Полстар во третото тромесечје продаде 11.900 возила, што е за 15 проценти послабо од истиот квартал лани. Тоа разочарува дополнително покрај фактот што електричната марка годинава ја зголеми својата понуда од модели повеќе од двојно, вклучувајќи го Полстар 4.
Новиот извршен директор на Полстар, Михаел Лошелер, почна да ги преиспитува работењето и стратегијата, откако производителот на електрични автомобили пријави дека испораките биле под очекувањата.
Шведскиот производител ќе ги развие своите комерцијални способности, за да може да премине од „од покажување, на активно продавање автомобили,“ порача Лошелер во соопштението од 11-ти октомври.
Неговата забелешка се однесува на резултатите од работењето, коишто беа послаби од предвидувањата на аналитичарите. Полстар во третиот квартал испорача 11.900 возила и тоа е за 15 проценти помалку во споредба со истиот период од јули до септември лани, иако марката двојно ја зголеми својата понуда од модели.
Компанијата очекува прометот во 2024 година да постигне слични вредности со ланските и да биде во позитива во последното тромесечје.
Вредноста на акциите на Полстар опадна за 4,4 проценти во тргувањето пред заклучувањето на берзата во Њујорк во четвртокот, откако претходно во текот на годинава паднаа за повеќе од една третина.
Контролиран од кинескиот милијардер Ли Шуфу, Полстар се соочуваше со потешкотии поради доцнењето во пуштањето на новите модели во продажба. Тоа се случуваше во време кога се развива жестока конкуренција, особено во Кина, како пазар од којшто се очекува да донесе раст во продажбата.
Производителот на премиум електрични автомобили изгуби голем дел од својата пазарна вредност, откако се издвои од Волво пред две години и ги понуди акциите на њујоршката берза.
Полстар во август соопшти дека Лошелер, кој постигна пресвртница во Опел како извршен директор, доаѓа во замена за поранешниот шеф Томас Ингенлат, кој не успеа да ја спречи загубата и да ги надмине оперативните проблеми.
Михаел Лошелер официјално почна да работи како нов извршен директор на Полстар на 1-ви октомври.
Внесувањето поголема активност во продажбата веќе вродува со плод, кажа Лошелер.
Во првите девет месеци, шведскиот производител испорача 32.000 возила, што е за 23 проценти послабо од лани. Полстар во август соопшти дека останува убеденоста оти продажбата на моделите Полстар 3 и 4 ќе донесе засилување на продажбата во втората половина од годината.
Полстар во петокот соопшти дека се води конструктивен дијалог со групацијата Џили, чијшто сопственик е Ли Шуфу, со кредиторите. Компанијата наведе дека кредиторите ги подржуваат чекорите што се преземаат.
Швеѓаните во август објавија дека обезбедиле дополнително финансирање во вредност од 300 милион долари, во вид на едногодишен револвиран заем.
















