На автомобилскиот свет и сé што се движи заедно со него, само во изминативе неколку години му се случија промени за коишто инаку би било потребно да минат децении. Корона, ставање цели фабрики во мирување, чип криза, Украина, па недостиг од возачи на камиони, за произведените возила да се донесат до салон, а сега растечки камати и инфлација. Тоа е најкусото можно објаснување, зошто првиот звучен праг за цената на автомобилите повеќе не е 10.000 евра, туку е 20.000 евра. Во Киа пак е актуелен Стоник.
Киа Стоник е издржлив автомобил. Тоа секако важи за моделот и за марката, меѓутоа овојпат се однесува и на стилот. Кросоверот од моментно најпродаваниот автомобилски сегмент во Европа, сегментот Б, на пазарот е од 2017 година. Стоник постои долго пред Форд Пума, Опел Мока Б, пред Рено Каптур 2, па и пред Фолксваген Т-Крос. И, ете го уште е свеж, одвај постојат повпечатливи разлики во изгледот меѓу тековната моделска и првата моделска година.
Најкуса ретроспектива: Киа го најави идниот Стоник преку цртеж во јануари 2017 и ја разбуди љубопитноста, светот првпат го виде автомобилот во јуни, во есента пристигнаа првите примероци. Во ноември, новата Киа влезе во трка за светски автомобил на годината, во декември Еуро НКАП ѝ додели пет ѕвезди за безбедност, следната година во февруари ѝ беше доделена ценетата иФ-награда за дизајн, во август 2020 беше воведен благ хибрид, заедно со системи за асистенција, во есента првпат доби ГТ-значка – човек да се покае, ако на момент си помисли дека Стоник бил малечок автомобил.
Тоа што Стоник го издвојува во овие чудни времиња е противвредноста. Во ценовникот на Киа постојат само три моделски изведби. Едната е со познатиот 1,2-литарски бензинец, сега смирен на 79 КС, втората е 1.0-турбо со 100 КС и мануелен менувач, третата е иста како втората, но со 7-степен менувач со двојна спојка. Сите се во едно исто ниво на опрема Концепт.
Големината на понудата на Киа е во веродостојноста на 20-те илјади евра – нема доплата за ова или тоа
Основниот модел 1.2 Концепт чини 19.950 евра, еднолитарецот со 100 КС чини 21.950 евра, но со акцискиот попуст сведува на 19.950 евра. Моделот со автоматик редовно чини 23.950 евра, од коишто попустот одзема 1.000 евра и сведува на 22.950 евра. Вешто изменаџиран, ценовников не може појасно да укаже на тоа дека 1.0 Т-ГДи Концепт со 19.950 евра е буквално понуда што не се пропушта.

Народот кај Киа одамна има научено дека овие понуди не се замачкување очи, што обично водат или до вистината „вчера ни се потроши моделот, ама имаме од другиот што е поскап“, или пак до осознавање дека се работи за модел што повеќе е сериски неопремен од сериски опремен.
Како што беше објавено неодамна во Аутомедиа, автомобилската бранша се враќа во нормала, по сите сите влијанија што беа спомнати во воведот, меѓутоа не се разгласува силно и не се комуницираат мрсни попусти, туку се додава повеќе опрема во моделите.
Објавата…
Пример, токму Киа Стоник. Цената се покажува дури откако ќе се погледне тоа што овој кросовер го нуди во поглед на опременоста: Клима уредот е автоматски, надворешните ретровизори се собираат на копче, во отмен намир со трепкачи во нив – секако, радиото е со навигација и говорни команди, внатрешниот ретровизор е со заштита од заслепување, системот за задржување во лента е со систем за следење лента, задните сензори се со камера и во комплет со предни сензори. Секогаш има некое „со“ во оваа Киа Стоник. Дополнително затемнети задни стакла, сензор за дожд или тркала од лесен метал, тоа веќе е станато заштитен знак, исто како гаранцијата од седум години.
Стоник деновиве пристига на тест во Аутомедиа, да се провери и како вози овој пакет од противвредност.
















