Тесла верува дека Сајберкабот од 30.000 долари ќе постигне висока продажба

Извршниот директор Илон Маск најави можност Тесла да го произведува Сајберкабот во фабриката во Гринхајде, близу Берлин.

Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, првпат го прикажа пред светот Сајберкаб, такси што вози самостојно, со врати што се отвораат нагоре и без какви било команди за ракување од човек. Намерата е производството да почне во 2026 година, по цена од околу 30.000 долари. Премиерата се одржа на 10-ти октомври во филмско студио во Холивуд.

Маск вели дека и приватните корисници ќе можат да го купат роботското такси со две седишта. Сајберкаб е замислен како основа за услугата на Тесла за групно користење превоз. Вајмо нуди слична услуга на некои места во САД, како во Сан Франциско и во Феникс.

„Ќе го произведуваме ова возило во многу голема серија,“ кажа Маск. „Ќе можете и да го купите, а очекуваме дека цената ќе му биде под 30.000 долари.“

Тесла претходно соопшти дека роботаксито ќе се произведува во фабриката во Остин, Тексас.

Контроверзниот извршен директор исто така најави дека Тесла ќе понуди нова верзија од својот софтвер Фул Селф-Драјвинг, како што се нарекува нивниот полуавтопилот. Со тоа, постоечките автомобили на Тесла од следната година ќе добијат способност да управуваат самостојно.

Маск замислува иднина во којашто возачите на Убер или Лифт ќе му го препуштат возењето на Сајберкаб, и веројатно ќе купат неколку роботакси возила, што за одреден надомест ќе ги изнајмуваат во мрежата за такси превоз на Тесла.

Внатрешноста на Тесла Сајберкаб

„Ценам дека тоа ќе биде славна иднина,“ кажа Маск во студиото на Ворнер Брос во Бурбенк, Калифорнија. „Тоа ќе биде нешто навистина посебно.“

Маск претходно ја опиша мрежата од роботски такси возила на Тесла, во којашто возила во сопственост на клиентите ќе се изнајмуваат во мрежата, за одреден дел од заработката.

Пред возбудена публика од фанови на Тесла и акционери, Маск се појави на бината на отворено во кутиест сребрен Сајберкаб. Во изгледот на возилото се препознава стилот на чудниот пикап Сајбертрак, што од минатиот ноември се продава во САД.

Околу 20 прототипи од Сајберкаб биле ангажирани за настанот, кажа Маск. Гостите беа поканети да направат пробно возење во самоуправувачки автомобил во просторот околу студиото.

„Тоа што сакаме да го постигнеме – а тоа го видовте со Сајбертрак – е нашата желба да ја смениме сликата на патиштата,“ кажа Маск, во врска со изгледот на Сајберкаб. „Иднината треба да изгледа како иднината.“

На настанот не беа соопштени подробности. Маск не откри какви било податоци околу техниката на Сајберкаб. Тој наведе дека возилото нема да поседува обичен приклучок за полнење, затоа што ќе користи плоча за индуктивно полнење, за коешто нема потреба од човечки зафат.

Еден од инвеститорите им се пожали на Ројтерс дека очекувал повеќе детали.

„Сé изгледа добро, но ништо не се знае околу временската линија. Јас сум акционер и сум мошне разочаран. Ценам дека пазарот сакаше да бидат прецизирани временските линии,“ кажа Денис Дик, трговец со акции во Трипл Д Трејдинг. „Мислам дека тој ништо не кажа.“

Аналитичарите од Вол Стрит исто така се пожалија дека информациите биле недоволни и не бил спомнат и планираниот модел со подостапна цена што би го проширил кругот на купувачи на Тесла. Аналитичарите очекуваат Тесла годинава да продаде 1,8 милион возила во светот, што би било слично со ланската продажба.

„Настанот поттикна бројни прашања, траеше изненадувачки кусо и повеќе беше контролирана демонстрација отколку презентација,“ кажа Гарет Нелсон од ЦФРА Рисерч. „Бевме разочарани од отсуството на детали во врска со планираните модели на Тесла во поблиска временска рамка.“

Тесла прикажа и голем, коцкест Робован, за којшто Маск кажа дека може да превезува до 20 патници и „исто така може да превезува товар.“ Маск не откри детали околу ванот, во поглед на цената или почетокот на производството. Ванот може да се користи за евтин јавен превоз, кажа тој.

Шефот најави и дека сопствениците на возилата на Тесла, како Модел 3 и Модел Ипсилон, ќе можат да ги пуштат своите автомобили да движат самостојно во Калифорнија и Тексас, почнувајќи од 2025 година. Планот е тоа да стане стане достапно и за возилата во Европа, каде што прво треба да се добијат неопходните одобренија.

Настанот нарешен „Ние, Робот,“ главно беше посветен на новите самоуправувачки возила и на хуманодниот робот Оптимис што го развива Тесла. Додека роботот биде понуден на пазарот ќе минат уште неколку години. Тој ќе се движи со софтверот на Тесла, познатиот Фул-Селф Драјвинг, за којшто е предвидено да користи вештачка интелигенција.

На настанот присуствуваа неколку роботи, кои играа, служеа пијалаци и се дружеа со стотиците гости што беа поканети во филмската кулиса.

Маск уште претходно има нагласено дека намерата е роботите Оптимус да се произведуват масовно. Нивната примена е во индустријата, домаќинството, за придружба. Цената би изнесувала околу 30.000 долари, откри Маск на настанот.

Експертите за автономни возила кажуваат дека на Тесла ѝ претстои долг пат, додека возилата ги исполнат техничките и законски барања за да можат да се користат како роботакси. Вајмо цени дека нивните такси веќе се побезбедни од човек.

„Последните податоци покажуваат дека во преку 22 милиони милји до завршетокот на јуни, Вајмо Драјвер во споредба со човечки возачи учествувал во 84 проценти помалку судири со отворање на воздушните перници, во 73 проценти помалку судири со повредени лица и 48 проценти помалку судири со полициски записник,“ објави Вајмо во септември. Тоа ги вклучува судирите што не ги предизвикале возилата на Вајмо.

Некои експерти ценат дека продажбата на хардверот Сајберкаб е полесниот дел.

„Нема да се изненадам ако видиме хардвер за роботакси за којшто се тврди дека е способен да вози самостојно, но откако ќе биде подготвен софтверот,“ кажува Филип Копман, професор на Карнеги Мелон, експерт за безбедност на автономни возила. „Но, софтверот е потешкиот дел,“ заклучува професорот.

Претходна објаваАлпин А390 Бета ќе им ги мрси сметките на Тесла и Порше
Следна објаваНовиот шеф на Полстар сака повеќе да продава, отколку само да покажува автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here