
По два месеци откако ги отвори книгите со нарачки, Пежо веќе регистрира 50.000 клиенти што треба да ги услужи со нов 3008. Една четвртина од нарачките се за целосно електричниот модел Е-3008, главнината е за моделите со приклучен хибриден погон и со благ хибриден погон што неодамна беше на тест во Аутомедиа.
Пежо почна со нарачки за третата генерација на 3008 на домашниот пазар во март, за од мај да се придружат и најголемите пазари во Европа. Од јули, новакот се продава и на македонскиот пазар. Како што јавуваат менаџерите, побарувачката за електричната изведба, што првпат се нуди за компактниот СУВ, далеку е над очекувањата.
Тоа што главно го одликува новиот 3008, секако е дизајнот, што е дури и еден чекор понапред од оној на фастбекот 408. Веднаш по отворањето на вратите следи и третата револуција на ај-Кокпит, а има „мамка“ и за заљубениците во електричниот погон, со досегот до 680 километри за Е-3008.
Пежо 3008 е прв модел во целиот концерн Стелантис што ја користи платформата СТЛА Медиум. Тоа што беше најпријатно изненадување при тестот на 3008 во Аутомедиа, беше фактот што напредокот што го носи новата платформа се чувствува и во тестираната изведба со благ хибриден погон.
Марката на шефицата Линда Џексон ги убедува купувачите во електричниот погон повеќе отколку останатите марки. За тоа сведочи податокот дека уделот на Е-3008 во продажбата од 25 проценти, повисок е од просекот што електричните модели го постигнуваат во продажбата во целиот сегмент на компактните СУВ.
Пежо 3008 буквално е француска гордост, затоа што е дизајниран и развиен во Франција, но и се произведува во Сошо. Електромоторот од нова генерација исто така се произведува домашно.
Уште еден податок што говори за успешното осмислување на новата генерација е фактот што повеќето од нарачките се за изведбата ГТ, значи за највисокото ниво на опрема. Тоа ѝ дава кураж на марката да продолжи во насока на премиум марка во концернот.
Пежо Е-3008 во моментов е достапен во три погонски изведби: Електрик 210, Хибрид 136 е-ДЦС6 и Плаг-ин Хибрид 195 е-ДЦС7. Во гамата наскоро доаѓа електрична изведба 320 Дуал Мотор со погон на сите тркала, како и главната носителка на имиџот на електричната понуда на Пежо, изведбата 230 со продолжен досег, со декларирани 680 километри.















