
Бројот на новорегистрирани автомобили на европскиот пазар во ноември е намален за 2 проценти во споредба со лани, на 1,06 милион возила. Франција (-12,7%) и Италија (-12,7%) придонесоа најмногу за негативниот тренд, соопшти здружението на производители АЦЕА на 19-ти декември. Единствен поголем пазар во Европа што постигна раст е Шпанија, со 6,4 проценти во плус.
Производителите на автомобили се соочуваат со забавена побарувачка во Европа, поради притисокот од зголемените режиски трошоци врз купувачите. Укинувањето на државната помош за купување електрични автомобили на некои од клучните пазари, како Германија и Шведска, дополнително ја погоди побарувачката за возила со ниска емисија на штетни материи, коишто се поскапи од нивните еквиваленти со мотор со внатрешно согорување.
Најголемите производители во Европа, предводени од групацијата Фолксваген и Стелантис постојано воведуваат нови мери за да ги скусат трошоците, додека во исто време се мачат да ги смират работничките синдикати. Кризата зеде данок и кај добавувачите на автомобилските фабрики, како и врз стартап-компаниите, како шведскиот производител на батерии Нортволт, којшто во ноември побара поведување стечајна постапка.
Продажбата на целосно електрични автомобили во Европа напредуваше за 0,9 процент во ноември во споредба со лани. Најголем придонес за тоа има зголемената побарувачка во Обединетото Кралство, откако попустите го привлекоа вниманието на купувачите. За 11 месеци, продажбата сепак е поднамалена од лани, со 5,4 проценти во минус. Побарувачката за модели со приклучен хибриден погон во минатиот месец падна за 8,6 проценти.
Додека европските купувачи уште се убедуваат околу електричните автомобили, расте побарувачката за нормални хибриди, каде што и натаму владеат Тојота и Лексус. Продажбата на возила со комбиниран бензински и електричен погон, во минатиот месец напредуваше за 16 проценти.

Забавениот раст на индустријата има далекусежни последици. Фолксваген размислува за отпуштање и за затворање фабрики во Германија, што се нема случено досега. Исто и Стелантис воведува напори да закрепне по девастирачката година, што го достигна врвот со заминувањето на извршниот директор Карлос Тавареш во почетокот на месецов.
Производителите се соочуваат со казни што можат целата бранша да ја чинат милијарди евра, доколку не бидат исполнети новите и построги норми за емисија на штетни гасови на ЕУ, што стапуваат на сила од првиот ден од новата година.

Добавувачите исто така воведуваат драстични мери за скусување на трошоците, затоа што намалената побарувачка влијае и врз нив. Роберт Бош, ЗФ Фридрихсхафен и Шефлер се меѓу производителите на делови што мораат да отпуштат илјадници работници, поради тоа што забавената продажба на возила го погодува и ланецот на добавувачи.















