Големото европско жири ги одбра седумте финалисти за изборот за Европски Автомобил на 2025 Година од вкупно 42 модели што влегоа како можни кандидати за вредната титула. Изборот го решаваат 60 специјализирани автомобилски новинари од 23 држави во Европа.
Победникот и носител на насловот Автомобил на 2025 Година во Европа ќе биде познат на 10-ти јануари, на салонот на автомобили во Брисел.
Потрагата по најдобриот новитет годинава почна во септември, кога кандидатите беа подложени на првиот круг тестирања во Танистест, Данска. Откако жирито ги доби првите и клучни впечатоци за кандидатите, следеше гласање, коешто доведе до 7-те финалисти.
Финалистите во изборот на Автомобил на 2025 година во Европа, по азбучен редослед:
- Алфа Ромео Јуниор
- Дачиа Дастер
- Киа ЕВ3
- Купра Терамар
- Рено 5 / Алпин А290
- Ситроен Ц3
- Хјундаи Инстер
Во следните осум недели, жирито ќе изврши најтемелни одделни тестирања на финалистите и ќе гласа соодветно, за да го избере најдобриот новитет за 2025 година за европските возачки и возачи.
Во завршницата, сите седум финалисти ќе бидат соочени меѓусебно, на тест патеката Метет Тест во Белгија, што важи како пресуден момент за доделувањето на гласовите од страна на 60-членото жири.
Секој член на жирито има фонд од 25 бодови, со тоа што може да додели најмногу 10 бодови за еден модел. Правилникот обврзува да се гласа за најмалку пет модели, со тоа што не може да се додели ист број бодови за највисоко оценетите модели. Во случај два модели да освојат ист број бодови, победува тој што има довбиено повеќе први места, односно повеќе втори места итн.
Носител на насловот на Автомобил на 2024 Година е Рено Сеник, којшто победи пред серијата 5 на БМВ, БИД Сил, Киа ЕВ9, Пежо 3008, Тојота Ц-ХР и Волво Е Икс 30.
















