Есента во салонот на Мак Аутостар означува дека e време за кабриолет. Доколку нештата се гледаат лаички, навистина буни тоа што Мерцедес-Бенц во средината на октомври изложува автомобил за сонце и за добро време. Тоа е посебноста на пазарот на кабриолети – сега се избираат сите опции по желба и се нарачува, за возилото во меѓувреме да се произведе и испорача, и сé да биде спремно кога времето пак ќе стопли.
Мерцедес-Бенц ЦЛЕ со ознаката многу потсетува на поглавјето на ЦЛК. Кабриолетот и купето во двете генерации меѓу 1997 и 2010 година исто така беа поставени како модели меѓу Ц-Класа и Е-Класа. Како што постоеше ЦЛК 200 со 136 КС за почеток на понудата, така постоеше и ЦЛК 55 АМГ со 8-цилиндарец и 347 КС, што во отворената каросериска изведба беше изработен во само 400 примероци, само за избрани клиенти. Тогаш мораше да се покаже моќ, ЦЛК сепак возеше за Мерцедес-Бенц во ДТМ.
Времето е многу сменето оттогаш. Осумцилиндарец повеќе не работи во ЦЛЕ, најмногу што може да се добие се шест цилиндри, и тоа само поради улогата што ја има денешната двојка купе-кабриолет, да биде модел и од Ц-Класа и од Е-Класа. Основата доаѓа од тековната Ц-Класа од генерацијата В206 и за тоа нема што да се пожали човек. ЦЛК сепак прави отстапка, и додека Ц-Класа не може да се добие со повеќе од 4 цилиндри, тука може да се избере изведба ЦЛЕ 450 со шест цилиндри. Тоа е отстапката во насока на Е-Класа.
Првиот кабриолет од ЦЛЕ што Мак Аутостар го постави во салон е во моделска изведба 220 д, што значи со дволитарски дизел со 197 КС, плус 23 КС. Овој плус важи за сите моделски изведби и се однесува на 48-волтниот благ хибриден погон што е стандард во целата гама, од ЦЛЕ 180 до АМГ ЦЛЕ 53. Дизелот е само еден во гамата, и со спринт од 7,9 секунди до темпо сто и 234 км/ч, одвај дека остава место да се бара нешто повеќе.
Многу е веројатно дека при дизајнирањето на ЦЛЕ во двете каросериски изведби, предимство добил кабриолетот, за сите форми, акценти и пораки во изгледот, да ѝ прилегаат повеќе на отворената каросериска изведба. Тоа може да се должи и на субјективен впечаток, покрај салонскиот експонат. Со дебелата сребрена рамка со мат завршница околу целата кабина, со црвените седишта и со масивната покривка врз просторот во којшто се собира платнениот покрив, со скапи звучници Бурместер озгора, ЦЛЕ Кабриолет повеќе личи како луксузна јахта отколку како автомобил.
Во овој кабриолет се пренесува сета мајсторија, од 220 СЕб од 1961, преку 300 ЦЕ-24 од генерацијата 124, до С 560 од 2020 година, како последен кабриолет од С-класата
Во тоа воедно се препознава и искуството на оваа куќа во создавањето луксузни кабриолети. Тука сé оддава луксуз и отменост, иако се во игра многу ставки од списокот на доплати: Почнувајќи од надворешноста во стилот на АМГ, тркалата од 20 инчи, дигиталните светла, црвениот покрив, малиот и делотворен спојлер назад, црвените седишта, релјефот на украсните лајсни ширум кабината, опциите се толку на број, што конфигуирањето преоѓа во уметност.
Откако ќе се вклучи контакт, се покажуваат и внатрешните вредности што се додадени како опција. Меѓу највредните ставки спаѓа т.н. Енерџајзинг Пакет Плус, со климатизирани и мултуконтурни седишта, со јопнизација, парфемирање и најотменото амбиентално осветлување што постои на сцената. Кога ќе почне да се навлегува во менито, повеќе остава впечаток брзината на работа на системот, отколку изобилството од опции.
Тоа што Мерцедес-Бенц ЦЛЕ го има како кабриолет е неверојатно тивко затворање и отворање на покривот, кога само поглед во ретровизорите покажува дека нешто се случува со покривот во моментот. Тоа може да се прави до брзина од 60 километри на час и трае 20 секунди.
Покривот е повеќеслоен, со сите можни изолации, со цел да се овозможи користење на возилото во текот на сите годишни времиња. Мерцедес уште во времето на СЛК го воведе т.н. воздушен шал, кога беа измислени дувалки за топол воздух во потпирачите за глава. Овој зимски шал сега е стандард, заедно со ветерна брана зад седиштата, заради да спречи вртложење на воздухот. Уште една кабриолет доблест е ламелата што е поставена над рамката на ветробранот и делотворно го префрлува воздушното струење над глава.
Исправениот средишен дисплеј стана стандард во марката со ѕвездата, тука со пречник од 11,9 инчи, заедно со дигитални инструменти од 12,3 инчи. Средишниот дисплеј се мести под агол од 15 до 40 степени, електрично секако.
Специјален слој е нанесен врз кожените седишпта, за седнувањето во нив лете да не биде проследено со скокање, по долга изложеност на сонце.
Понудата од погонски единици кај бензинците почнува со ЦЛЕ 180 со 193 КС и ЦЛЕ 200 со 204 КС, исто и во изведба со погон на сите тркала, по неа следи ЦЛЕ 300 4Матик со 258 КС, врвот му припаѓа на ЦЛЕ 450 4Матиц, со 3,0-литарски шестцилиндарец со 381 КС. На вредностите на моќноста се додаваат и 23-те КС на благиот хибриден погон. АМГ вобичаено заокружува со ЦЛЕ 55 5Матик.















