Тавареш ќе го препушти раководењето на привремен комитет, којшто ќе биде воден од претседателот Џон Елкан, соопштија од компанијата. Новиот извршен директор ќе биде назначен во првата половина од 2025 година.
„Управниот одбор на компанијата, под претседателство на Џон Елкан, денес ја прифати оставката на Карлос Тавареш, од неговата улога на извршен директор, со итно дејство,“ објави Стелантис на 1-ви декември.
Стелантис во октомври објави дека е отпочната постапката за наоѓање наследник на Тавареш, 66, кој пред новинарите изјави дека би сакал да остане до завршетокот на неговиот мандат во првото тромесечје од 2026 година. Тавареш заминува порано од очекувањата, поради разидувањето во неговиот став за иднината на производителот на автомобили, со ставовите на управниот одбор и на некои акционери, наведуваат од концернот.
Вишиот независен директор на Стелантис, Анри де Катрие, наведува во соопштението: „Успехот на Стелантис од самото негово создавање се темели врз совршеното согласување меѓу главните акционери, одборот и извршниот директор. Во изминатите седмици, сепак се покажаа разлики во ставовите, што резултираше одборот и извршниот директор да ја донесат денешната одлука.“
Во соопштението со коешто се објавува повлекувањето на Тавареш, Стелантис ја потврди финансиската прогноза за годинава. Вредноста на акциите во последните 12 месеци падна 38 проценти.
Затегнатост меѓу Тавареш и одборот на Стелантис
Извор близок до случувањата изјави за Ројтерс дека тензиите растеле поради тоа што одборот сметал дека Тавареш премногу брзо ги влечел потезите и се посветувал на краткорочни решенија, за да ја сочува својата репутација, место да постапува во најдобар интерес за компанијата.
Ненадејната вест е доказ за големите резидувања меѓу одборот и Тавареш, цени аналитичар на Бернштајн, додавајќи дека страните решиле оти е подобро, во еден кус период да се работи без извршен директор.

Претходно величан како еден од најпочитуваните шефови во автомобилската индустрија, пристапот на Тавареш се најде под знак на прашање, откако падот во продажбата во Северна Америка доведе до тоа, концернот во септември да издаде предупредување до берзата, затоа што беше доведен во прашање профитот за 2024 година.
Тоа меѓу другото значеше до 10 милијарди евра помалку готовина во бизнисот годинава, главно предизвикано поради бавната продажба и натрупаните залихи во Северна Америка, каде што концернот постигнува најголем дел од својот профит.

Потоа следеа низа смени во највисокиот менаџемент, вклучувајќи смена на директорот за финансии и директорот за Северна Америка, меѓутоа Тавареш остана поштеден.
Продажбата во третото тромесечје падна за 17 проценти во САД, во споредба со лани, со значителни загуби кај марките Доџ, Рам, Џип и Крајслер.
Стелантис уште се бори да продаде автомобили што се произведени во 2023 година, покажуваат податоците со коишто располага Ројтерс и се добиени од апликацијата за купување КоПилот. Залихите од непродадени примероци од пикапот Рам 1500 и од Џип Вагонер покриваат побарувачка за 112 денови, што е за 20 денови повеќе отколку кај соперниците Шевроле Силверадо и Форд Експедишн.

Тавареш го водеше Стелантис од самото основање во почетокот на 2021 година, со спојувањето на Фиат Крајслер и ПСА Групацијата. Откако напредуваше во Рено, за време на шампионот за скусување трошоци Карлос Гон, Тавареш беше посебно почитуван поради неговата способност да ги извлече производителите од проблеми, во што неговите колеги не успеваа.
Португалецот го скуси бројот на платформи за конструирање на возилата во концернот и отпушти многу работници. Тензиите достигнаа врв годинава, кога синдикатите предупредија дека курсот на штедење довел до тоа да се појават проблеми со квалитетот и да се одложи почетокот на продажбата на важни модели. Во САД, Тавареш се обвинува за падот на марките како Доџ, Рам и Крајслер.
















