АЦЕА, здружението на производителите на автомобили во Европа, изгласа извршниот директор на Мерцедес-Бенц, Ола Калениус, да биде новиот претседател.
Главното лоби на европската автомобилска индустрија денес го одобри и враќањето на Стелантис во редовите на АЦЕА, откако концернот во почетокот на 2023 година реши да го напушти истото.
„Поздравот за добредојде по враќањето на Стелантис во АЦЕА е знак дека индустријата е посилна кога настапува под еден глас,“ порачува во соопштението од 11-ти декември сегашниот претседател на АЦЕА и извршен директор на групацијата Рено, Лука де Мео.
Калениус на 1-ви јануари ќе го преземе претседателството од де Мео, кој беше на оваа позиција во последните две години.
АЦЕА ќе се посвети на подобрување на законските регуалтиви, ќе работи во насока на декарбонизација и ќе се залага за слободна и чесна меѓународна трговија што се заснова на почитување на правилата, порача Калениус во денешното соопштение.
„Убеден сум дека автомобилската индустрија во ЕУ го поседува тоа што е потребно за да успее во глобалната трка,“ кажа тој.
Претседателот на АЦЕА се избира со важност од една година, со можност мандатот да се продолжи уште една година. Изборот се врши меѓу извршните директори на компаниите што се членки. Тоа се 14-те најголеми производители на автомобили, доставни возила, камиони и автобуси со седишпте во Европа, коишто го покриваат глобалниот пазар.
Стелантис на 7-ми декември објави дека ќе поднесе барање за враќање во АЦЕА, кусо откако поранешниот извршен директор Карлос Тавареш си замина од местото. Тавареш сакаше активностите на концернот Стелантис да останат надвор од традиционалното лобирање.
















