
Откако Германија лани во декември нагло ги укина субвенциите, побарувачката за електрични автомобили се преполови. Тоа ја спречува земјата да го постигне зацртаното намалување на емисијата на карбон, но ѝ наштети и на моќната германска автомобилска индустрија. Се бара итно решение.
Во Германија во минатата година уште постоеја изгледи, дека земјата ќе успее во предвидениот рок да го постигне планот за преоѓање од возила со мотори со внатрешно согорување, на електрични автомобили. Масивните субвенции од страна на државата (6.000 евра), што заедно со субвенциите од производителите на автомобили достигнуваа близу 10.000 евра, ги охрабрија луѓето да преминат на електрични возила.
Но, во средината на декември, без никаква најава, сојузната влада реши преку ноќ да ги укине субвенциите. Оттогаш владее сосем друга слика со електричните возила во земјата, што дотогаш беше најголем производител на електрични автомобили во Европа и воедно нивен најголем потрошувач.
Во меѓувреме, продажбата на електрични автомобили во останатите европски земји што произведуваат автомобили, продолжи да расте. Франција е најдобар пример за тоа. Наспроти тоа, германскиот пазар се скусува сé повеќе. Германија има поставено цел до 2030 година да регистрира 15 милиони електрични автомобили. Земјата од таа цел е оддалечена повеќе од кога било досега.
Оваа грешка на владата на Олаф Шолц директно им наштети на домашните производители на автомобили, затоа што продажбата стивнува. Бундесратот, односно Сојузниот Совет или вторниот парламентарен дом, што ги обединува владите на 16-те сојузни покраини, бара државата итно да постапи по тоа прашање.
Сојузните држави Долна Саксонија и Зарланд, со поддршка од Хесен, според пишувањата на германските медиуми, веќе поднеле до Бундесратот предлог резолуција, за премијата за електрични автомобили да се воведе повторно. Според премиерот на сојузната држва Долна Саксонија, Штефан Вајл, пазарот не успеал да запрепне по укинувањето на субвенциите и државата мора „итно да преземе нешто.“
Владата неодамна го направи првиот чекор во таа насока, со тоа што понуди даночно олеснување за фирмите што ќе регистираат електрични автомобили, што воедно се користат и како приватни возила. Но, според оцената на Вајл, државата мора да направи нешто за да ги привлече првенствено приватните купувачи.
Се верува дека предлог резолуцијата ќе биде мотивација, за сојузната влада повеќе да се ангажира околу проблемот. Предлогот сепак не е правно обвзувачки, а не постои и временски рок за истиот да биде разгледан во Сојузот.
Загрозени се автомобилската индустрија и целите за заштита на климата
Сојузната комора го подржува предлогот, затоа што германската автомобилска индустрија има вложено многу во електромобилноста и со 770.000 работни места и натаму е најважната индустриска гранка во Германија. Поради тоа е од исклучителна важност, земјата повторно да ги впрегне своите производствени капацитети, за да може да биде конкурентна на светскиот пазар.
Бундесратот критикува и за тоа што продолжува субвенционирањето на дизел горивото. Поради тоа што вештачки се наплаќаат пониски акцизи за дизел горивото, отколку за бензинот, и тоа се овозможува дизелот да им биде поевтин на возачите, земјата годишно губи 9,6 милијарди евра. Наспроти тоа, Германија во 2022 година потрошила само 3,4 милијарди евра за да го субвенционира купувањето електрични автомобили. Се бара цената на дизелот постепено да се донесе до нивото на бензинот. Останува голема неизвесност, дали и како сојузната влада ќе одговори на овие барања.















