Мерцедес ќе нуди поевтини батерии ЛФП во следната генерација на А-Класа

Мерцедес-Бенц ќе користи батерии литиум-железо-фосфат (ЈФП) во следната генерација компактни модели од „влезното ниво“, вклучувајќи ја А-Класата, со намера да ги скуси трошоците.

Новата серија компактни модели ќе почне со продажба во 2025 година, прво со купе-лимузината ЦЛА. Мерцедес го следи примерот на Волво Е Икс 30, малечкиот електричен СУВ што беше на тест летоска, и во своите модели за европскиот пазар ќе врадува батерии ЛФП. Во поскапите и попрестижни изведби на Е Икс 30, се користат и соодветно поскапи батерии НМЦ (никел манган кобалт), а истото ќе се случи и со Мерцедес А-Класа и со останатите компактни модели.

Батериите ЛФП поседуваат помала енергетска густина од батериите НМЦ, меѓутоа кај нив е помала опасноста од пожар и трајноста им е подолга. Тие досега се појавуваа главно во поевтините модели што се произведуваат во Кина, меѓутоа сега и европските производители го следат примерот. Стелантис ќе ги користи во своите модели што се конструирани врз платформата Смарт Кар, како што е Ситроен е-Ц3, а исто и Рено ќе почне да ја користи оваа технологија во 2026 година, кај следната генерација на градското мини Твинго.

Мерцедес ја откри хемијата во батеријата, заедно со уште неколку поединости околу следната генерација на А-Класа и останатите компактни модели. Семејството ќе го сочинуваат четири модели: Купе-лимузина ЦЛА, купе-комби ЦЛА, и два СУВ-модели. Полумаскиран ЦЛА беше прикажан во почетокот на месецов.

Новата генерација на „воведни луксузни“ компактни автомобили ќе се состои од помалку моделски варијанти. Штутгарт повеќе ја насочува енергијата кон своите најексклузивни моделски серии, како што се С-Класа, Г-Класа и марките Махбах и АМГ.

Понудата од компактни модели на Мерцедес на европскиот пазар во мометнов се состои од седум варијанти, што се конструирани врз платформата МФА2: Комбилимузина А-Класа, ван Б-Класа, лимузина А-Класа, купе-лимузина ЦЛА и купе-комби ЦЛА, ГЛА (заедно со електричен Е Ку А) и ГЛБ (заедно со електричен Е Ку Б).

Електричната изведба на следната А-Класа цели на досег од 750 километри

Поскапите изведби од А-Класа ќе располагаат со батерија со корисен капацитет од 85 киловатчасови, откри Мерцедес. Основните модели ќе поседуваат батерија ЛФП, со корисна големина од 58 киловатчасови.

Производителот на автомобили со сребрената ѕвезда вели дека целосно електричниот погон може да посигне потрошувачка од 12 кВч на 100 километри, што е подобро и од повеќето малечки ЕВ што се продаваат во моментов. Целта е да се постигне досег од 750 километри. За да се успее во тоа, од клучно значење е двостепениот менувач што е вграден во задната оска, како и 800-волтната архитектура и инвертерот со силициум карбид, наведуваат од Мерцедес.

Напонот од 800 волти дозволува највисока брзина на полнење со 320 киловати, што е далеку побрзо во споредба со вообичаените 400-волтни системи. Со таа брзина, енергија за 300 километри се полни за десет минути, тврди Мерцедес.

Двостепениот менувач, што е невообичаено за електричните автомобили, располага со прв степен со кус преносен однос од 11:1 заради подобро забрзување, додека вториот степен со однос 5:1 е наменет за возење по автопат.

Од ММА-платформата може да се изведат модели со целосно електричен и благ хибриден погон

ЦЛА е прв модел што ќе ја користи платформата ММА, што Мерцедес-Бенц ја цени дека е „проектирана првенствено за електрични автомобили.“ Главната погонска единица, односно електромотор од 200 киловати, ја задвижува задната оска. Верзијата 4Матик со погон на сите тркала ќе располага втор електромотор со 80 кВ, што ќе ги погонува предните тркала.

Идните модели ќе овозможуваат и двонасочно полнење, а тоа значи дека енергијата од батеријата може по потреба да се искористи за напојување на домашните потрошувачи, на пример.

Освен во електричната изведба, ЦЛА и останатите модели врз база на А-Класата ќе бидат достапни и во изведба со 48-волтен благ хибриден погон. Моторот со 4 цилиндри и зафатнина од 1,5 литар ќе го испорачува Хорс, а тоа е огранокот на Рено и Џили што се специјализира за мотори со внатрешно согорување. Ли Шуфу, претседателот на Џили, поседува 10 проценти од акциите во Мерцедес-Бенц.

Хибридниот ЦЛА и А-Класа ќе се нудат во три изведби на моќност, со 100, 120 и 140 киловати. Погонот во овој случај е напред, а ќе се нуди и изведба со погон на сите тркала 4Матик.

Претходна објаваКупра преговара со дилери во САД за почеток на продажбата во 2030 година
Следна објаваЕксклузивно лансирање на новиот Porsche 911 во Скопје

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here