Зошто Карлос Тавареш мораше да го напушти шефовското место во Стелантис

Карлос Тавареш: На уништувачот на трошоци на крајот му останаа само неколку пријатели во концернот, меѓу дилерите и добавувачите.

Приказната со предвременото заминување на Карлос Тавареш од шефовското место на концернот Стелантис е далеку од завршена. Во јавноста почнуваат да излегуваат поединости, што сведочат дека Тавареш толку се фиксирал на трошоците, што тоа на крај излегло од контрола и почнало да ѝ наштетува на компанијата.

На виртуелен настан во организација на инвестициската банка Голдман Сакс во средата, првпат по заминувањето на шефот на концернот, пред јавноста говореше еден член на управата на Стелантис. Тој остро го критикуваше начинот на којшто Тавареш се однесувал кон важни партнери на концернот.

Според новинската агенција Ројтерс, директорот за финансии Даг Остерман, кажал на настанот дека во надзорниот одбор се расправало за влошените односи на концернот со дилерите, добавувачите, работничките синдикати и владите. „Јасно е дека мораме да ја вратиме довербата“, кажал Остерман. Тој сепак се воздржал од изнесување поединости.

„Крајно недозволиво“ однесување кон надзорниот совет

Друго лице од раководството изјавило за новинската агенција дека политиката на Тавареш во последниот период довело до „крајно недозволиво“ однесување меѓу него и надзорниот одбор.

Разидувањето достигнало крајни граници поради однесувањето на Тавареш кон одговорните менаџери, односно поради неговиот став во поглед на нормите за ЦО2 на ЕУ и поради продолжувањето со суровото штедење во Европа.

Скандал во надзорниот одбор

Чашата се прелеала на состанокот на надзорниот одбор во ноември, кога од Тавареш се барало да даде одговор за критичниот развој на настаните во концернот. Тој само одговорил: „Не се мешајте во мојата работа, тоа не е ваша одговорност.“

Надзорниот одбор по овој состанок решил дека Тавареш понатаму нема да продолжи да ја врши својата водечка функција до завршетокот на договорот напролет во 2026 година. „Не може со сите да се биде непријател“, новинската агенција го цитира неименуваното лице од раководниот гремиум.

Ескалирало несогласувањето околу квотата за електрични возила во ЕУ

Важно прашање на состанокот на Тавареш со надзорниот одбор било, како Стелантис в година ќе успее да ги исполни драстично заострените барања на ЕУ, за намалување на емисијата на ЦО2.

За да се избегне плаќање милионска казна, Стелантис ќе мора да го зголеми уделот на електричните автомобили во вкупната продажба во ЕУ, од сегашните дванаесет на најмалку 21 проценти.

Вршење силен притисок врз дилерите

Тавареш во тој поглед постојано кажувал дека концернот ќе може да го совлада овој предизвик и ќе продаде повеќе електрични автомобили. Тој почнал да врши притисок во тој правец врз дилерите во цела Европа.

Доколку не се успее значително да се зголеми продажбата на електрични возила, лимитот за ЦО2 ќе може да се постигне само со планско и масовно смалување на продажбата на возила со мотор со внатрешно согорување. Тоа би водело кон натамошно заострување на проблемот со недоволното искористување на фабриките во Европа, а понатаму и кон следен бран отпуштања.

Наспроти тоа, надзорниот одбор според наводите повеќе бил за тоа концернот да се залага по политички пат да се ублажат целите за ЦО2 за 2025 година. Тавареш категорично се противел за тоа.

Извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, го водеше концернот до рекордна добивка во 2023 година.

Тавареш отпушти повеќе одговорни менаџери

Според кажувањата, Тавареш си создал непријатели и преку лошиот однос кон водечките менаџери во концернот, коишто тој остро ги критикувал.

Поради исклучително слабиот успех во Северна Америка, Тавареш во средината на октомври го замени дотогашниот регионален шеф Карлос Зерленга со шефот за маркетинг на Џип, Антонио Филоса. По само 15 месеци, тој ја смени и шефицата за финансии Натали Најт, со Даг Остерман, дотогашен шеф на концернот за Кина.

Пред Најт, за финансиите на концернот одговараше Ричард Палмер. По заминувањето на Тавареш, шефот на надзорниот одбор Џон Елкан, внук на Џани Ањели – прв човек во времето на најгиелмата моќ на Фиат – го врати Палмер во концернот. Тој во почетокот ќе биде советник на свежо формираната „привремена извршна комисија“, којашто ќе го води оперативниот бизнис додека се назначи нов извршен директор.

Премногу груб кон добавувачите

Според неименуваното лице од урпавата, надзорниот одбор ја критикуваше и строгата политика на Тавареш кон важни и долгогодишни добавувачи, за скусување на трошоците.

„Не може на долгогодишните добавувачи едноставно да им се каже: ‘Вие сте исфрлени’, Ројтер го цитира изворот. „Тоа ја загрозува сопствената способност да се произведуваат автомобили.“

Лиферантите на концернот се жалеле постојано дека долготрајниот притисок за намалување на трошоците станал голем товар за соработката со Стелантис. Производителот на автомобили во одредени подрачја барал цени што се далеку од реалноста и оневозможуваат да се работи рентабилно.

Претходна објаваПремиум марката на Ситроен се подготвува за електричниот знаменосец Но. 8
Следна објаваИлон Маск: Најбогатиот човек во светот стана најголем политички донатор во САД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here