Ексклузивност по спортска цена: Освежување за петцилиндарецот на Ауди

Ауди за најсвежата преработка на својот најмал РС вели дека неговото однесување во свијоци е тешко да се опише преку бројки и дека чувството е тоа што ја прави разликата. Кој не верува дека Ауди РС 3 од октомври ќе вози уште подобро од досега, ќе верува во рекордот: Најбрз компакт на Нордшлајфе, со време од 7 минути 33 секунди и 123 илјадинки.

Ауди Спорт ги наостри сетилата на РС 3. Најбрзата и најпрестижна изведба во моделското семејство на А3 влегува во новото моделско годиште со уште понагласена спортска нота. Промените во изгледот само ја придружуваат главната промена, а тоа е оптимираното подвозје, што заедно со новите гуми обезбедува уште поголема динамика во свијоци. Сето тоа резултираше со нов рекорд за компактни возила на Нордшлајфе. Ауди вели дека зголената возна динамика „се чувствува, исто како и квалитетните материјали, што врвниот квалитет го пренесуваат до носот. Ауди РС 3 е доживување за сетилата“.

Главната улога во промените во изгледот ја има шестаголната „синглфрејм“ што е пониска и поширока од досега, со моќно груба решетка. Се забележуваат и двата странични отвори за воздух, сега со исправени црни насочувачи на воздухот во нив. Згоден детаљ се и трите отвори долу во рамката на маската.

Предниот сплитер сега е изведен по цела ширина и прави РС 3 да изгледа уште поспуштен, по пример на Ауди Спорт кватро С1 Пајкс Пик од 1987. Дневните светла имаат неколку промени, и со своите 24 елементи, во познатиот стил на РС 3, создаваат светлосен потпис што личи како целно знаме. Доколку се изберат матрични диодни светла, тогаш за дневните светла стојат на располагање три шеми на светлосен потпис.

Во истиот стил е преработен опашот, со исправени мачкини светла, со големиот дифузор што исто така има рефлектор во средината и со двата овални завршетоци на издувот, што се врамени црно и изгледаат уште повпечатливо. Светлечкиот потпис е сменет и кај задните светла.

Нови бои се аскари сина и прогресивна црвена, заедно со дајтона сина што првпат се нуди во мат изведба.

Во темниот кокпит се забележува воланот што е зарамнет и горе и долу. Воланот на Пежо ај-Кокпит испраќа поздрави. Опција се школкести РС-седишта, со страници што се обложени со мека напа кожа. Нови дизајнерски елементи внатре се преградата пред бирачот за степени што е понизок од досега, како и изведувањето на средишната конзола меѓу седиштата. Тоа доаѓа заедно со амбиентално осветлување што создава посебен впечаток: Во облогата на вратите е изведено заднинско осветлување, што ја прикажува целата структура.

Фабричко видео од Ауди РС 3 во возење

Промени има и во графиката на Ауди-виртуелниот кокпит што и досега беше дел од РС 3, но сега има и можност за бројачот на вртежи да се прикажува доминантно во средина.

Главниот заслужен е петцилиндарецот 2.5 ТФСИ со 400 КС и 500 њутнметри. Покрај различниот начин на ослободување на моќност, посебноста е во редоследот на палење: Прво палат 1-от и 2-от цилиндар, потоа 4-от и 5-от, па третиот цилиндар. Оттаму доаѓа и различниот звук на 5-цилиндарецот, што во голем дел користи елементи од Р8. Три режими на работа му дозволуваат на моторот да го ослободи звукот речиси непридушено. Спринтот трае 3,8 секунди, крајната брзина е 290 км/ч.

Промените во возните својства доаѓаат од зафатите во подвозјето. Фабричкиот возач и тркач на Ауди, Франк Штиплер, постави рекорд со Ауди РС 3 на Нордшлајфе, на 20,8 километри долгиот курс на Нирбургринг, за да докаже дека преправките се исплатеа. Новото време е 7:33,123 минути, за пет секунди подобро од досегашниот рекордер.

Мајсторијата во подвозјето е во целосно приспособливата распределба на вртежниот момент меѓу задните тркала, електронската контрола за стабилност, целното сопирање на предното или задното тркало од внатрешната страна во свијок и во приспособливите амортизери. Сите овие компоненти се поврзани со т.н. регулатор на возната динамика, што ја синхронизира нивната работа.

Фабричко видео од лимузинската изведба на Ауди РС 3 во возење

Промената во новото моделско годиште е во новиот алгоритам, што прави компонентите да работат почувствително, зависно од тековната ситуација во возењето. Во основа, возачот подобро го чувствува возилото, и може да го контролира поделотворно во граничното подрачје, што на крајот води до побрзо време на круг.

Спортските возачи ќе се радуваат посебно на оваа „функција“: Надуправувањето сега може да се провоцира полесно, преку свртувањето на воланот. Тоа досега беше можно само при погрубо додавање повеќе гас.

Копчето лево на воланот, за вклучување на перформанс-режимот за возење на тркачка патека, сега е изведено со целно знаме. Црвеното копче десно е за брз пристап до режимот РС Индивидуал .

Нови се и гумите, што се конструирани посебно за РС 3, подобри и на суво и на влажно, што овозможуваат попрецизно владеење со возилото. Опција и натаму се полу-слик гуми Пирели П Зеро Трофео Р, строго за патека.

Тоа што уште го сменија или унапредија „аудијанците“ е мирисот што го шират материјалите во кабината на Ауди РС 3. За тоа ќе треба да се почека додека почне испораката во октомври. Нарачките се отвораат клон завршетокот на август. Цената за „кусиот“ РС 3 во Германија изнесува 66.000 евра, за лимузината се бараат 2.000 евра повеќе.

Електрични Ауди Ку 8 е-трон и Ку 4 во салонот на Порше (плус сите ЕВ)

Претходна објаваДонгфенг почнува со продажба на достапни ЕВ на два големи европски пазари
Следна објаваЕУ ги скуси царините за увозот на Тесла од Кина, пониски царини и за БМВ и Фолксваген

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here