Ситроен Ц3 не само што ја смени генерацијата, туку ја менува и историјата

Нова генерација на Цитроен Ц3 одамна не е голема вест на македонскиот автомобилски пазар. Тоа е една низа на успеси од генерација во генерација, почнувајќи уште од Саксо, легенда од времето кога Македонија масовно се моторизираше со нормални и нови автомобили. Единствената причина што Ц3 не е голема вест, тоа е фактот што моделот со децении наназад е меѓу најпродаваните модели на домашниот пазар. Игра на зборови што пак води до тоа дека нов Ц3 сепак е голема вест. Оваа веројатно и ќе ги надмине сите успеси на своите претходнички.

Цена? Цена, 15.990 евра! И, што правиме сега! Најнеславниот дијалог од друштвените мрежи завршува славно неуспешно кога станува збор за новиот Ситроен Ц3. Моделот од претходната генерација веќе има постигнато многу. И сите пред него. Тројката на Ситроен ја заврши 2023 година како 4-ти најпродаван модел во Македонија, по Киа Спортаж, Тојота Корола и Шкода Камик. Слично ќе биде и годинава, иако податоците од продажбата со коишто располагаме во земјава и натаму се неофицијални. До септември биле продадени 171 возило.

Моделските смени често знаеја да бидат неблагодарни во минатото, затоа што моделите во заминување доаѓаа со големи попусти и многу повеќе опрема отколку во почетокот од нивниот пазарен век, што потоа се покажуваше дека е удар по сопствениот грб, кога ќе требаше да се воведе новата генерација на тој модел, со многу повисока цена.

Англичаните велат „Кралот е мртов, да живее кралот“, кога се менува тронот, укажувајќи на тоа дека крал ќе има секогаш. Исто и со Ц3, неговиот успех не само што е сигурен, туку е гарантиран

Ситроен Ц3 го нуди најсовршениот генерациски спој, најмазното преоѓање од старата во новата генерација. Новакот доаѓа со цена што одвај ја надминува онаа на претходникот. Најдоброто е во тоа што борбата да се постигне цената не се познава. Тие 16.990 евра редовна цена за основната моделска изведба, односно илјада евра помалку, со акциската цена, не се постигнати оти Ситроен вградил стара техника, или материјалите се евтини, или изработката е едноставна, туку заштедата е во т.н. скалест ефект.

Новото лого на Ситроен што всушност се повикува на корените на марката

Тоа е суштината во автомобилската бранша уште од времето на Фердинанд Пих, последниот голем шеф на Фолксваген, што ја воведе платформската стратегија. Кога еден дел од автомобилот, или една целина, на пример целиот под на возилото, ќе се вгради во колку е мошно повеќе автомобили, толку е поисплатливо тој дел или таа целина да се произведат. Мајсторскиот потег на Карлос Тавареш, Португалецот на чело на Стелантис, каде што припаѓа Ситроен, беше во тоа што сите досега познати предности на скалестиот ефект, тој ги искачи до светски размери. Стелантис е светски концерн, што произведува и продава и во САД и во Бразил и во Турција и на Блискиот Исток.

Ситроен Ц3 е толку ценовно достапен поради светската големина на Стелантис. Моделот се произведува на угледно и проверено место, во фабриката на Стелантис во Трнава, Словачка, земја што произведува најмногу автомобили по глава на жител. Голем дел од компонентите што се користат во европскиот Ц3 и се суштински за трошоците за производство на автомобилот, се користат масовно во сите марки на концернот – освен на места на коишто Ситроен Ц3 треба да биде Ситроен. А, дизајнерите и проект менаџерите за Ц3, тоа го доведоа до совршенство. На француската марка ѝ е вратен духот што го имаше во времето на автомобилите на Андре Ситроен.

Ова е менаџерски триумф, историски и тоа. Ништо не создава „паника“ дека тоа е најдостапниот автомобил на сцената

Ситроен Ц3 е плод на различен и првенствено интелигентен пристап во развојот. Од првичниот впечаток во салонот на Автонова, од автомобилов веројатно ќе се разочараат само тие што се појдени со намера да најдат дека ете нешто е вградено или изведено евтино. Ништо такво.

Психологијата почнува да делува уште од повлекувањето на масивните рачки на вратите. Тоа делува како многу поскап автомобил. Подот е малку повисоко и Ц3 навистина остава впечаток како малечок СУВ. Тројкава не е некое недораснато автомобилче, народот вели, „го има“. Сé функционира. Просторноста, прегледноста, материјалите, изработката. Целата арматурна табла озгора е изведена како полица, прекинувачите во средишната конзола се крупни и изработени се убедливо. Назад има доволно простор, но и пријатно чувство. Врв е багажникот, огромен.

Единствено постои неизвесност како сцената ќе реагира на тоа што во основното ниво на опременост не се вградува средишен дисплеј за инфо-забавата или навигацијата. Место тоа, изведен е држач за телефон, којшто го заменува дисплејот. Но, токму тоа е врвот на генијалноста. Нешто што сите го имаме в џеб и го познаваме како сопствениот џеб, станува дел од автомобилот кога ќе се седне.

Можно е да се повтори феноменот од Дачиа Сандеро, којашто е осмислена со сличен пристап, меѓутоа со години никој не посегнува по најевтината моделска изведба, туку по Степвеј и по најопремените изведби

Веројатноста за тоа да се случи е голема, покрај разликата од 3.500 евра меѓу основното ниво Ју и врвното ниво Макс, па дополнително и поради тоа што увозникот суптилно наведува да се посегне по врвната изведба, затоа што таму и попустот е 1.500, место 1.000 евра.

На тројката ѝ се погоди и тајмингот, затоа што доаѓа во време кога секој нов автомобил во Европа мора да поседува низа системи за асистенција како стандард. Систем за предупредување при прегазување линија, камера за знаци, предупредување и самостојно запирање при опасност од судир, препознавање пешак и велосипедист на пат, па дури и задржување при поаѓање на нагорнина, сето тоа е веќе вклучено уште во основната изведба Ју.

Темпомат, централна брава со далечинска команда, паркинг сензори назад, мануелен клима уред, електрика на прозорци и ретровизори, мултифункциски волан, гуми Мишелин Примаси и челични тркала од 16 инчи, лакирани браници – одамна беше времето кога најдостапните автомобили бараа многу откажување од комфорот, па и од безбедноста.

Во второто ниво Плус, што ќе биде достапно подоцна, за 1.000 евра екстра се добива облога на воланот што личи на кожа, седишта со посебни потпирачи за глава со висинско местење (во Ју се интегрирани), седишта со дополнителен слој за удобност, поделена задна клупа, етикети за „усреќување“ по кабината и поубави материјали и детали отколку во основниот модел, но и диодни предни светла, автоматика на бришачи со сензор за дожд и собирање и греење на ретровизорите. На така разубавената Тројка ѝ се додаваат и тркала од лесен метал од 17 инчи, голем средишен дисплеј од 10,25 инчи, поврзување преку Андроид Ауто и Епл Плеј.

Во врвното ниво Макс доаѓаат дополнително автоматика за климата, електрика за задните прозорци, диодни светилки за багажникот и кабината, скапи и угледни облоги на седиштата, затемнети задни стакла и низа комфорни и функционални ставки.

Моторот секогаш е истиот, Пјуртек од 1,2 литар со турбо 100 КС и 6-степен мануелен менувач. Спринтот до темпо сто трае 10,6 секунди, највисоката брзина е 183 км/ч

Кој сака повеќе комоција во градското возење, па уште и пристојна заштеда во горивото, ја има на располагање изведбата со 48-волтен благ хибрид, со електромотор од 21 кВ во самиот менувач, што може на кусо растојание и при поаѓање да го движи Ц3 чисто на струја. Тоа значи 19.490 евра за средното ниво.

Тоа што го прави Ц3 да биде многу поголема вест во Франција, Холандија и други пазари што си ја сочуваа љубовта за електричниот погон, тоа е целосно електричната изведба е-Ц3. Без какви било субвенции, електричната тројка почнува од 26.990 евра, со две илјади евра попуст и во основното ниво. Тоа всушност е големата сензација, најголемата вест што ја донесува Ц3.

Во Австрија, електричниот Ц3 со поддршка од државата, чини под 20.000 евра. Тука, доколку некој „владетел“ се одоброволи да ги признае електричните автомобили и да го преземе првиот и основен чекор за е-погонот да го приближи до граѓаните, а тоа е да ги ослободи од ДДВ, електричниот Ситроен би чинел под 23.000 евра. Чисто информативно.

Врска до официјалниот вебсајт за моделот · https://www.citroen.com.mk/modeli/nov-c3.html

Претходна објаваРено подготвува седум нови модели што ќе ги претстави до 2027 година
Следна објаваИзборот на европски автомобил на годината влегува во завршница

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here