Поплава кај добавувач ги остави Јагуар Ланд Ровер и Порше без алуминиум

Примарната алуминиумска легура

Британскиот производител на автомобили Јагуар Ланд Ровер (ЈЛР) мора да го скуси производството во следните месеци. Причина за тоа е поплавата што го наруши производството на алуминиум во Новелис, швајцарски добавувач. Директорот за финансии на ЈЛР, Ричард Молине, им го соопшти тоа на инвеститорите.

„Настанатиот кусок од клучната суровина ќе го ограничи нашето производство до завршетокот на ова тромесечје и ќе зафати и во следното“, изјави Молине.

Погодени се два големи добавувачи што ја снабдуваат автомобилската индустрија со за алуминиум.

Поплавите што ги предизвикаа поројните дождови во јули го запреа работењето во фабриката на Новелис во Зидерс, Швајцарија. Дождовите онеспособија и две фабрики на Констелиум, уште еден добавувач за алуминиум. ЈЛР е клиент и на Новелис и Констелиум, исто како и цела низа други компании од автомобилската бранша.

„Ќе направиме сé што е во наша моќ, за да осигуриме дека тоа нема да нé спречи да ги достигнеме поставените цели за годинава“, додава директорот на ЈЛР.

„Нашиот индустриски работен тим е на добар пат да најде алтернативни извори и како помош го користиме и екосистемот на Тата“, кажа Молине. ЈЛР веќе со години е дел од индискиот концерн Тата.

За престижните СУВ-модели Рејнџ Ровер и Рејнџ Ровер Спорт, како и остантите модели на Јагуар Ланд Ровер масовно се користи алуминиум. ЈЛР годишно троши 180.000 тони од металот, како што покажуваат податоците од 2020 година.

Пред неколку седмици и Порше ги смени своите предвидувања за прометот и рентабилноста, поради ограничените количини од алуминиумски легури. Проблемите со снабдувањето ги погодуваат сите модели на компанијата и може да доведат до прекин во производството на една или повеќе моделски серии, објавија од компанијата.

Порше не наведе кој е добавувачот поради којшто настанаа проблемите. Констелиум соопшти дека не го снабдува Порше со своите фабрики од Швајцарија.

Ауди, БМВ и Мерцедес исто така се погодени

БМВ, Мерцедес-Бенц и Ауди исто така се соочуваат со тесни грла во снабдувањето со алуминиумски легури, меѓутоа успеаја да се снабдат од алтернативни извори. Производителите на премиум автомобили се меѓу најголемите потрошувачи на алуминиум, што е поскап од челикот, но нуди предности во тежината. За разлика од големоволуменските производители, тие можат да ги компензираат повисоките трошоци, затоа што ги продаваат своите автомобили по повисока цена.

Според процените на аналитичарите на Бернштајн, тесното грло во снабдувањето со алуминиум може да го чини Порше до 17.400 помалку произведени возила во втората половина од годината. Тоа е повеќе од десет проценти од вкупната продукција на спортската марка во првото полугодие.

Претходна објаваЗа транспортот во Европа да се покрие со електрични камиони се доволни само 1.000 брзи полначи
Следна објаваЏип Авенџер е најпродаван СУВ на италијанскиот пазар годинава

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here