Фолксваген се спогоди со синдикатот, нема итно затворање фабрики и отпуштање работници

Историјата постојано се врти во круг. Голф се сели во Мексико, исто како што Бубата своевремено продолжи да ја гради легендата околу овој модел во Пуебла. Во Германија ќе се произведува нов електричен Голф

Раководството на синдикатот ја оцени спогодбата како „божикно чудо“, по преговорите што траеја 70 часови. Со спогодбата се спасуваат неколку фабрики на Германија од итно затворање и се избегнува масовно отпуштање работници, како и намалување на платите. Сето тоа ќе се случува во подолг временски рок.

Спогодбата е постигната по пет рунди преговори и два протести во фабриките на Фолксваген во Германија, во коишто учествуваа околу 100.000 работници и се најголеми во 87-годишната историја на ФВ.

Фолксваген прифати 10-те фабрики на марката во Германија да останат во погон и да се обноват колективните договори за обезбедување на работните места до 2030 година. Тоа на конференција за медиуми го објави работничкиот совет на компанијата. Наспроти тоа, работниците ќе се откажат од дел од бонусите, прифаќаат да се смали бројот на приправници што се вработуваат трајно, како и да се скуси капацитетот во пет фабрики.

„Ниту една фабрика ќе се затвори, ниту работници ќе се отпуштат од оперативни причини, а договорот за плата со нашата компанија ќе се обнови на долг рок,“ соопшти шефицата на работничкиот совет Даниела Кавало. „Со овој троен договор, постигнавме сигурно решение среде најтешки економски услови.“

На посебна конференција за медиуми на 20-ти декември, Фолксваген соопшти дека е постигнат договор со синдикатите, на социјално одговорен начин да се скусат над 35.000 работни места во фабриките на Фолксваген. Со тоа ќе се постигне намалвуање на трошоците за преку 15 милијарди евра.

Капацитетот ќе се скуси за околу 730.000 возила, кажа извршниот директор на марката Фолксваген, Томас Шефер.

„По долги и напорни преговори, договорот претставува важен сигнал дека марката Фолксваген има сигурна иднина,“ изјави извршниот директор на групацијата Фолксваген, Оливер Блуме.

Договорот е нов почеток за извршниот директор на групацијата Фолксваген, Оливер Блуме

Мерките се неспоредливо поблаги од драстичните скусувања што Фолксваген ги предложи во почетокот. Предводниците на синдикатот силно се спротивставија на намерата да се отпуштат илјадници работници, да се намалат платите и да се затворат три фабрики во Германија, за марката Фолксваген да стане поконкурентна.

Договорот воедно овозможува Блуме одново да ја почне пресвртницата за најголемиот производител на автомобили во Европа, во време кога компанијата се соочува со намалување на пазарниот удел во Кина и забавува побарувачката за електрични возила во Европа и во САД. Двете страни се обврзаа дека ќе изнајдат решение пред католички Божик.

Како дел од спогодбата, управата ги убеди претставниците на синдикатот, за производството на Голф, од фабриката во Волфсбург да се пресели во Мексико, како и да се смали капацитетот во фабриката за електрични автомобили во Цвикау, со тоа што производството на моделите ИД.3, ИД.4 и Купра Борн, од фабриката во Емден ќе се пресели во Волфсбург.

Во Цвикау ќе продолжи да се произведува Ауди Ку4 Е-трон и воедно ќе се отпочне со проект за рециклирање автомобили. Волфсбург ќе го произведува идниот електричен Голф, што ќе користи нова платформа којашто е развиена заеднички со Ривиан Аутомотив од САД. Новиот електричен Голф се очекува во 2028 година.

Во Дрезден од 2025 година нема повеќе да се произведуваат автомобили и Фолксваген бара „заменско решение“, меѓутоа фабриката нема да се затвори.

Phaeton своевремено се произведуваше во ексклузивните погони во Дрезден, по принципот на „послужавник“

„Постигнатата спогодба во преговорите за колективните договори за работа претставуваат важен чекор на патот Фолксваген АГ да стане поконкурентен во Германија“, кажа директорот за финансии на концернот Арно Антлиц, во неговата објава на Линк’д Ин. „Навистина сме им благодарни на нашите вработени за волјата да го постигнат овој договор – тоа сведочи за нашата заедничка одреденост да им се спротивставиме на предизвиците на денешното компетитивно опкружување.“

„Намалувањето на издатоците за персоналот, смалувањето на техничкиот производствен капацитет во фабриките на Фолксваген во Германија за околу 730.000 возила, и договореното намалување на персоналот го овозможуваат неопходното намалување на трошоците. Овие мерки се клучни за да се обезбеди конкурентност на подолг рок. Вистинската работа почнува сега: Мораме да ги засилиме нашите напори да ја зајакнеме ефикасноста во нашите германски фабрики и да ги оптимизираме процесите, за да осигуриме успешна транзиција во електромобилноста,“ порачува Антлиц во објавата на професионалната мрежа.

„Нашиот приоритет е постојано да ја применуваме спогодбата што ја постигнавме.“

Германската економија е жестока тема пред изборите за Бундестагот

Кризата во Фолксваген се случува во време на несигурност и политички преврат во најсилната економија во Европа, како и во време кога целата автомобилска бранша во регионот се наоѓа пред големи промени.

Начинот за надминување на забавениот економски раст на Германија е централна тема во кампањата што се води пред изборите во февруари. Канцеларот Олаф Шолц, кој заостанува во предизборните анкети, порача Фолксваген да ги задржи сите фабрики во погон.

Работниците во Фау-Ве остро се спротивставија на намерите да се затвораат фабрики во Германија, но Фолксваген напомена дека тоа може да биде неизбежно, за да се постигне заштеда од околу 4 милијарди евра и да се одговори на забавената побарувачка за возила во Европа.

Менаџментот мора да обезбеди одобрение од најмалку две третини од 20-члениот надзорен одбор, за каква било одлука за изградба или преселување на фабрика за производство. Тоа значи, дека 10-те членови што го претставуваат работничкиот синдикат, можат да стават вето за каков било план што ќе влијае врз работата на фабриките.

Аналитичарите ценат дека е потребно да се скусат 30.000 работни места, за да се обезбеди профитабилност

Патрик Хамел, аналитичар на УБС, во минатата седмица процени дека би било неопходно да се скусат најмалку 30.000 работни места, за на тој начин да може да се обезбеди оперативната маржа од 6,5 проценти во 2026 година.

Заканите за штрајк на ИГ Метал се покажаа како силен инструмент за спогодување. УБС процени дека секој ден во штрајк во Германија би значел за Фолксваген губиток од 100 милиони евра во прометот и околу 20 милиони евра во оперативниот профит, раководејќи се според производството меѓу 2.000 и 3.000 возила дневно.

Претходна објаваТесла Ипсилон ја губи продажната трка од Дачиа Сандеро, за насловот на најпродаван модел во Европа годинава
Следна објаваКако се распределува производството во 10-те фабрики на Фолксваген во Германија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here