Во март годинава уште се чинеше дека Фискер ќе го преброди лошото поглавје, но надежта траеше кусо. Само два месеци подоцна, фабриката во Австрија, каде што се произведуваа возилата на Фискер, објави банкрот. Во јуни следеше крајот и на Фискер, несудениот соперник на Тесла. Проблем беше тоа што нарачаните возила доцнеа, а пазарот главно не покажа некој посебен интерес.
Моделот Фискер Оушн уште од старт имаше проблеми, како во поглед на неквалитетот на деловите што беа испорачани од добавувачите, така и во поглед на грешките во софтверот.
Портал од САД, Тек Кранч, јавува за нови проблеми на Фискер, марка што почна како проект на Данецот Хенрик Фискер, некогашен дизајнер на Астон Мартин. Компанијата Американ Лиз од САД, имала намера да ги купи електричните СУВ-возила Оушн што останаа непродадени.
Но, оваа одлична зделка не може да се истурка, затоа што „не постоела можност податоците што се однесуваат на одделните СУВ да се пренесат на нов сервер, што не му припаѓа на банкротираниот производител на електрични автомобили“, пишува Тек Кранч.
Од Фискер првпат проговорија за проблемот на 4-ти октомври. Кусо потоа следеше вест дека преносот на информациите не може да се изврши. Американ Лиз дотогаш имале префрлено „десетици милиони долари“.
Во судскиот извештај стои: „Во моментов е нејасно, дали и колку застапниците на должникот биле запознаени со неможноста и неизводливоста за купените возила да се портираат, и кога тие ја дознале оваа клучна информација или на друг начин дошле до тој заклучок.“
Сега се дознава и дека седиштето на стартапот за електрични автомобили во Калифорнија било оставено во крајно запуштена состојба. Според Бизнис Инсајдер, во изнајмениот простор се оставени отпад, хемикалии и глинени модели од возилата. За отстранувањето на сиот отпад исто така треба да се плати. Како врв на сé, не е платена и наемнината на просторот.
















