Кинеската марка Линк енд Ко во Европа ќе им се посвети на приклучните хибриди, место да се префрлува на целосно електрични автомобили. Тоа се прави од причина, што возилата со хибриден погон не се предмет на дополнителните царини, што ЕУ во ноември ги воведе за увозот на електрични автомобили од Кина.
Линк енд Ко е дел од кинеската групација Џили и во октомври во прикажа својот прв целосно електричен модел за Европа, но во исто време го освежи и својот модел 01, којшто е СУВ од компактната класа, со приклучен хибриден погон. Планот е продажбата во Европа да се темели на тој вид на погон.
„Линк енд Ко во Европа ќе се посвети на ПХЕВ, затоа што тие модели не се предмет на дополнителните царини во ЕУ,“ кажа пред аналитичарите Ан Конгуи, извршен директор на Зикр, уште една марка на Џили, за време на објавувањето на резулатите од работењето во третото тромесечје.
Џили ја спои Линк енд Ко со Зикр, за да се оформи нова групација со којашто ќе раководи Зикр Интелиџент Технолоџи Холдинг.
Линк енд Ко почна да продава во Европа во 2021 година и нудеше само приклучни хибриди. Планот за Линк енд Ко да стане целосно електрична марка беше донесен за време на поранешниот извршен дирекор Ален Висер.
Повисоките царини што ЕУ ги воведе за увозот на батериски електрични автомобили од Кина, ја оптоваруваат цената на целосно електричните модели на Џили за продажба на европскиот пазар со дополнителни 19 проценти царина. Тоа се додава на постоечките 10 проценти царина. ЕУ ги воведе повисоките царини за да се обрани од тоа што го смета како „недозволено субвенционирање“ на кинеската индустрија на електрични возила од страна на Пекинг.
Зикр на 14-ти ноември соопшти дека ќе го преземе Линк енд Ко, како дел од промените што треба на империјата Џили да ѝ донесат уште поголемо влијание и моќ во светски рамки. „По интеграцијата, ние ќе можеме значително да ја смалиме опасноста дека двете марки ќе си конкурираат една со друга,“ соопшти Ан на настанот.
Линк енд Ко до завршетокот на годинава ќе го зголеми своето присуство на 22 пазари во Европа, од седум пазари досега, соопшти извршниот директор Николас Лопез Апелгрен при лансирањето на моделот 02. Меѓу главните пазари на Линк енд Ко се Германија, Франција, Италија, Шпанија и Шведска.
Линк енд Ко во меѓувреме почна со подготовки за продажба и на македонскиот пазар, од страна на Делфино, долгогодишна македонска компанија за рентакар што од почетокот на годинава го привлече вниманието прво со марката Џили.
Повеќе дилерства ширум Европа
Марката годинава отвори 30 дилерства ширум Европа, откако се откажа од досегашниот начин на директна продажба по пат на претплата, по онлајн постапка. Намерата е бројот на дилерства да надмине 100, наведе Ан, без да спомнува датуми. Некои салони на Волво ќе станат дилери за Линк енд Ко, при новиот старт на марката во Европа.
Во првите десет месеци, Зикр продаде во Европа 5.574 автомобили, според податоците на Датафорс. Тоа е значителен пад во споредба со 21.112 продажби во истиот период лани. Речиси целата продажба на марката се темели на 01, а само неколку примероци од 02 и 05 се продадени во Италија.
Место да се збогува со 01, Линк енд Ко го освежи СУВ моделот и вгради нова електрична архитектура, со новиот чип Квалком Снепдрагон 8155, за инфо-забавниот систем да биде побрз. Средишниот дисплеј исто така порасна на 15,4 инчи.
Погонската спрега ја сочинуваат 1,5-литарски трицилиндарец и електромотор. Досегот при возење на струја изнесува 75 километри. Новиот модел има сменет преден браник и маска и почнува од 40.995 евра.

Моделот 01 ќе се продава заедно со новиот електричен компакт 02, којшто е конструиран врз новата платформа СЕА на Џили, и располага со досег до 445 километри. Цените почнуваат од 35.495 евра.
Линк енд Ко може да посегне по значително побогатата понуда од модели во Кина, доколку има намера да ја прошири својата понуда во Европа. Меѓу новите модели што беа лансирани во Кина годинава се 08, СУВ од средна класа, и 07, лимузина од средна класа, коишто го делат истиот приклучен хибриден погон.
















