
Европските производители на автомобили ги зголемуваат цените за моделите со мотор со внатрешно согорување и подготвуваат попусти за електричните возила. Причина се построгите норми за штетна емисија на ЕУ, коишто се закануваат дека дополнително ќе ѝ ги скусат профитите на автомобилската индустрија, што веќе се соочува со други проблеми.
Европската Унија значително ќе го спушти прагот за емисија на јаглероден диоксид, почнувајќи од 1-ви јануари 2025 година. За производителите да останат под тој праг, најмалку 20 проценти од продажбата на возила мора да отпаѓа на чисто електрични автомобили.
Електричните автомобили годинава учествуваат со 13 проценти во вкупната продажба во Европа, според податоците од здружението АЦЕА
„Заостатокот навистина е голем,“ кажува Марк Мортуре, директор на француското здружение ПФА.
На браншата ѝ се воведуваат построги норми, во време кога таа веќе се соочува со недоволно искористени производствени капацитети, поради забавената продажба и поради растечката конкуренција од Кина. Пред неколку месеци, моќните автомобилски концерни Фолксваген и Стелантис, мораа да ѝ соопштат на берзата дека планираните профити за годинава веројатно нема да бидат остварени.
Тоа што сега мораат да го направат производителите е да продаваат повеќе електрични автомобили. Тие се поскапи од возилата со обичен бензински или дизел мотор. Дополнителен фактор е политичката и економската неизвесност, како и укинувањето на субвенциите
Поради загриженост од новите правила, извшниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, во почетокот на месецов ненадејно ја напушти функцијата, а во дел и поради неговиот спор со управиот одбор околу начинот за справување со новиот предизвик.
Насочување на побарувачката преку зголемување на цените за моделите со мотор со внатрешно согорување
На одвај две седмици до стапувањето во сила на новите закони, европските политичари притискаат Брисел да се премисли околу лимитите. Производителите сепак не чекаат помош, туку првенствено настојуваат да ги избегнат казните, што би можеле целата бранша да ја чинат до 15 милијарди евра, доколку се оценува според сегашната продажба, порача претседателот на АЦЕА, Лука де Мео.
Групата Транспорт и Животна средина, којашто ги обединува сите невладини организации што се залагаат за одржлив возен парк, цени дека казните ќе бидат далеку пониски и веројатно ќе достигнат околу 1 милијарда евра. Како најголем производител на автомобили во Европа, веројатно концернот Фолксваген ќе треба да плати највисока казна.
Фолксваген, Стелантис и групацијата Рено, во минатите два месеци ги покачија цените на моделите со мотор со внатрешно согорување за неколку стотини евра (на пазарите во ЕУ). Аналитичарите во тоа гледаат обид да се забави продажбата на возила со повисока штетна емисија и да се направи електричните модели, што се поскапи, да бидат попривлечни.
„Производителите ја отпочнаа својата стратегија, преку цената да ја насочуваат побарувачката кон батериските електрични автомобили, со цел да се постигнат целите за ЦО2 и да се избегне опасноста од казни,“ вели Беатрикс Кајм во Центарот за автомобилски истражување во Бохум, Германија.
Пежо во минатиот месец ги зголеми цените за сите свои модели во Франција до 500 евра, со исклучок на целосно електричните модели.
Групацијата Рено ги зголеми цените на некои од своите модели што користат само бензински мотор, на пример, за 300 евра или 1,6 процент кај Цлио СЦе 65, меѓутоа цените за хибридните модели ги остави непроменети.
Пежо ги опиша новите цени како „економско зголемување,“ додека Рено порача дека било „нормално“ цените да се зголемуваат во моделскиот век.
Оваа стратегија сепак може да има последици. Зголемувањето на цените на моделите со мотор со внатрешно согорување може да помогне да се смали ценовната разлика во споредба со поскапите електрични модели, меѓутоа ако се земе предвид општо забавениот раст во продажбата на возила, можно е тоа да не доведе до зголемување на продажбата на електричните модели, кажува извор што е близок до производителите на автомобили.
Вкупната продажба во Европа уште заостанува околу 20 проценти во споредба со пазарот пред пандемијата.
„Во реалноста, зголемувањето на цената на возилата со мотор со внатрешно согорување може да доведе до намалување на производството,“ кажува изворот, „а од тоа ќе трпат целиот ланец на создавање на дополнителна вредност и добавувачите.“
Извршниот директор на Стелантис за Европа, Жан Филипе Импарато, есеноска кажа дека концернот е подготвен да го скуси производството на возила со мотор со внатрешно согорување и да ги зголеми цените, со цел да се исполнат таргетите за ЦО2 на ЕУ.

Попустите за електричните возила може да чинат скапо
Зголемувањето на цените на бензинците и дизелите ќе обезбеди средства за попусти за електричните возила, порачува Денис Шемул, аналитичар за автомобили во С и П Глобал. Тоа ќе биде „индиректна субвенција“ за купувачите на електрични автомобили, од купувачите на возила со мотор со внатрешно согорување, меѓутоа е можно тоа да им ги скуси маржите на производителите.
Поради масивната продажба на возила, се очекува Фолскваген да биде погоден најсилно од новите таргети. Производителот веќе реагираше со тоа што во изминатите месеци ја скуси цената на електричниот компакт ИД.3 на неколку пазари. Во Германија, моделот чини помалку од 30.000 евра.
„Веројатно тоа ќе се случува в година,“ кажа Алистер Бедвел, директор за прогнози за погонските видови во Глобал Дата, коишто предвидуваат дека продажбата на електрични автомобили во ЕУ, ОК и ЕМЕА во 2025 година ќе се зголеми за 41 проценти и ќе достигне 3,1 милиони возила.
Давањето големи попусти за да се поттурне продажбата сепак не е без трошок. Во ОК, браншата предупреди дека таргетите на ЕУ годинава ќе ги чинат производителите 6 милијарди фунти. Од нив, 4 милијарди фунти ќе бидат потрошени за попусти. ОК има сопствени таргети што бараат производителите да постигнат одреден удел на електричните автомобили во вкупната продажба.
Тргување со ЦО2 може да биде решение за некои производители
„Пулингот“ за емисијата на ЦО2, односно купувањето кредити од производителите што постигнуваат висок удел на електрични автомобили во својата продажба и соодветно на тоа имаат понисок просек на ЦО2, може да ги смали казните, кажуваат аналитичарите на Барклејс.
Сузуки во октомври постигна договор за пулинг со Волво во текот на 2025 година, соопшти јапонскиот производител.
Со тој договор, Сузуки речиси во целост ќе биде поштеден од какви било казни, кажа Чарлс Лестер, менаџер за податоци во консултантската куќа за батерии Ро Моушн. Волво има висока продажба на електрични автомобили.
Сепак, единствено Тесла располага со толкав обем на продажба на електрични автомобили, што на производителите што се загрижени дека нема да ги постигнат таргетите, може да им понуди пулинг по соодветна цена.
Без разлика какви се опциите, сите тие одат на сметка на профитот. Браншата сепак се надева дека Брисел ќе ги ублажи таргетите.















