
Уште една рунда скусувања на цените на Тесла за да се надмине ослабнатата продажба на електричните возила во Германија.
По поразително слабите продажни резултати, Тесла почнува ценовна војна во Германија. Пионерот на електричните возила уште еднаш ги скусува цените. Модел Ипсилон во моментов чини 6.000 евра помалку, односно се продава по цена од околу 45.000 евра. Производителот на автомобили повторно ги скусува цените за околу десетина проценти со помош на т.н. премија на Тесла за животната средина, како што компанијата на Илон Маск ја именува најновата ценовна акција.
Место да користи попусти како дел од акциски кампањи, како што прават сите останати производители, Тесла постојано ги поевтинува своите модели во ценовниците. Во почетокот на минатата година, Тесла ги скуси цените на Модел Ипсилон за повеќе од 9.000 евра, односно за 17 проценти. Со тоа всушност започна ценовната војна во сегментот на електричните возила.
Само две недели се чека за нова Тесла
Новото спуштање на цените е директен одговор на тековните случувања на пазарот. Во мај, бројот на новорегистрирани возила во Германија беше смален за близу две третини, односно за 64 проценти. Од почетокот на годинава, Тесла е 40 проценти во минус во споредба со лани.
Од јануари до мај, Тесла продаде само 16.600 нови автомобили. Продукцијата до толку ја надминува побарувачката, што производителот во меѓувреме почна да објавува на својот германски вебсајт дека рокот за чекање за претконфигуриран Модел Ипсилон изнесува само две седмици.
Пазарот слабее во најлошо време за Тесла
Продажбата во Европа слабее. Производителот што е навикнат на успеси, со 77.000 продадени возила во првите четири месеци од годинава заостанува четири проценти зад ланската продажба.
Слабеењето на пазарот се случува во најлошото можно време за Тесла. Компанијата има намера да ги прошири своите производствени капацитети, за да прерасне во големоволуменски производител. Меѓутоа, сега нема доволно нарачки за фабриките да работат со неопходниот мининален капацитет, за да се задржи рентабилноста.
Тоа е огромен проблем за Тесла, затоа што производителот планира капацитетите да ги удвои од сегашните 500.000 возила на еден милион возила годишно.
Фабриката во Гринхајде мирува
Работите сега се движат во спротивна насока. Тесла не само што отпушта од својата фабрика во Германија, туку и повремено ја става фабриката во мирување. Во мај, погоните не работеа четири денови, а во јуни петпати ќе се прави пауза. Компанијата наведува дека тоа се прави со цел да се подобри ефикасноста.
Причината е друга. Бидејќи сопствените плацеви се преполни, на Тесла ѝ се потребни нови површини за да ги одлага своите возила. На аеродромот Нојхарденбург во моментов се оставени илјадници возила, објавуваат германски медиуми.















