузината Е С 90, којашто ќе има улога на знаменосец. Техниката со 400-волтна мрежа доаѓа од големиот СУВ, меѓутоа досегот се продолжува на 600 километри, поради понискиот отпор на воздух.
Воја

Уште една кинеска марка доаѓа во премиум сегментот на европскиот пазар. Сестринската марка на Донгфенг стартува со моделот Кариџ во популарниот сегмент на СУВ-возила. Цените почнуваат од 45.000 евра. Конкурентот на Тесла Ипсилон ќе биде доистапен со заден или со погон на сите тркала, со моќност од преку 400 КС. За досегот исто така се наведуваат 400 километри.
Експенг

По четири години од дебито, лимузината П7 веќе стартува во нова генерација. Таа ја носи додавката Плус, користи 800-волтна мрежа и напредува и во поглед на вештачката интелигенција. Кинезите уште не откриваат поединости, цените ќе почнуваат од 50.000 евра.















