Мини Купер СЕ, Фиат 500 Електро и Фолксваген ИД Баз покажаа дека ретро изгледот се надополнува добро со електричниот погон. Рено се надева дека ќе направи добар бизнис со тоа што ги враќа во живот некогашните култни модели. Француската марка за тој чекор ја има сета поддршка од автомобилската сцена, затоа што во својата историја има бројни легендарни модели, а пред сé Р4 и Р5, коишто постигнаа милионски продажби.
Рено ја покажа студијата на електричен наследник на Р5 уште пред три години, на салонот за мобилност ИАА, и со неа предизвика општо одушевување. Миленичката на автомобилската сцена ќе почне да се појавува во салоните на Рено кон завршетокот на годината.
Подостапната изведба, без можност за брзо полнење, ќе почне да се испорачува напролет, со цена од околу 25.000 евра. Тоа ќе се совпадне со пристигањето на втората ретро-легенда, Рено 4 Е-Тек Електрик. Техниката е иста кај двата модели, па дури и арматурната табла е заедничка.
Се очекува изведба со повишен покрив
Според гласините, Р4 и во оваа генерација ќе биде понуден во изведба со повишен покрив, по пример на легендарниот „фургонет“. Таа ќе биде достапна во товарна и во патничка изведба. Рено официјално ги побива тие гласини и упатува дека веќе има таков модел, односно го има Кангу.
Сите нови модели на Рено од 2024 до 2027 година, извор Аутомобилвохе

Твинго, „малечкиот пријател“ од 90-те години, уште го нема достигнато култниот статус на Р4 и Р5, но секако дека е големо име. Тој исто така се ревитализира и во 2026 година ќе ја збогати понудата на градски струјаши со препознатливите „очни капаци“. Студијата што досега е прикажана неколкупати, влева големи надежи за овој модел. Во подот ќе биде вградена евтина батерија ЛФП. Можност за брзо полнење недостига. Но, затоа, цената ќе биде под 20.000 евра.
„Сакаме да направиме електромобилноста да биде достапна за широката маса“, вели извршниот директор Фабрис Камболив. Сериската изведба на Твинго Е-Тек ќе има премиера веројатно на салонот ИАА во Минхен во следната есен.
Враќање во вишата средна класа
Голема е веројатноста дека две години подоцна, Рено повторно ќе се вмеша во вишата средна класа. Во тој сегмент треба да се вклучи Амблем, кросовер меѓу лимузина и комби. Французите веќе ја прикажаа студијата на салонот во Париз. Дали сериската изведба исто така би располагала со комбиниран електричен погон со батерија и водород, тоа е големото прашање. Рено во моментов собира искуства со водородот како погонско гориво со своите доставни возила.

Од постоечките модели, во 2025 година претстои освежување на Аутрал и Еспас. Врвниот модел од следната пролет ќе може да се нарача и како плагин-хибрид.
Големиот новитет во 2026 година е Клио, за веднаш потоа да следи и неговата СУВ-придружничка Каптур. Двата модели од Б-сегментот и во следната генерација ќе се произведуваат со погон со бензински мотори и со хибриден погон. Со дизајн којшто би црпел инспирација од Симбиоз, извесно е дека двата модели повторно ќе се најдат на врвот на европската продажба на автомобили.
















