
Турбо 3Е како основа го користи електричниот Рено 5 што почна со продажба годинава. Тој прво беше прикажан како концептен автомобил на салонот во Париз во 2022 година. Автомобилот се повикува на историскиот Рено 5 Турбо, чијашто прва серија се појави во 1980 година.
Турбо 3Е во извесен дел се темели врз стандардниот Рено 5, меѓутоа поседува посебна носечка структура од карбон, што се грижи за ниска тежина, а воедно и за врвна цврстина, порачуваат од Рено.
Концептниот автомобил воедно се користеше и како основа за да се тестира изводливоста на иден електричен автомобил со врвни перформанси и со способност да изведува дрифт, соопштија тогаш од Рено.
Исто како оригиналот, којшто беше изработен во две серии во ограничен број примероци (Турбо и Турбо 2), со цел да се хомологира тркачкиот автомобил за учество во врвната лига во рели-трките на ФИА, новиот Турбо 3Е има заден погон, за разлика од стандардниот модел со погон напред. Французите засега не ги спомнуваат цените и серијата во којашто што ќе се произведе моделот.
Турбо 3Е ќе поседува посебна носечка рамка од карбон, соопшти Рено, место платформата АмпР Смол што ја користи стандардниот Р5 и неговата спортска изведба Алпин А290. Каросеријата се одликува со широки крила и моќен дифузор назад, голем преден спојлер и мал спојлер на опашот.
Рено не објави други податоци, освен спринтот, чијашто вредност се споредува со супер или хиперспортски автомобил. Тоа што уште се открива е позицијата на електромоторите, по еден во секое задно тркало.

Стандардниот Рено 5 стартуваше со продажба годинава, со цени што почнуваат од околу 25.000 евра. Посилните и поотмени изведби достигаат до 35.000 евра. Со продажбата се придружи и спортската изведба Алпин А290, со цена од близу 40.000 евра.
Под раководство на извршниот директор Лука де Мео, марката Рено при осмислувањето на новите модели со електричен погон посега по своите корени. Покрај Рено 5, наскоро почнува и продажбата на електричниот градски СУВ-модел Рено 4, во стил на историскиот Р4. На салонот во Париз беше прикажан и концепт со форма на купето Рено 17 од 1970-те години, а марката се повика и на ванот Естафет од 1960-те години.















