Првите шест од вкупно 29 електрични автомобили Пежо Е-2008 им се испорачани на детските домови во Злин и во Валашке Мезиричи, и на училишта во Отроковице, Кромериц и Бистрице под Хостинем. Увозникот на Пежо за Чешка, Уникарс, го доби тендерот за набавка на електрични возила за институциите во регионот Злин, што брои близу 600.000 жители.
Сите нарачани возила се во основното ниво на опременост Актив, во посилната изведба со електромотор со моќност од 115 киловати (156 КС) и со поголемата батерија од 54 киловатчасови.
Поголемиот дел од средствата за набавка на возила што не испуштаат штетни материи се покриени со европски фондови. Дел од проектот претставува и купување 57 станици за полнење што ќе бидат наменети за сопствено користење од страна на институциите.
Директорот за продажба на Уникарс, Мирослав Станек, цени дека е „голем успех да се добие тендерот за купување на овие електрични автомобили“. Тој додава и дека останатите електрични модели на Пежо имаат голем потенцијал. „Неодамна испорачавме електричен е-Рифтер за општината Холешов, верувам дека нашата продажба на електрични автомобили значително ќе се зголеми во иднина“, кажува Станек.
Пежо Е-2008 е најпродаван електричен автомобил на Пежо во Чешка во минатата година, како и втор најпродаван електричен автомобил во Б-сегментот, со удел од преку 10 проценти. Моделското освежување од минатата година му даде нова сила на СУВ-моделот од градската класа.
Досегот порасна од 345 на 406 километри. При користење само во град, може да се очекува и до 480 километри возење до следното полнење. Новата батерија од 54 кВч е проектирана да трае колку целиот автомобил. Гаранцијата значи дека капацитетот на батеријата нема да се смали под 70% по осум години или 160.000 километри.
















