Мерцедес досега ги произведуваше своите големи СУВ-модели ГЛЕ и ГЛС исклучиво во фабриката во Таскалуза, САД. Тоа ќе се промени. При посетата на Пекинг, шефот на Мерцедес, Ола Калениус, најави дека во земјата првпат ќе се произведува ГЛЕ, во продолжена изведба што ќе биде развиена посебно за Кина.
Тоа е дел од поголемиот пакет, со којшто Мерцедес има намера по неколку посни години во Кина, повторно да го засили своето присуство во земјата. Конернот постигнува голем дел од својата добивка во Кина, каде што бизнисот во изминатите години не врвеше толку добро.
Мерцедес најави промени уште пролетоска на салонот на автомобили во Пекинг. Тоа сега го потврди Калениус за локалните медиуми, за време на посетата на фабриката во Пекинг: „Кина е еден од главните столбови на нашата глобална стратегија.“
Кина ќе стане „СУВ-пазар“
Решението за ГЛЕ да се произведува во Кина се темели врз сознанијата што покажуваат дека Кина се развива во насока на „СУВ-пазар“, кажуваат претставници на Мерцедес. Германската компанија во моментов ги произведува во Кина помалите СУВ-модели Е-Ку-А и Е-Ку-Б, двата со електричен погон, но главно се продаваат лимузните од Ц- и од Е-класата.

Кина и натаму е најважен пазар за С-Класа, што се увезува во земјата. Од следната година, портфолиото ќе се прошири со ГЛЕ. СУВ-моделот од вишата класа во Кина ќе се продава со „задолжително“ продолжено меѓуоскино растојание. Покрај тоа, посебно за кинескиот пазар е развиен инфо-забавен систем, а назад ќе се вградуваат и поудобни седишта, за патувањето да биде уште попријатно.
Пазарот во Кина веќе со години е во надолна линија
Мерцедес вработува околу 2.000 лица што работат на развојот на моделите за Кина. Локализирањето на производството кај партнерот ББАЦ во Пекинг не е чекор што ќе ѝ наштети на Таскалуза, порачуваат од Мерцедес. Компанијата очекува дека со локалното производство на моделот ќе се зголеми вкупната продукција на ГЛЕ.
Кина во изминатите години беше пазар што гарантираше напредување на бизнисот, меѓутоа продажбата во земјата мирува уште од ковид-пандемијата наваму. Со 732.000 возила во 2023 година, продажбата на Мерцедес беше под нивото од претходната година. Пазарот за марката паѓа уште од 2020 година, кога беше достигнат рекордот од 754.000 возила.
Со локалното производство се избегнуваат царините
Главно расте пазарот на електричните автомобили. Моделите со сребрената ѕвезда сепак се прескапи во споредба со домашните производители. Од друга страна, кинеските производители постигнаа голем технолошки напредок и дури и во премиум сегментот се рамноправни со традиционалните премиум марки.
ГЛЕ ќе додаде привлечност во понудата на модели на Мерцедес во Кина. Покрај тоа, Мерцедес ќе биде поштеден од натамошното заострување на царинските конфликти меѓу САД и Кина.
Електричен луксузен ван
Покрај ГЛЕ, во Кина ќе се произведува и електричен луксузен ван, конструиран врз новата платформа Ван.ЕА. Возилото ќе го произведува партнерот Фуџиан Бенц, којшто е производител на лесни товарни возила со седиште во Фуџоу.
Ексклузивно опремена В-Класа во Мак Аутостар
Луксузните ванови се популарни во Кина првенствено кај бизнис-корисниците и компаниите што вршат превоз на патници. Тие најчесто се опремени врвно, со меки фотелји и големи екрани. Откако сé повеќе градови воведоа забрана за влез со возило со мотор со внатрешно согорување во централното подрачје, расте побарувачката за електрични луксузни ванови.
Инвестиција од 1,8 милијарда евра
Уште порано беше соопштено дека Мерцедес во Кина ќе ја произведува и новата генерација компактни модели врз платформата ММА. На првиот модел ЦЛА, заедно со неговата варијанта Шутинг Брејк, подоцна ќе им се придружат наследничките на ГЛА и ГЛБ. ЦЛА исто така ќе се произведува во Кина во продолжена изведба.

Моделите се развиени првенствено за верзијата со електричен погон, што ќе постигнува досег од 750 километри. Во новите компактни модели ќе работат и мотори со внатрешно согорување од нова генерација, што се развиени во соработка со кинескиот производител Џили. Вкупните вложувања на Мерцедес во Кина ќе достигнат околу 1,8 милијарда евра.
















