
Членови на управниот одбор разговарале да се запре производството во фабриката во Дрезден и да се продаде фабриката во Оснабрик, објави германскиот економски неделник Менаџер Магазин на 12-ти декември, повикувајќи се на извесен број учесници на средбата што била одржана во средината на ноември.
Уште е голема неизвесноста дали ќе се најде заинтересиран купувач за фабриката во Оснабрик, пренесува магазинот.
Околу мерките што треба да се преземат само се шпекулирало и уште не е донесено конечно решение, меѓутоа одборот се залагал за решение да се најде пред католичкиот Божик, наведува Менаџер Магазин.
Фабриката во Оснабрик брои 2.300 вработени, коишто во минатата година изработиле малку повеќе од 28.000 возила, во погоните што имаат капацитет за 100.000 возила годишно.
Фабриката произведува Порше Кајман и Бокстер, како и Фолксваген Т-Рок Кабрио. Порше ќе го пресели производството на Кајман и Бокстер во својата главна фабрика во Цунфехаузен. Т-Рок Кабрио престанува со производство во 2025 година.
Позната како Гласмануфактур, стаклена мануфактура, фабриката во Дрезден беше отворена во 2002 година за да произведува модели од врна класа, како Фолксваген Фетон што одамна си замина од понудата. Тука не се изработуваат каросерии, нема лакирница и нема преси. Околу 300 работници во фабриката во моментов изработуваат мала количина од електричната комбилимузина Фолксваген ИД.3.
Во понеделникот заврши последниот круг преговори меѓу Фолксваген и синдиактите, без да се постигне решение, по што работниците стапија во штрајк. Двете страни се договорија да ги продолжат преговорите на 16-17 декември.















