Хонда оствари рекордна добивка, расте побарувачката во САД, слаб јен

Оперативната добивка на Хонда во второто тромесечје достигна историски рекорд, откако зголемената побарувачка во САД надомести за падот во продажбата во Кина. Со тоа, јапонскиот прозиводител е на одличен пат за уште една година да заврши со рекордна добивка.

Добивката во периодот од април до јуни порасна за 23 проценти и достигна 3,3 милијарди долари. Тоа во најголем дел се должи на одличната продажба на автомобили во САД и силната побарувачка за мотоцикли во Индија и Бразил, соопшти Хонда на 7-ми август.

Компанијата исто така наведе дека слабиот јен придонел за одличните резултати. Предвидувањата за годинава остануваат непроменети, на 9,6 милијарди долари.

Хонда искористи од зголемената побарувачка за хибриди, во време кога повлекувањето на субвенциите на повеќе големи пазари влијае врз продажбата на батериски електрични автомобили во светски рамки.

Производителот на автомобили во мај соопшти дека очекува годинава да продаде 1 милион хибриди, со намера нивната продукција повторно да се зголеми и на тој начин да се создадат услови за во иднина да се инвестира повеќе во производство на електрични возила.

Хонда планира до 2030 година да вложи близу 70 милијарди долари во изградба на производствен капацитет за електрични возила. Компанијата има цел по 2040 година да продава исклучиво електрични автомобили.

Наспроти растечката побарувачка за хибриди во САД, Хонда се соочува со проблеми во Кина, затоа што ѝ недостигаат конкурентни електрични автомобили со коишто ќе може да се впушти во пазарна трка со локалните компании, како што е БИД, најголем производител на ЕВ во светот.

Продажбата во Кина во јуни опадна за 40 проценти, што доведе до одлуката, во ноември да се затвори една од заедничките фабрики во земјата. Хонда исто така реши од октомври да го смали производството на модели со бензински мотори во Кина за 19 проценти.

Хонда на 30-ти јули објави дека глобалната продажба во првите шест месеци пораснала за 2 проценти, на 1,9 милион возила, за што најголем придонес има растот од 9 проценти во продажбата во САД.

Компанијата бара начини да фати чекор со побрзите ривали на светската сцена, во транзицијата кон електрични возила. Хонда оформи нов јапонски сојуз со Нисан и Мицубиши, со цел од 2028 година да отпочне производство на нова генерација електрични возила што се базираат врз софтвер.

Претходна објаваГермански драгстори се откажуваат од службени Тесли, откако Маск застана во поддршка на Трамп
Следна објаваБез субвенциите, Германија си ја десеткуваше продажбата на електрични автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here